Њујорк тајмс

Смеете ли да пиете алкохол по вакцината против ковид?

Умереното пиење веројатно нема да го наруши имунолошкиот одговор на вакцината против ковид, но препивањето може.

Фото: ЕПА

По долга година и многу исчекување, добивањето на вакцината против ковид-19 може да биде причина за славење, што за некои може да значи турање пијачка и наздравување за својот нов имунитет. Но дали алкохолот може да го попречи имунолошки одговор на вашиот организам?

Краткиот одговор е дека зависи од тоа колку пиете, вели Њујорк тајмс.

Нема докази дека испивањето пијачка-две може да ја направи некоја од сегашните вакцини против ковид помалку ефикасна. Некои студии дури откриле дека на подолг рок, малите или умерените количества алкохол навистина може да бидат од корист за имунитетот со тоа што го намалуваат воспалението.

Пиењето големи количества алкохол, од друга страна, особено на долг рок, може да го потисне имунитетот и потенцијално да ја попречи вашата реакција на вакцината, велат експертите. Бидејќи може да се потребни и неколку недели по вакцината за телото да генерира заштитни нивоа на антитела против новиот коронавирус, сè што го попречува имунолошкиот одговор би било загрижувачко.

„Ако сте навистина умерен пијач, тогаш нема ризик ако се напиете алкохол околу времето на вакцината“, вели Илхем Месауди, директор на Центарот за истражување вируси на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, кој спроведе истражување за ефектите на алкохолот врз имунолошкиот одговор. „Но мора да бидете свесни што навистина значи умерено пиење. Опасно е да пиете големи количества алкохол бидејќи ефектите врз сите биолошки системи, вклучително и врз имунитетот, се прилично силни и се јавуваат прилично брзо откако ќе излезете од таа умерена зона“.

Како умерено пиење обично се дефинираат не повеќе од две чаши пијалак на ден за мажи и максимум еден пијалак на ден за жени, додека пак, како обилно пиење се дефинираат четири или повеќе чаши на ден за мажи и три или повеќе чаши за жени. Имајте на ум дека за една „стандардна“ чаша пијалак се сметаат 150 мл вино, 45 мл жесток алкохол или 350 мл пиво.

Загриженоста околу ковид-вакцинацијата и алкохолот првпат се појави откако во декември една руска научничка предупреди дека луѓето треба да избегнуваат алкохол две недели пред да се вакцинираат, а потоа да не пијат уште 56 дена. Ана Попова тврдеше дека алкохолот може да ја попречи способноста на организмот да развие имунитет против новиот коронавирус. Нејзиното предупредување предизвика жестока реакција во Русија, која има една од највисоките стапки на пиење во светот.

Во САД, некои експерти велат дека слушнале слична загриженост за тоа дали е безбедно да се пие околу терминот за вакцинација. „Добиваме многу прашања од нашите пациенти во врска со ова“, рече д-р Анџела Хјулет, вонредна професорка по заразни болести, која го води тимот за инфективни болести на Медицинскиот центар на Универзитетот во Небраска. „Разбирливо, луѓето што ги примаат овие вакцини сакаат да бидат сигурни дека ги прават сите вистински работи за да го зголемат својот имунолошки одговор.“

Едно нешто што е јасно од досегашните студии, вели Њујорк тајмс, е дека обемното консумирање алкохол го нарушува имунолошкиот одговор и ја зголемува вашата подложност на бактериски и вирусни инфекции. Ги спречува имунолошките клетки да патуваат до местата на инфекцијата и да ги извршуваат своите должности, како уништување на вирусите, бактериите и заразените клетки; тоа им олеснува на патогените микроорганизми да ги напаѓаат вашите клетки и предизвикува низа други проблеми.

Наспроти ова, се чини дека умереното пиење го нема тој ефект. Во една студија, научниците изложиле 391 лице на пет различни респираторни вируси и откриле дека умерените пијачи имаат помала веројатност да добијат настинка, но не и ако биле пушачи.

Во друга студија, д-р Месауди и неговите колеги им дале на резус-мајмуни седуммесечен пристап до алкохолни пијалаци, а потоа истражиле како нивните тела реагираат на вакцината против сипаници. Слично како и луѓето, некои резус-мајмуни уживаат во алкохол и би пиеле многу, додека други покажуваат помал интерес и би се ограничиле на мали количества. Истражувачите откриле дека животните што биле хронично тешки алкохоличари имале слаб одговор на вакцината. „Тие имаа скоро нула имунолошки одговор“, рече д-р Месауди.

Животните што консумирале само умерени количества алкохол, пак, создале најсилен одговор на вакцината, дури и во споредба со трезвениците што воопшто не консумираат алкохол. Студиите врз стаорци откриле слична шема: оние што консумираат големи количества алкохол имаат само слаб имунолошки одговор на инфекции во споредба со животните на кои им се дава умерено количество алкохол или воопшто не пијат алкохол. Други студии откриле дека кога луѓето пијат умерено, се чини дека им се намалуваат воспалителните маркери во крвта.

Друга причина за умерено внесување алкохол е тоа што обилното пиење - заедно со мамурлакот што може да следува - може потенцијално да ги засили несаканите ефекти што може да ги имате од вакцината против ковид, вклучувајќи треска, малаксаност или болки во телото и да се чувствувате полошо, рече д-р Хјулит од Медицинскиот центар на Универзитетот во Небраска. Д-р Хјулит решила да не пие откако ја примила вакцината против ковид. Но таа вели дека луѓето треба слободно да си пивнуваат сè додека пијат разумно.

„Ако испиете чаша шампањ, тоа веројатно воопшто нема да влијае на имунолошкиот одговор“, рече таа. „Сметам дека славеничкиот пијалак во умерени количества е добра работа“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе