За едно две милијарди години

Соседна галаксија е на пат да се судри со нашиот Млечен Пат

Кога размислуваме за небесните закани за нашата планета, обично мислиме на големи астероиди и комети, или можеби на некое чудно распрснување на гама зраци или супернова. Она на што најверојатно не помислуваме е цела галаксија да се втурне кон нас, но според една нова студија, тоа е токму она што се случува во моментов.

Големиот Магеланов Облак (ГМО), блиската џуџеста галаксија, е на пат да се судри со Млечниот Пат, но сè уште нема потреба за грижи - до ѕвездениот судир има уште едно две милијарди години.

Големиот Магеланов Облак е еден од нашите најблиски вселенски соседи, орбитира околу Млечниот Пат на растојание од околу 163.000 светлосни години. Долго време се мислеше дека оваа џуџеста галаксија или ќе продолжи да зуи околу Млечниот Пат уште милијарда години, или ќе спрашти во вселената благодарение на брзите движења.

Но кога го погледнале од поблиску, астрономите сфатиле дека трето сценарио може да биде поверојатно. Една неодамнешна студија покажа дека ГМО е многу поголем отколку што изгледа, содржејќи речиси двојно повеќе темна материја отколку што претходно се мислеше. Тоа значи дека брзо губи енергија, забавува и е привлекуван кон Млечниот Пат.

За да предвидат што ќе се случи, тим предводен од истражувачи од Универзитетот во Дурам користел суперкомпјутер наречен Еволуција и склопување на галаксии и нивните околини (Evolution and Assembly of GaLaxies and their Environments, EAGLE). Ова им овозможува да градат реални модели на галаксии како што се Млечниот Пат и ГМО и да ги судираат за да видат што се случува.

Овие видови галактички судири се случуваат редовно, од вселенски аспект, и во овој случај, двете галаксии ќе се спојат во една. Во суштина, ГМО ваков каков што го знаеме ќе биде уништен, но неговите ѕвезди и планети ќе живеат како дел од понадуената верзија на Млечниот Пат.

Но тоа ќе биде трнлив процес. Тимот вели дека гравитационите ефекти од судирот ќе исфрлат многу ѕвезди од главниот диск на Млечниот Пат кон ѕвездениот ореол, ретко „населениот“ балон што ја опкружува галаксијата. Има мали шанси дека Сонцето може да биде една од нив, но истражувачите велат дека нашата позиција во галаксијата веројатно ќе нè заштити од таа судбина.

Најдраматичните ефекти ќе бидат забележани во центарот на галаксијата, а посебно во супермасивната црна дупка што се наоѓа таму. Таа ќе се храни со сите тие дополнителни гасови и материи што ќе ги донесе ГМО, отекувајќи 10 пати повеќе од сегашната големина. Тоа би можело да го претвори Млечниот Пат во активен галактички нуклеус или квазар, но за среќа исфрлените гама-зраци не би требало да бидат доволно силни за да ја оштетат Земјата.

Интересно е тоа дека овој судир требало одамна да се случи. Млечниот Пат е малку чуден - и неговиот ѕвезден ореол и црната дупка во неговиот центар се помали од повеќето други галаксии големи колку него. Но, според пресметките на тимот, откако ќе го голтне ГМО, Млечен Пат би требало да стигне до некој просек.

„Сметаме дека сè досега нашата галаксија имала само неколку спојувања со многу мали галаксии“, вели Алис Дејсон, коавтор на студијата. „За споредба, нашиот најблизок сосед, галаксијата Андромеда, има голтнато галаксии со тежина од околу 30 пати поголема од оние што ги консумира Млечниот Пат. Затоа, судирот со Големиот Магеланов Облак е задоцнет и е потребен за нашата галаксија да стане типична.“

Овој судир не е ни единствениот што го чека Млечниот Пат. Андромеда исто така шишка кон нас со околу 109 км во секунда, а првиот контакт треба да се случи за околу четири милијарди години. А со оглед на тоа колку таа галаксија е поголема од ГМО, ударот ќе биде многу покатастрофален.

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе

Денес, кандидати за политички функции се луѓето. Утре, тоа ќе го прават интелигентни машини. И, тие може и ќе победуваат, како што расте незадоволството на граѓаните од човечките политичари.

повеќе

Еден од начините на промовирање подобри меѓуетнички односи помеѓу децата е овозможување подолготраен контакт помеѓу нив што ќе овозможи создавање значајни индивидуални врски помеѓу децата.

повеќе