Популар саенс

Системот за „одржување живот во биосферата“ е во опасност

Време е да им се посвети поголемо внимание на микробите, вели Популар саенс.

Слон тешко може да промашите. Амебата не толку тешко. На некој начин, не изненадува фактот што микробите - бактериите, габите, амебите и алгите - беа игнорирани во битката да се утврди како климатските промени влијаат врз животните на нашата планета. Но разбирањето на тоа како микроорганизмите влијаат врз климатските промени (и обратно) е од суштинско значење за разбирање на она што се случува со нашиот свет. Ова е аргументот со кој се занимава еден нов консензусен документ, составен од 33 микробиолози и објавен неделава.

„Едноставно кажано, микробиолошкиот свет го сочинува системот за одржување на животот на биосферата“, пишуваат авторите. Микробите се наоѓаат на дното на секој синџир на исхрана и живеат на места на Земјата каде што ништо друго не може да живее. Тие биле тука долго пред другите форми на живот, а животот се потпира врз нивните функции. Но и покрај ова фундаментално влијание, начинот на кој микроорганизмите се вклопуваат во климатските промени сè уште е слабо сфатен.“

„Микробите се насекаде, и тие се динамични“, вели Рик Кавикиоли, микробиолог на Универзитетот во Нов Јужен Велс Сиднеј и главен автор на трудот. Тие, исто така, може да имаат огромно влијание врз климатските промени, вели тој. Земете ги метаногените, микробите што го произведуваат целиот метан во светот. Тие се наоѓаат во телата на животните-преживари, како што се кравите, во оризовите полиња, во стопениот вечен мраз и на сите други места од каде што доаѓа метанот, и вели дека тие се одличен пример за тоа како човечките дејства можат да го произведат овој моќен стакленички гас.

Иако многумина од нас знаат дека кравите создаваат метан, го избегнуваме клучниот посреднички чекор: метаногените што живеат во дигестивните тракти на кравите. „Ние ги одгледуваме преживарите и чуваме толку многу од нив што тие испуштаат многу големи количества метан. Ние треба да ја разбереме врската помеѓу микробите и животното и одлуките што ги донесуваме како начин на живот“, вели Кавикиоли.

Промената на нашата исхрана за да се намали бројот на кравите (и на метаногените) што ги одгледуваме е еден метод за ублажување, вели тој. Но друга работа е дали околностите можат да го зголемат или да го намалат бројот на метаногените што живеат во секоја крава, а со тоа и количеството метан што го произведуваат. Во Западна Австралија истражувачите со таа цел ги истражуваат додатоците за храна.

Иако во документот се дискутира за неколку различни места каде што микробите се важни, неговиот главен фокус е на морските видови. Океанот се менува побрзо и подрастично од кое било друго место, а околу 90% од биомасата во океанот се составени од микроби, кои вршат суштински функции како што се врзување на јаглеродот и хранење на животните низ целиот синџир на исхрана. Но како и за многу работи во врска со океанот, пишуваат авторите, за морските микроби знаеме многу малку.

„Она што (авторите) најдобро го кажуваат е дека микробите навистина се невидливо мнозинство“, вели Кристофер Волтер, постдокторант-истражувач на Универзитетот во Минесота, кој не учествувал во трудот. Но кога станува збор за тоа кои суштества добиваат најголемо внимание, „нашата загриженост е малку накривена во однос на она за што се грижиме“.

Иако видливите животни како птиците и слоновите беа историскиот фокус на студиите за влијанието на климатските промени врз природниот свет, микроорганизмите почнаа да имаат поголемо влијание во изминатите пет години, вели Волтерс. „Има толку многу национални лаборатории што сега го проучуваат циклусот на исхрана и планираат да ги внесат во овие големи глобални климатски модели“, вели тој.

Но тоа е бавна промена, а обидите јавноста да ја разбере важноста на микробите одат уште побавно, вели Кавикиоли. Тој во моментов е вклучен во обид да ги подобри познавањата за микробите во училиштата уште од детските градинки па натаму. „Повеќето луѓе прилично малку знаат за нештата што се премногу мали или преголеми“, вели тој. „Има итна потреба да се зголемат познавањата и има итна потреба да се разберат врските меѓу микробите и климатските промени“.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе