Саентист

Старата вакцина што можеби може да нè заштити од најновата заразна болест: БСЖ

Вакцинирањето со БСЖ за време на детството штити од други болести, т.н. случајни ефекти, па во тек се истражувања за да се утврди дали инјектирањето БСЖ-вакцина може да ги заштити лекарите и медицинските сестри од ковид-19.

Една од најстарите вакцини би можела да нè заштити од најновата заразна болест, ковид-19, вели Саентист. Вакцината скоро еден век им се дава на бебиња за да ги заштити од туберкулоза, но се покажа дека ги штити и од други инфекции, што ги поттикна научниците да испитаат дали може да заштити од коронавирусот.

Вакцината Бацилус Калмет-Герин (кај нас позната како БСЖ), именувана по двајца француски микробиолози, се состои од жив ослабен вид на Mycobacterium bovis, роднина на М. tuberculosis, бактеријата што предизвикува туберкулоза. БСЖ им е дадена на повеќе од 4 милијарди луѓе во светот, што ја прави најраспространетата вакцина на светско ниво.

Бидејќи освен од туберкулоза, БСЖ ги штити бебињата и од некои вирусни инфекции, истражувачите решиле да ги споредат податоците од земјите со и без задолжителна вакцинација со БСЖ за да видат дали политиките за вакцинација се поврзани со бројот или сериозноста на инфекциите со ковид-19. Неколку публикации во фаза на претпечатење последниве два месеци забележаа дека земјите со тековна програма за вакцинирање со БСЖ имаат пониски стапки на смртност од ковид-19 од оние без неа.

Една студија, на пример, откри дека задолжителната БСЖ е поврзана со значително побавен пораст и на потврдените случаи и на смртните случаи во првиот 30-дневен период на појавата на епидемијата. Друга студија ја моделира смртноста во дваесетина земји и заклучува дека оние без универзална вакцинација против БСЖ, како што се Италија, САД и Холандија, биле потешко погодени од пандемијата отколку оние со универзална вакцинација.

Мааната на претпечатените студии е што тие покажуваат статистички сооднос, а не причина и ефект. „Постојат многу извори на пристрасност во овие споредби меѓу земјите“, предупредува Зои Мекларен, професорка по јавно здравје на Универзитетот во Мериленд. На пример, вели таа, типовите на земјите што ја применуваат вакцината БСЖ можеби се со поголема веројатност да преземат и проактивни мерки за да ги заштитат своите луѓе од ковид-19, како што се наредбите „остани дома“. Мекларен вели дека може да наброи скоро 20 извори на пристрасност во овие студии. Во друг пример, оние што добиваат вакцина БСЖ веројатно имаат подобар почеток во животот, што ги поставува на поздрава траекторија. Студиите не може да ги опфатат сите збунувачки фактори.

Епидемиологот Кристин Стабел Бен од Универзитетот на Јужна Данска ја проучувала вакцината БСЖ во последните две децении и соопшти дека таа ја намалува вкупната смртност кај децата од заразни болести. Таа предупредува да не ги сфаќаме сериозно документите што се во фаза на претпечатење. „Ова се најслабиот вид докази што ги имаме во нашата пирамида на докази“, вели таа. „Тоа само ја поврзува распространетоста на една работа со распространетата на друга“.

Но наместо да ја отфрли идејата за врската на БСЖ со помалиот број заразени и починати, вели дека има добра причина таа сериозно да се разгледа. Таа има подиректни докази дека БСЖ-вакцинацијата може да го подготви нашиот имунолошки систем за вирусни инфекции. А голем број клинички испитувања сега почнаа да се занимаваат со тоа дали инјектирањето БСЖ во оние што се изложени на ризик од заразување со ковид-19 може да ги заштити од заболувањето.

 

Докази дека БСЖ штити од други инфекции

Делото на Бен е меѓу сè поголемиот број докази, како што детално опишува една понова анализа, дека вакцинирањето со БСЖ за време на детството штити од други болести, т.н. случајни ефекти. Голем дел од доказите што ги поткрепуваат новите клинички студии се засновани на испитувања на нејзината група и на работата на Михаи Нетеа од Медицинскиот центар на Универзитетот Радбуд во Холандија, која даде механистичко објаснување зошто БСЖ, дизајнирана да спречи бактериска инфекција, може да ја зајакне имунолошката реакција на вирусите.

Една студија од 2000 година, предводена од сопругот и долгогодишен соработник на Бен, Питер Аби, во Здравствениот проект Бандим, пријави значително намалување на смртноста што била далеку поголема отколку што може да се објасни со спречување на туберкулозата кај новороденчиња што примиле БСЖ во Гвинеја-Бисао. А една студија од 2005 година открила намалување на инфекциите на долниот респираторен тракт кај новороденчиња вакцинирани со БСЖ во истата земја. Во подоцнежните студии, вклучително и една објавена во 2017 година, Бен и Аби по случаен избор одбираат илјадници деца со мала тежина во оваа западноафриканска земја за да им инјектираат БСЖ веднаш по раѓањето или да бидат вакцинирани на возраст од шест недели, што е вообичаена практика таму. „Имаше намалување за една третина на смртноста кај новороденчињата што примаат БСЖ (претходно)“, вели Бен. Придобивките најмногу доаѓаат од намалените стапки на респираторни заболувања и септикемија кај бебињата, додава таа.

Во Гвинеја-Бисао, истражувачите исто така ги споредувале децата на кои им останала лузна по вакцинирањето со оние што примале вакцина, но не им останала лузна. Лузната сигнализира соодветен имунолошки одговор на вакцината. Во 2003 година Аби и колегите пријавиле значително помал морталитет кај децата со вакцинска лузна. Во последователната мета-анализа на слични студии, тие посочуваат дека треба да се земе предвид ефектот на ревакцинирање на децата на кои не им се појавила лузна.

„Бевме сведоци на повеќе од 40 проценти намалување на вкупната смртност кај оние што имаат лузна, наспроти оние што немаат лузна“, вели Бен.

Бен вели дека има надеж дека БСЖ може да биде од некаква корист кај тешкиот ковид-19. Таа пред неколку недели си инјектирала уште една доза од вакцината, за да го зајакне имуниот систем. „Овие неспецифични ефекти (од БСЖ) се најсилни кога ги гледаме исходите од респираторните инфекции“, вели Бен.

 

Можниот механизам

Кога Бен и Аби пред повеќе од една деценија пријавиле дека БСЖ ги намалува стапките на заразни болести, во тоа време ова било отфрлено како биолошки неоправдано, се сеќава таа. Вакцините предизвикуваат долготрајни мемориски Б-клетки, кои ги активираат сопствените гени за да скројат антитела против конкретен микроб. Овие Б-клетки потоа се чуваат складирани во коскената срцевина. Тие брзо се размножуваат ако домаќинот повторно наиде на патогенот, давајќи долготраен имунитет. Б-клетките не објаснуваат зошто една вакцина би дозволила некој подобро да реагира на сосема неповрзан микроб.

Нетеа во 2012 година сугерирал дека БСЖ функционира со ставање на „вродената“ гранка на имунолошкиот систем, како што се макрофагите, во состојба на повисока тревога, феномен наречен „обучен имунитет“. Задачата на макрофагите е да ги откријат, да ги опколат и да ги уништат непознатите ентитети. Тие исто така можат напомош да ги повикаат и цитокините, најважните секрециски производи на клетките на имунолошкиот систем по антителата. Се претпоставуваше дека овие чувари не памтат конкретни патогени, туку стојат како цврста одбрана на првите линии на фронтот. Пред дваесет години, овој вроден систем повеќето го сметаа за суров и неспецифичен, вели имунологот Лук О’Нил од колеџот Тринити Даблин. „Тогаш се случи коперниканска револуција во имунологијата. Одеднаш, се сфати колку е важна вродената страна“. 

Нобеловите награди во 2011 година отидоа кај научниците што ги открија вродените рецептори како чувари на имунолошкиот систем. Нивните истражувања поттикнаа поголем интерес за истражување на вродените имунолошки клетки. Нетеа последователно сугерираше дека БСЖ ги зајакнува имунолошките клетки од првата фронтална линија преку епигенетски промени и метаболичко премрежување.

Зајакнувањето на вродениот имунолошки систем е важно за вакцините и за идните инфекции. „Ако прво ставите БСЖ-вакцина, а потоа вакцина против грип, вакцината против грип работи подобро“, вели Нетеа. Тој го пријавил ова во 2015 година во плацебо-контролирана студија за вакцина против пандемскиот вирус во 2009 година. Во експериментот учествувале 40 мажи. Бен есенва ќе тестира дали инјектирањето БСЖ 14 дена пред вакцината против сезонски грип може да предизвика подобра реакција кај оние над 65 години.

За да сфати како БСЖ може да заштити од некој иден патоген, Нетеа заразил здрави луѓе-волонтери со ослабен вирус на жолта треска во плацебо-контролиран тест на случајно избрани луѓе. Субјектите што биле вакцинирани со БСЖ еден месец пред изложеноста покажале значително пониски количества циркулирачки вирус на жолта треска од оние што биле инјектирани со плацебо. Студијата, објавена минатата година, заклучува дека БСЖ предизвикала епигенетско репрограмирање на човечките моноцити и посилна реакција против вирусот на жолта треска.

По инјектирањето БСЖ, „има поголемо производство на провоспалителни цитокини. Тие полесно ги регрутираат имунолошките клетки до местото на инфекција и тие клетки се подобри во убивањето и елиминирањето на вирусот“, вели Нетеа.

Според хипотезата на Нетеа, БСЖ може да ги подготви макрофагите на начин што резултира со локално посилна реакција на цитокините против САРС-КоВ-2, фокусирана на местото на инфекцијата. „Ова ќе ја спречи подоцнежната неефикасна системска реакција, која може да му наштети на пациентот“, објаснува тој, таканаречената цитокинска бура. Макрофагите ги регрутираат Б- и Т-клетките во војна, што би значело дека оние што се зајакнати со БСЖ треба да бидат поефикасни при уништувањето на инфекцијата САРС-КоВ-2.

Зајакнатиот вроден имунитет по добивањето БСЖ веројатно е најсилен наредните две или три години, вели Нетеа, процена заснована врз епидемиолошки податоци кај деца. Според него, „ако некој е вакциниран пред 50 или 60 години, веројатно е незаштитен“. Ова е спротивно на епидемиолошките податоци, кои велат дека БСЖ сега им помага на возрасните да се борат со ковид-19. Мекларен вели дека дури и заштитата на вакцината од туберкулоза веројатно трае само две децении. И О'Нил е скептичен дека вродената зајакнатост трае толку долго. Тој вели дека се прашува дали државите со високи стапки на вакцинација со БСЖ, како што е Јапонија, можеби индиректно ги штитат старите лица од ковид-19 затоа што вакцинираните деца не им го пренесуваат толку многу на нив.

Но Бен смета дека вродената меморија можеби сепак може да нè изненади. „Со сигурност знаеме дека ефектот (на БСЖ) трае најмалку една година кај децата. Исто така, имаме знаци дека може да трае многу подолго“, вели таа, „во принцип сè до четириесет години“. Една данска студија на Аби и Бен посочи дека луѓето што примиле вакцина против големи сипаници и/или БСЖ вакцина во почетокот на школувањето имаат повеќе од 40 проценти намален ризик да умрат на возраст од 45 години. „Ова се виде кај заразните болести, но и кај кардиоваскуларната и невролошката болест“, објаснува Бен.

 

Почнуваат клиничките испитувања на БСЖ

Нетеа, кој соработува со Бен, не сака да каже дека БСЖ-вакцината од пред неколку децении штити од ковид-19, но и понатаму останува отворен кон ефикасноста на поновите БСЖ-вакцинирања. „Ни требаат клинички студии по случаен избор за да можеме да извлечеме заклучоци“, вели тој. Клиничките испитувања почнуваат во Холандија, Грција, Австралија, Данска, Франција, Германија и САД, вели Нетеа, претежно за тестирање на БСЖ кај медицинскиот персонал.

Во австралиското тестирање меѓу 4.000 здравствени работници, „ќе измериме дали оние што ја примаат вакцината помалку добиваат ковид-19 и ако го добијат, дали се пократко време болни или имаат помалку сериозни симптоми“, вели Најџел Куртис, клиничар и истражувач на Детскиот истражувачки институт Мурдок и Универзитетот во Мелбурн.

Во Холандија, Нетеа регрутира 1.500 медицински негуватели волонтери, од кои половина ќе бидат случајно избрани за да добијат БСЖ. Тој, исто така, наскоро почнува тест на 1.600 волонтери на возраст над 60 години, од кои половина ќе добијат плацебо-инјекција, а другата половина БСЖ. Нетеа се залага за БСЖ како можна превентивна мерка само за групите во ризик, за да се избегне недостигот. „Ова може да биде мост до вакцина“, вели О’Нил, кој забележува дека туберкулозните бактерии живеат во белите дробови, така што БСЖ можеби може да го зајакне имунитетот таму. „Секако, ги чекам тестовите“.

Бен планира тест во Данска врз 1.500 случајно одбрани здравствени работници, кои ќе примат БСЖ или плацебо, а потоа ќе се следат за ковид-19 и други заразни болести. Данска користеше БСЖ сè до 1980-тите, така што ќе има подгрупа меѓу нововакцинираните што еднаш веќе примиле БСЖ, во училиште. Бен претпоставува дека придобивките од БСЖ ќе бидат поизразени кај ова подмножество здравствени работници од оние што не добиле БСЖ како деца.

 

Ризик од недостиг од БСЖ

Во отсуство на податоци од клиничко испитување, Светската здравствена организација не препорачува БСЖ за превенција на ковид-19. Постои загриженост дека луѓето би можеле да се залетаат и да одлучат дека БСЖ е ефикасен пред да излезат резултатите од испитувањето. Мекларен вели дека е загрижена дека истрчувањето на претпечатените споредбени студии може да нанесе штета. „Ако луѓето ги толкуваат овие статистички студии како висококвалитетни докази, може да се случи да инвестираме во политики што се неефикасни и да ги одземеме ресурсите од новороденчињата и децата на кои им требаат вакцини против БСЖ“, вели таа.

Куртис исто така е загрижен. Тој вели дека слушнал дека резервите од вакцини во делови од Африка наменети за децата ќе бидат пренасочени кон здравствените работници. „Ова е трагедија“, вели Куртис. „Оваа вакцина ги штити бебињата од туберкулоза. Ако почнеме да ја користиме за нешто недокажано, постои опасност малите деца да ја платат цената“.

Објавено

Среда, Мај 6, 2020 - 10:16

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе