Ковид-19

Што можеме да очекуваме од пандемијата во 2022 година?

Во третата година од пандемијата на коронавирусот, очекувајте повеќе соеви, пониски стапки на смртност и постојани рестриктивни мерки, вели Њу саентист.

Фото: ЕПА

Иако пандемијата веројатно нема целосно да заврши во 2022 година, можеме да се надеваме дека ќе видиме некои позитивни промени: повеќе покриеност со вакцини, подобрени лекови и намалена смртност. Но мерките за ублажување, како што се носењето маски и социјалното дистанцирање, ќе останат клучни за контролирање на епидемиите и ограничување на еволуцијата на коронавирусот САРС-КоВ-2.

На Марија Ван Керхов, техничка раководителка за ковид-19 во Светската здравствена организација (СЗО), не ѝ се допаѓа фразата „да научиме да живееме со вирусот“. Таа вели: „Мислам дека не треба да научиме да живееме со него. Има многу работи што можеме да ги направиме за да го спречиме ширењето на вирусот. За мене не е прифатливо ниту едно ниво на смртност од ковид-19“. Следната година ќе се одвива онака како што ќе дозволиме ние, вели таа. „Клучно за она што ќе се случува ќе биде како понатаму ќе ја користиме вакцината меѓу оние што се најзагрозени“.

Клучно прашање ќе биде еднаквоста во однос на вакцините. До крајот на декември на глобално ниво беа дадени повеќе од 8 милијарди дози, но во нациите со ниски приходи само 8,1 отсто од луѓето примиле барем една доза. „Глобалните лидери не ја искористија вакцината како што требаше“, вели Ван Керхов. „Ако поинаку ги искористевме 8-те милијарди дози, сега ќе имавме многу поинаква епидемиолошка состојба“.

Во декември, земјите-членки на СЗО се согласија до 2024 година да подготват договор со кој ќе се утврдат нови меѓународни правила за подготовка, спречување и реагирање на пандемии. Се очекува претстојните преговори делумно да се занимаваат со нееднаквоста во обезбедувањето вакцини. „Како што земјите се здружија против тутунот и климатските промени, здравствената безбедност е премногу важна за да ѝ се остави на случајноста или на пријателските договори“, вели Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Бари Праделски од францускиот Национален центар за научни истражувања вели дека за Европа е клучно да се надмине колебливоста кон вакцините. Тој вели дека ковид-сертификатите се покажале како ефикасен поттик во многу земји, но тие треба да бидат недискриминаторски. „Неприфатливо е вакцините што СЗО ги смета за ефикасни да не се подобни како ковид-сертификати во некои региони, како што е случајот во ЕУ“, вели тој.

Напорите за вакцинација, вклучително и развојот на ажурирани програми за справување со новите соеви, треба да продолжат да го намалуваат влијанието на ковид-19 во 2022 година. „Очекувам да продолжам да гледам значително намалување на смртноста кај оние што се вакцинирани“, вели Ван Керхов. „Се надеваме дека значително ќе го намалиме тешкиот епилог на ковид-спектарот“.

Напредокот со лековите против болеста придонесува во оваа надеж. „Вакцините ќе останат камен-темелник на нашата борба против ковид-19, но со појавата на различни нови соеви, оралните (лекови) можеби ќе имаат многу важна улога во следната година“, вели Филип Еванс од британскиот Национален институт за здравствени истражувања.

Британија, на пример, почнува да користи антивирусни лекови и вештачки антитела кај оние со зголемен ризик од ковид-19. Луѓето што се најранливи на инфекции - како што се оние со рак, Даунов синдром или со слаб имунолошки систем - имаат право да го примат интравенскиот лек сотровимаб, моноклонално антитело што е дизајнирано да го блокира вирусот, доколку се тестирани позитивно за ковид-19.

Специјализираните болнички клиники во Обединетото Кралство, исто така, сега им го нудат оралниот антивирусен молнупиравир на луѓе што не се класифицирани како екстремно ранливи, но кои сè уште се изложени на поголем ризик, како што се оние на возраст од 50 години и повеќе или луѓе со состојби како дијабетес или тешка астма, како дел од големо истражување, вели Њу саентист.

Во почетокот на оваа година ќе доминира сојот омикрон, кој има околу 50 мутации во споредба со оригиналниот вирус, од кои 30 се во неговиот надворешен шилест протеин, кој го напаѓаат вакцините. Големите промени во овој протеин значително ја намалуваат ефикасноста на антителата против сојот.

Можно е овој сој да се развил кај човек со ХИВ што бил заразен со ковид-19 и некое време не можел да го исфрли вирусот. Нема директен доказ дека тоа е она што се случило, но истражувачите што го откриле омикрон побарале да се засилат напорите за справување со ХИВ. Ова нагласува колку ќе биде важно да се зауздаат инфекциите, особено кај луѓето со слаб имунолошки систем, за да се намали потенцијалот за развој на нови соеви.

Но новите соеви може да се појават и на други начини. Друго сценарио што е изнесено како објаснување на потеклото на омикрон е дека вирусот заразил некој вид животни, стекнал многу мутации додека се ширел меѓу нив и потоа се вратил кај луѓето. Некои од мутациите во шилестиот протеин на омикрон се исти како оние забележани кај вирусите САРС-КоВ-2 што се приспособиле да се шират кај глодачи како глувците, иако ова може да биде само случајност.

Повтореното откривање на САРС-КоВ-2 кај дивите животни, на пример кај белоопашестиот елен во САД, ја загрижува Марион Купманс од Медицинскиот центар на Универзитетот Еразмус во Холандија, која вели дека 2022 година ќе биде „тежок период“. Распространетата инфекција на овие елени во САД значи дека постои ризик да се заразат други животни и дека ќе се појават нови соеви и ќе им бидат пренесени на луѓето. „Тоа е нешто што треба активно и агресивно да го следиме, за да избегнеме создавање нови резервоари за вирусот“, вели таа.

Исто така, можно е соевите да се комбинираат еден со друг или со други коронавируси. Вирусот ќе еволуира затоа што не правиме доволно за да го запреме преносот, вели Ван Керхов. „Не зборувам за карантини, туку за социјално дистанцирање, носење маски, работење од дома, подобрување на вентилацијата“, вели таа. „Ние треба внимателно да ги отвориме општествата без да ги укинеме овие јавноздравствени мерки“.

На крај, таа верува дека ковид-19 ќе стане сезонски, со периодични скокови кај популациите со пониски нивоа на имунитет. Но ова нема да се случи наскоро поради тоа што вирусот напредува во сите делови на светот, вели таа.

Другите истражувачи се пооптимистични. „Во 2022 година, повеќе ќе преминеме во ендемската фаза на инфекцијата САРС-КоВ-2, каде што продолжуваме да учиме да живееме со вирусот“, вели Елизабет Мекнали од Универзитетот Нортвестерн во Чикаго, Илиноис.

Сепак, Ван Керхов останува позитивна. „Ова нема да биде вечно, ќе го надминеме. Тоа е нешто што можеме да го кажеме со сигурност - пандемијата ќе заврши“.

Кога ќе се случи тоа, сепак, зависи од нашите постапки, вели Тедрос. „Вирусот покажа дека нема едноставно да исчезне. Колку повеќе животи и приходи ќе одземе зависи од нас“, вели тој. „Завршувањето на пандемијата не е прашање на случајност, тоа е прашање на избор“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе