Пронајдена мермерна глава на првиот римски император Август, стара 2000 години

Во италијанскиот град Изернија е пронајдена 2000-годишна мермерна глава на Август, првиот римски император.

Фото: ЕПА

Археологот Франческо Џанкола го оствари ова неверојатно откритие за време на реставраторски работи на средновековен ѕид, кој се срушил во 2013 година поради обилни дождови.

„Кога започнавме да копаме зад ѕидот, видов дека земјата почна да има друга боја. Продолживме да копаме со прецизни алатки и се појави блок мермер. Веднаш видов дека се работи за глава од статуа на Август, поради косата и обликот на очите“, рече Џанкола.

Главата, висока 35 сантиметри, припаѓа на периодот помеѓу 20 и 10 година п.н.е. Таа била дел од статуа висока повеќе од два метра. Изработена е од истиот мермер што го користел италијанскиот ренесансен уметник Микеланџело и го прикажува младиот Август, кој станал првиот император на Рим во 27 п.н.е.

„Се работи за важна статуа. Можеби стоела во храм посветен на култот на царското семејство или во форумот. Но, ова се само хипотези затоа што не знаеме каде се наоѓал форумот на ова подрачје“, рече археологот Марија Дилета Коломбо.

Изернија, позната во античкиот свет како Аезернија, првично била област населена со италијанскиот народ (Итали) Самнити, а подоцна станала римска колонија. Градот бил делумно уништен за време на Втората светска војна, но подоцна бил повторно изграден.

„Изернија има многу богата историја. Под целиот град има археолошки остатоци“, изјави за Си-ен-ен градоначалникот Џакомо Даполонио, додавајќи дека за време на ископувањата биле откриени празни средновековни гробници и предмети од теракота.

Август изградил империја што на крајот се протегала од Велика Британија па сè до Египет, а на смртната постела се пофалил дека „го пронајдов Рим во кал, а го оставам во мермер“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе