Половина век од мисијата Аполо 11

Првиот чекор на Месечината - дали тоа беше моментот што ги обедини Земјаните?

Слетувањето на Месечината и по половина век инспирира и восхитува, но и поттикнува бизарни и штетни теории на заговор, додека сфаќањата и дострелот на технологијата, како и на човековите достигнувања, се трајно променети со мисијата Аполо 11.

И 50 години откако Нил Армстронг остави трага од стапало на површината на Месечината, јасно е дека Аполо 11 уште долго време ќе ја развива фантазијата - од поимањето и дострелот на науката и технологијата, акциите за справување со „овоземните“ проблеми, па сè до ширењето теории на заговор, пишуваат светските медиуми.

 

Аполо 11 во 50-та година

Пред половина век, среде години на војна, глад, улични насилства и ширењето голем генерациски јаз, за прв пат луѓето од планетата Земја „зачекорија на друг свет“, обединувајќи ги луѓето од целиот свет на дотогаш невиден начин, вели агенцијата Асошиејтед прес

Стотици милиони луѓе слушаа на радио или ги гледаа зрнестите црно-бели слики на телевизија, кога Нил Армстронг и Баз Олдрин стапнаа на месечината на 20 јули 1969 година, како еден од најзначајните технолошки достигнувања на човештвото. Додека Армстронг ја изговараше антологиската реченица „Ова е мал чекор за човекот, но џиновски скок за човештвото“, астронаутот Мајкл Колинс, кој тогаш во матичниот брод сам кружеше околу Месечината, беше трогнат од единството на луѓето на Земјата.

Колинс, кој сега има 88 години, во едно неодамнешно интервју за АП изјави дека луѓето во целиот свет ретко се усогласени за нешто, а дека во времето на првото слетување на Месечината се чувствувале како и самите да биле учесници на настанот и дека ова достигнување го поздравувале и оние од „север, југ, исток и запад, богатите и сиромашните“.

Но иако тоа чувство на единство не траело долго, 50 години подоцна, мисијата Аполо 11 - како кулминација на напорната работа и сила на околу 400 илјади луѓе и вложени милијарди американски долари за победа во вселенската трка со Советскиот Сојуз - сè уште е возбудлива, укажува агенцијата наведувајќи дека за многу луѓе заминувањето на Месечината било голема мотивација, бидејќи „небото веќе не беше граница“.

 

Промените по „малиот чекор“ на Месечината

Слетувањето на Месечината е инженерски потфат, кој засекогаш ги смени вокабуларот, метафорите и наративот за технологијата, но во исто време Аполо 11 им значи толку многу различни работи на разни луѓе, вели списанието Атлантик.

Во вообичаениот наратив, се вели во текстот, програмата Аполо е чист триумф со амбиции и изведба што ги обликуваат универзалните термини, но и со уникатно значење што едноставно нè имплицира „нас“ - „Одиме на Месечината, бидејќи тоа е многу тешко и поради тоа што таа е таму“. Но, во исто време, вели Атлантик, мора да е значајно тоа што првата посета на Месечината делумно е мотивирана од воени прашања и остварена со не мала помош од бивши нацисти.

Мора нешто да значи и тоа што слетувањето на Месечината толку агресивно беше придружено со пропаганда, и дома и во странство, каде што скапоцените камења од Месечината им беа испратени на земји низ целиот свет за да се фрли „месечински сјај“ врз Никсоновата доктрина. Исто така, мора нешто да значи тоа што на површината на Месечината само 12 луѓе шетаа, се смееја, па дури и танцуваа, и сите беа белци. „Не можам да му ги платам сметките на лекарот, ама белец е на Месечината“, напиша црнечкиот поет Џил Скот-Херон во 1970 година.

Постои и обемна литература за американската машкост и фигурата на астронаут, без ниту збор за компјутерската програмерка. Во неодамнешниот документарен филм „Аполо 11“ е прикажана впечатлива слика на Џо Ен Морган, единствената жена во контролата на мисијата на НАСА, чиј сјаен светлорозов кармин се издвојува во морето бели кошули - изгледаше како гостинка од иднината, и на некој начин тоа и беше.

Слетувањето на Месечината, исто така, може да се толкува како медиумски настан, подвлекува Атлантик. На скалата на телевизиските спектакли, пренесувањето на слетувањето може да се спореди со терористичкиот напад на 11 септември 2001 година и се поставува прашањето што значи тоа што обата настани инспирираа бизарна долготрајност на теориите на заговор.

 

Теоретичарите на заговори сѐ уште завиваат за „измамата на Месечината“

Иако ова лето се одбележува 50-годишнината од слетувањето на Месечината, но и фактот дека Трамповата администрација ѝ нареди на НАСА до 2024 година повторно да однесе астронаути во вселената, тоа сепак нема да ги промени умовите на луѓето што живеат во паралелен универзум - во увереност дека НАСА го лажирала слетувањето на Аполо 11, пишува Вашингтон пост и укажува дека теориите на заговор тешко умираат, но и дека не се безопасни.

И покрај доказите на НАСА: од 1969 до 1972 година на Месечината стапнаа 12 астронаути, кои собраа камења и честички што научниците од целиот свет со децении ги истражуваат; сè уште можете да ги рефлектирате земјените ласери од ретрорефлекторските огледала поставени на површината на Месечината, лунарниот извидувачки орбитер во 2011 ги прикажа локациите за слетување (...); теорите на заговор тешко умираат, се наведува во текстот и се нагласува дека денес тие полесно се шират во интернетскиот универзум.

Теориите на заговор може да изгледаат чудно и неупадливо, но не се безопасни, оценува вашингтонскиот весник и додава дека зад нив обично демне сеприсутниот гнев, па тие често пренесуваат расистички, антисемитски, исламофобични верувања, додека во најотровната форма доведоа до насилство, вклучувајќи и масовни пукања.

Теоријата на заговор не мора да ги даде сите одговори, туку создава отворен наратив во кој теоретичарот на заговорот знае дека она што го зборуваат експертите не е вистина, како што се вели во текстот, па конспиративното размислување придонело за отфрлање на научниот консензус за прашања како што се климатските промени, безбедноста на вакцините и ХИВ / СИДА.

Во текстот како заклучок се пренесува изјавата на Наоми Орескес, професорката по историја на науката на Харвард, која вели дека теориите на заговор се важни кога станува збор за прашања како што се климатските промени и безбедноста на вакцините, како и дека без доверба во институционалната власт - а особено без доверба во науката - не постои начин да се поправат дезинформациите.

 

Одење на друга планета или спасување на Земјата

Постои барем една работа што ја покажа Аполо - дека Америка може да успее во решавањето на сложените проблеми. Во моментов постои еден проблем и приоритет не е испраќањето човек на друга планета, туку спасувањето на единствената што ја нарекуваме дом, пишува во својот уреднички коментар Ју-Ес-Еј тудеј.

Истата комбинација на одлучност и интелигенција што го спушти човекот на Месечината може да се искористи за катастрофалното зголемување на нивото на морето, екстремните временски услови и други катастрофални ефекти на создавањето стакленички гасови, кои ја загреваат атмосферата.

Таквата мисија, по потреба, би вклучувала и поставување ресурси во различни области: напредни батерии за возила и големи складишта за електрична енергија, заробување на јаглерод, соларни полиња и нуклеарна енергија. Ова би значело одредување на цената на емисиите на стакленички гасови и споделување на технолошките откритија на Америка со остатокот од светот, бидејќи глобалното затоплување бара меѓународна реакција.

Покровителите на НАСА често го наведуваат триумфот на мисијата Аполо 11 како причина за нови патувања на Месечината и други трошоци за истражување на вселената, но големата научна и инженерска загатка што треба да се реши денес се всушност климатските промени, вели Ју-Ес-Еј тудеј.

 

Не сакаа сите на Месечината

Оваа недела не треба да го славиме само извонредниот успех на слетувањето на двајца луѓе на Месечината, туку треба да им аплаудираме и на оние што излегоа на улиците за да ја приземјат вселенската трка кон тогашните проблеми на Земјата, пишува историчарот Нил Мер во коментарот што го објави Њујорк тајмс.

Помалку од еден месец пред првиот човек да зачекори на Месечината, речиси половина милион млади луѓе танцуваа на дожд и кал на музичкиот фестивал во Вудсток, со песни што ја критикуваа американската политика и беа против војната во Виетнам, вели авторот и напоменува дека Аполо 11 и Вудсток симболизираат силен културен јаз, кој го достигна својот врв во летото 1969 година.

Прашањето беше дали САД требало да потрошат 20 милијарди долари за победа во студеновоената трка или требало да направат поинаква финансиска и политичка определба и да се справат со мноштвото проблеми што тогаш ја треселе планетата - не само војната во Југоисточна Азија, туку и расната дискриминација, загадувањето, сиромаштијата и родовата нееднаквост, се наведува меѓу другото во текстот.

Конгресот и НАСА во голема мера ги игнорирале приговорите на активистите, но откако Армстронг и Олдрин стапнаа на површината на Месечината, поддршката за истражување на вселената почнала да опаѓа, додека растел јавниот притисок врз Конгресот да ги пренамени милијардите претходно посветени на истражување на вселената.

Така НАСА, поради намалувањето на популарноста и недостигот од нови резултати, почнала да ги прифаќа критиките од уличните активисти - во 1971 година вселенското тело укинало најголем дел од своето истражување за Виетнамската војна. Една година подоцна, НАСА ги направи првите чекори кон отворање астронаутски корпус за жени и оформи своја Проектна канцеларија за урбани системи со цел да им помогне на сиромашните жители на градот, се вели во коментарот објавен во Њујорк тајмс.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе