САД

Почна тестирањето вакцина против коронавирус, американски волонтер ја доби првата доза

Американските истражувачи денеска му ја вбризгаа првата доза на првото лице во склоп на тестирањето експериментална вакцина против коронавирус - почнувајќи ја светската потера по заштита од вирусот додека пандемијата се шири.

Со внимателно вбризгување во рамото на здрав волонтер, научниците од Вашингтонскиот истражувачки институт Кајзер Перманенте во Сиетл ја почнаа нетрпеливо очекуваната прва фаза на проучувањето за потенцијална вакцина за ковид-19 развиена во рекордно време откако новиот вирус експлодира од Кина и се рашири низ целиот свет.

Водач на истражувањето на Кајзер Перманенте е д-р Лиза Џексон.

Асошиејтед прес вели дека по првиот, уште тројца волонтери чекале да бидат тестирани. На крај, 45 волонтери ќе добијат по две дози, во растојание од еден месец.

Денешниот пресврт го означува почетокот на серијата студии врз луѓе потребни за да се докаже дали вакцините се безбедни и дали би можеле да функционираат. Дури и ако истражувањето оди добро, вакцината нема да биде достапна за широка употреба 12 до 18 месеци, рече д-р Ентони Фаучи од американскиот Национален институт за здравство.

Сепак, наоѓањето вакцина „е итен приоритет на јавното здравство“, рече денеска Фаучи.

Потенцијалната вакцина, со кодно име мРНА-1273, е развиена од страна на Националниот институт за здравство и биотехнолошката компанија со седиште во Масачусетс „Модерна инк.“. Нема шанси учесниците да се заразат од инјекциите во оваа фаза, бидејќи тие не го содржат самиот коронавирус.

Некои од внимателно избраните здрави доброволци во истражувањето, на возраст од 18 до 55 години, ќе добијат поголеми дози од другите за да се тестира колку се силни вакцините. Научниците ќе проверат дали има несакани ефекти и ќе извлечат примероци од крв за да проверат дали вакцината го обновува имунолошкиот систем, во потрага по охрабрувачки знаци како тие што Институтот претходно ги нашол кај вакцинирани глувци.

„Не знаеме дали оваа вакцина ќе предизвика имунолошка реакција, или дали ќе биде безбедна. Затоа вршиме тестирање“, истакна Џексон. „Не е во фаза кога е можно или претпазливо да ѝ се даде на општата популација.“

Повеќето од вакцините чие истражување се спроведува на глобално ниво се фокусирани на протеинот што е соодветно наречен „шилец“, кој ја боде површината на новиот коронавирус и му дозволува да ги нападне човечките клетки. Блокирајте го тој протеин и луѓето нема да се заразуваат.

Истражувачите од Институтот го копирале делот од генетскиот код на вирусот што содржи упатства за клетките да го создадат протеинот-шилец. „Модерна“ ја спакувала таа „ДНК“ во вакцина.

Идејата: телото ќе стане минифабрика, произведувајќи го безопасниот протеин-шилец. Кога имунолошкиот систем ќе го забележи непознатиот протеин, тој ќе направи антитела за да го нападнат - и да бидат подготвени да реагираат брзо ако лицето подоцна се сретне со вистинскиот вирус.

Ова е многу побрз начин за производство на вакцина од традиционалниот пристап на одгледување на вирусот во лабораторија и подготвување инјекции од неговата или убиена или ослабена верзија.

Но бидејќи вакцините им се даваат на милиони здрави луѓе, потребно е време за да се тестираат на доволно голем број за да се забележи некој невообичаен несакан ефект, предупредува д-р Нелсон Мајкл од Истражувачкиот институтот на Волтер Рид арми, кој развива поинаква потенцијална вакцина.

„Науката може да се движи многу брзо, но на прво место е да не се прави штета, нели?“, им рече тој на новинарите минатата недела.

Ова не се единствените потенцијални вакцини што се чекаат. Десетици истражувачки групи низ целиот свет се тркаат да создадат вакцина против ковид-19. Друга потенцијална вакцина, направена од „Иновио фармасутикалс“, се очекува следниот месец да почне сопствено тестирање на безбедноста на инјекцијата - во САД, Кина и Јужна Кореја.

Ковид-19 го распара светското социјално и економско ткиво, вели АП, откако Кина првпат го идентификуваше вирусот во јануари: цели региони ги затвораат училиштата и фирмите, ги ограничуваат патувањата, ги откажуваат забавните и спортските настани и ги советуваат луѓето да се држат подалеку едни од други.

Наместо да седнат заедничи и оние од власта и оние од опозицијата и да се договорат околу стратегијата за борбата со најголемата опасност, тие мудруваат и кажуваат бајки.

повеќе

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

повеќе

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе