Базфид

Што знаеме, а што не знаеме за имунитетот кон коронавирусот

Има причина за надеж: „Коронавирусот почнува многу да личи на другите вируси, кои доведоа до добри вакцини“, рече еден експерт за Базфид.

Иако пандемијата на новиот коронавирус сè уште им пркоси на предвидувањата, медицинските експерти изразуваат сè поголем оптимизам за способноста на човековиот имунолошки систем да се бори против вирусот.

По неодамнешната студија што откри дека кај оздравените пациенти од ковид-19 антителата (белег на имунолошкиот систем што реагира на инфекција) може да траат само неколку месеци следуваа злокобни наслови. Но изминатиов месец, надежните резултати од вакцините и новите откритија што го анализираат имунолошкиот одговор на луѓето што ја преживеале оваа болест, ги охрабрија научниците. Експертите предупредуваат дека ова е само провизорно со оглед на тоа што сè уште сме во раните месеци на пандемијата, во која досега починаа над 600.000 луѓе.

„Не сакаме да се истрчуваме, но коронавирусот почнува многу да личи на другите вируси што доведоа до добри вакцини“, рече имунологот Дани Алтман од Кралскиот колеџ во Лондон. „Воопшто не личи на некој од оние огромни натрапници што целосно нè закочија, како ХИВ или туберкулозата или маларијата, кои беа едни од поголемите неуспеси во последните 10 или 20 години“.

Големиот проблем, признаваат Алтман и другите експерти, е дека поминаа само неколку месеци од првото појавување на високозаразниот, смртоносен и непредвидлив вирус, кој го разори неподготвеното човештво, што ги прави невозможни долгорочните проекции.

Еве што знаеме досега за тоа како нашиот имунолошки систем може да нè заштити од коронавирусот - и што значи тоа за вакцината против ковид-19.

 

Како изгледа имунолошкиот одговор кај ковид-19?

Генерално, нашите имунолошки системи се чини дека ги користат сите вообичаени алатки што се достапни за борба против новиот коронавирус, изјави имунологот Џон Мур од Медицинскиот колеџ Вејл Корнел за Базфид. „Јас не сум целосно изненаден од тоа што го гледаме“, рече тој.

Студиите на пациенти со коронавирусот велат дека повеќето луѓе лесно развиваат антитела, кои функционираат со „неутрализирање“ на вирусите - блокирајќи го нивното размножување - и обележувајќи ги за уништување.

Антителата се развиваат во текот на една недела или подолго по изложеноста на вирусите, најсилно во тешките случаи и многу помалку кај благите. Студиите покажуваат дека белите крвни зрнца, кои помагаат да се направат антитела и да се убијат заразените клетки, по инфекцијата упаѓаат во крвотокот, што се смета за знак дека се регрутираат за да се борат со вирусот.

Постојат два вида бели крвни зрнца што создавачите на вакцини против коронавирусот сега внимателно ги следат: Б-клетките, кои создаваат антитела конкретно за овој вирус, и Т-клетките, кои или директно или индиректно ги убиваат заразените клетки. Некои Т-клетки се нарекуваат и клетки „помошници“, затоа што тие ги тренираат Б-клетките да ги направат оние антитела за конкретниот вирус. Долготрајната издржливост на овие борци - а не самиот број на антителата - му ја дава на имунолошкиот систем неговата „меморија“ за минатите вируси.

Добар знак во последните истражувања е дека, покрај антителата, се чини дека луѓето по заразувањето со ковид-19 лесно ги произведуваат овие конкретни Б-клетки и Т-клетки.

 

Колку трае имунитетот?

Никој не знае со сигурност, бидејќи САРС-КоВ-2 скокна на луѓето минатиот ноември, според генетските студии за вирусот. Едноставно, не помина доволно време за да се открие тоа.

Индивидуалните антитела имаат полуживоти што се мерат со денови и недели; имунолошкиот систем треба постојано да ги произведува за да останат на неутрализирачки нивоа во организмот. Една студија на Кингс колеџот во Лондон врз 65 лица пред две недели сугерираше дека антителата на САРС-КоВ-2 бледнеат до точка кога може да се забележат кај само 17% од пациентите три месеци по инфекцијата.

За мал број вируси како сипаниците, имунитетот доаѓа од долговечните имунолошки клетки, кои постојано и доживотно произведуваат антитела. Тоа не се случува со коронавирусите, како што се гледа од бројките на избледените антитела по оздравувањето од ковид-19. Не е некое изненадување антителата да згаснат по вирусната инфекција, рече Мур. „Тоа е нормално“, рече тој.

Сепак, студијата на Медицинската школа Монт Синај, врз скоро 20.000 оздравени пациенти од ковид-19 објавена минатата недела, во суштина откри дека пациентите зачувале антитела над „неутрализирачкото“ количество што ја спречува инфекцијата во рок од најмалку три месеци. Мошне нелогично, таа студија откри дека иако тешките случаи забележале пад на антителата по три месеци, поблагите случаи до тогаш доживеале пораст на нивниот број.

Обично, Т-клетките и Б-клетките остануваат по инфекцијата, спремни брзо да реагираат на повторен напад со правење повеќе антитела. А постојат знаци дека по оздравувањето од ковид-19, тие би требало да бидат долготрајни: во најблискиот роднина на новиот коронавирус што го заразува човекот, САРС-от, една студија на 23 лица што оздравеле од тој вирус во 2003 година покажа дека 17 години подоцна сè уште имаат мемориски Т-клетки за вирусот. Тие Т-клетки изгледаат слично на оние откриени кај посебна група од 36 пациенти со ковид-19, напаѓајќи го истиот дел од вирусната обвивка со која се обвиени обата коронавируси.

Тоа е надежен знак дека досега имунолошкиот одговор кон новиот коронавирус не изгледа како да се разликува од другите вируси, рече Алтман.

„Штосот е во деталите“, рече Алтман. „Треба да набљудуваме неколку месеци и години“.

 

Дали секој човек произведува ист имунолошки одговор?

Воопшто не. Се чини дека поблагите случаи произведуваат помалку антитела, додека потешките повеќе. Во една кинеска студија, на пример, 40% од асимптоматските пациенти имале невидливи нивоа на антитела осум недели по инфекцијата. Истиот тој парадокс, навидум послабиот број антитела кај поблагите случаи, се случи со САРС.

Одговорот на Т-клетката кај пациентите со ковид-19 исто така варира на неочекувани начини. Општо земено, се чини дека инфекцијата со новиот коронавирус повеќе предизвикува „помошници“ Т-клетки, кои водат кон повеќе антитела, а не толку од оние што ги ловат и ги убиваат заразените клетки.

Но извештајот на Универзитетот во Пенсилванија на 15 јули откри дека одговорите на Т-клетките на луѓето може да се поделат на три многу различни „имунотипови“. Во првиот тип, одговорите на Т-клетките беа „неурамнотежени“, рече коавторот на студијата, E. Џон Вери, за Базфид, со вишок помошни клетки и помалку од оние што ги убиваат заразените клетки. Во вториот тип имаше помалку помошни клетки, а повеќе клетки-убијци. На последниот тип во голема мера му недостигаше каков било одговор на Т-клетките, како имунолошкиот систем дури да не се ни активирал.

„Ни починаа пациенти од сите три типа, дури и од третиот имунотип, но состојбата кај првата група беше најлоша“, рече Вери. Овој вид „хетерогеност“ во реакцијата на имунолошкиот систем на некој вирус е невообичаена, додаде тој. „Сите си ги чешкаме главите поради ова“, рече Вери.

Откривањето на имунотипот на пациентот може да им помогне на лекарите да знаат кој треба да се лекува со лекови што го сузбиваат имунолошкиот систем, како стероидот дексаметазон, кој во истражувањето од јуни ја намали стапката на смртност за третина кај пациентите на вентилатори.

 

Може ли повторно да се заразите?

Спектарот на повторно заразување со новиот коронавирус ги прогонува здравствените работници најмалку од март, поттикнати од информациите за вакви случаи во Кина.

Но епидемиолозите сега се сомневаат дека информациите за повторно заразување поверојатно се случаи кога луѓето првиот пат воопшто не се излечиле од заразата, објави неодамна Њујорк тајмс. Неодамнешниот експеримент на еден кинески тим, чија цел беше повторно да се заразат мајмуни макаки со коронавирусот, експеримент што би било неетички да се спроведува кај луѓе, откри дека мајмуните сè уште се отпорни еден месец подоцна.

„Секако, макаките не се луѓе. Но во секој случај, наодите даваат надеж“, напиша директорот на Националниот институт за здравство, Френсис Колинс, истакнувајќи дека лекарите внимателно следат дали оздравените пациенти од епидемијата во Њујорк во март и април имаат знаци на повторно заразување. „До крајот на оваа година треба да имаме подобри одговори“, рече Колинс.

 

Зошто старите луѓе се потешко погодени од младите?

На 17 јули ЦДЦ ја елиминира возраста како посебен фактор на ризик за потешка форма на ковид-19, нудејќи одговор: постарите луѓе само имаат повеќе други болести, како што се дијабетес, карцином, дебелина, срцеви заболувања и други состојби што ги зголемуваат ризиците од смрт од новиот коронавирус. Ризикот кај децата со срцеви заболувања и слаб имунолошки систем е сличен, според ЦДЦ, иако повеќето деца имаат благи случаи. Збунувачки исклучок од ова правило е дека иако децата под 10 години се најмалата возрасна група кај тешките случаи, одреден број од нив добиле од мистериозен воспалителен синдром што напаѓа многу органи одеднаш.

Но и покрај ревизијата на ЦДЦ, возраста сè уште може да биде важна кога станува збор за вакцините. Кинескиот кандидат за вакцина, пријавен оваа недела, откри дека луѓето над 55 години имале помалку антитела по инјектирањето и дека може да им треба втора доза (или тоа може да значи дека веќе претходно биле изложени на безопасниот вирус употребен во таа вакцина, па го средиле со други антитела).

Имунолошкиот одговор против коронавирусот кај децата е особено збунувачки, рече Вери. Вообичаените заразни респираторни заболувања, како грипот, се особено тешки како кај постарите лица, така и кај најмладите пациенти. „Мислам дека децата тука ни кажуваат нешто многу интересно за детскиот имунолошки систем“, рече Вери.

Една шпекулативна можност што ја покрена Алтман е дека скоро постојаните настинки во раното детство, меѓу кои и некои од коронавируси, може да им даваат одреден степен на имунитет на децата. Сингапурската студија што откри 17-годишна реакција на Т-клетки против САРС, најде и реакција против САРС-КоВ-2 кај некои луѓе што не биле заразени од ниту една од двете болести. „Овој наод сугерира дека други во моментов непознати коронавируси, можеби со животинско потекло, може да предизвикаат Т-клетки за САРС-КоВ-2“, напишаа авторите.

 

Што значи сето ова за вакцините?

Големото прашање е колку долго вакцината би обезбедила имунитет, па дури и само да ги ограничи симптомите на ковид-19 за да умрат помалку луѓе. Ако имунолошкиот одговор на вирусот трае само околу една година, како што се чини дека се случува кај многу поблагите коронавируси што предизвикуваат околу 20% од обичните настинки, тогаш вакцината за САРС-КоВ-2 ќе треба да се прима еднаш годишно, исто како и вакцината против грипот. Ова би можело да ги попречи напорите да се спречи ширењето на вирусот, бидејќи само околу половина од населението се вакцинира против грип секоја година.

Добрата страна е што резултатите од два кандидати за вакцина објавени оваа недела од Кина и од Велика Британија покажаа дека активираат „неутрализирачки“ антитела кај повеќето волонтери, како и силна реакција од Т-клетките, рече Алтман. Обете вакцини го зајакнуваат имунолошкиот систем со инјектирање безопасен вирус што содржи некои од „шилестите“ протеини на новиот коронавирус.

Два други кандидати за вакцина чии резултати беа објавени минатиот месец, едниот од американската компанија Модерна, а другиот од германски Бионтек, вбризгуваат во клетките генетски инструкции за правење шилести протеини, во обид да го мобилизираат имунолошкиот систем против новиот коронавирус. Овие вакцини исто така создадоа Т-клетки за конкретниот вирус, но беа потребни две дози на временско растојание од околу еден месец. А во јуни, кинеската фармацевтска компанија Синовак го пријави својот кандидат за вакцина, старомодно вбризгување на убиени вируси за да се активира алармот во имунолошкиот систем, кој произведе неутрализирачки антитела кај 90% од волонтерите во испитувањето на безбедноста.

„Изгледа дека скоро секој пристап до вакцина што може да се употреби ќе предизвика пристојно ниво на неутрализирачка активност против вирусот“, рече Алтман.

Конечниот одговор на прашањето дали тие бројки ќе ја спречат заразата или само ќе помогнат да се ублажат симптомите ќе дојде во испитувањата од третата фаза, кои почнаа месецов и во кои учествуваат десетици илјади волонтери.

Објавено

Петок, Јули 24, 2020 - 23:22

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе