Фармацевтските компании под притисок што побрзо да развијат вакцина

Ризично е да се избрзува со производството на вакцина

Фармацевтските компании работат со забрзано темпо за да развијат вакцина против коронавирусот, кој зарази повеќе од 100.000 луѓе низ светот.

Зад кулисите, научниците и медицинските експерти стравуваат дека забрзувањето на процедурата на производство на вакцината би можело кај одделни пациенти да ја влоши инфекцијата наместо да ја спречи.

Студиите покажуваат дека вакцините за коронавирус носат ризик да ја влошат состојбата, односно наместо да заштитат од инфекција, вакцината всушност ја влошува болеста кога вакцинираното лице ќе се зарази со вирусот. Механизмот кој го предизвикува тој ризик не е сосема јасен и е една од пречките што го спречува успешниот развој на вакцината за коронавирусот.

Во нормални околности истражувачите со месеци спроведуваат тестови на животни за да утврдат дали постои можност вакцината да ја влоши болеста. Имајќи ја предвид ургентноста на ситуацијата поради молскавичното ширење на новиот коронавирус, одделни фармацевтски компании веднаш преминуваат на ограничени тестирања на луѓе, без претходно да чекаат такви тестови да бидат завршени на животни.

„Генерално ја разбирам важноста од забрзувањето на процесот на производство на вакцините, меѓутоа врз основа на сѐ што знам, со оваа вакцина тоа не треба да се прави“, вели за Ројтерс доктор Питер Хотез, декан на Националната школа за тропска медицина на Бејлор медицинскиот колеџ.

Хотез работел на развивањето вакцина за САРС (Тешкиот акутен респираторен синдром), кој исто така припаѓа на семејството коронавируси и кој во 2003 година предизвика епидемија, и открил дека кај некои вакцинирани животни болеста се јавила во потежок облик отколку кај невакцинираните. „Постои ризик да дојде до влошување“, кажа Хотез и додаде дека тој ризик се намалува доколку тестовите потврдат дека тоа не се случува кај лабораториските животни. Ројтерс потсетува дека не постои вакцина за ниеден од новите коронавируси кои предизвикаа епидемии во изминатите 20 години.

Меѓутоа, во овој момент светските експерти сметаат дека вреди да се ризикува со забрзано тестирање. На вонредниот состанок на Светската здравствена организација (СЗО) одржан кон средината на февруари со цел координирање на глобалната реакција на новиот коронавирус, претставниците на истражувачките и фармацевтските компании се сложија дека заканата е толку голема што треба да се забрза почетокот на тестирањето врз луѓето, пред да заврши тестирањето врз животните, изјави четири извори за Ројтерс.

„Ја сакате вакцината што е можно побрзо“, кажа докторката Мар Пол Кијени, поранешна помошничка на генералниот директор на СЗО. „Тогаш тоа мора да го избалансирате со ризикот за многу мал број луѓе, и да направите сѐ што е можно за тој ризик што повеќе да го ограничите.

Националните агенции се задолжени за регулаторен надзор на фармацевтските компании и медицинските истражувања. Највлијателната, американската Управа за храна и лекови (ФДА), навести дека се сложува со постигнатиот консензус и дека нема да спречи забрзано тестирање.

„При реагирањето на вонредните здравствени ситуации како со новиот коронавирус, планираме да покажеме регулаторна флексибилност и да ги земеме во разгледување сите релевантни податоци за одредена платформа на вакцината“, изјави портпаролката на ФДА Стефани Какомо.

Кинеските функционери тврдат дека следниот месец ќе имаат спремна вакцина за коронавирусот за вонредни ситуации и клинички тестирања.

Осум институти во таа земја работат на пет пристапи на вакцинирањето во напорите да се изборат со ковид-19, објавија кинеските медиуми. Според податоците од вторникот вечерта, со вирусот низ светот се заразени над 118.000 луѓе, а 4.200 се мртви, главно во континентална Кина.

„Според нашите процени, се надеваме дека во април некои вакцини ќе бидат клинички тестирани или користени во вонредни ситуации“, кажа Женг Жонвеи, директорот на Центарот за развој на науката и технологијата во кинеската Национална здравствена комисија.

Кинескиот закон наложува тестирање во траење од 12 до 18 месеци за вакцините да бидат безбедни за јавноста, но можат и порано да се стават во употреба во вонредни здравствени ситуации доколку се процени дека користа е поголема од ризикот.

Женг ги отфрли стравувањата за безбедноста на вакцините, истакнувајќи дека се развиени во согласност со „научните и стандардизираните технички барања“.

Биотехнолошката компанија Модерна инк од Масачусетс, САД ја испрати својата вакцина минатиот месец во Националниот институт за алергии и инфективни болести. Првите резултати би можеле да бидат објавени во јули или август.

Наместо да седнат заедничи и оние од власта и оние од опозицијата и да се договорат околу стратегијата за борбата со најголемата опасност, тие мудруваат и кажуваат бајки.

повеќе

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

повеќе

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе