Петте масовни истребувања што ја обликуваа историјата на Земјата - и шестото што се случува сега

Смртта на диносаурусите беше само еден од петте глобални настани што збришаа милиони видови суштества. Како се случуваат овие настани? И како можеме да спречиме тоа да се повтори?

Фото: Пиксабеј

Последниве 10.000 години на Земјата се одвива уште едно истребување, кое брзо ги збришува животните од нашата планета.

Научниците го дефинираат масовното истребување како настан од кој околу три четвртини од сите видови умираат за „краток“ геолошки период. Со оглед на огромниот период што поминал од првиот еволуиран живот на планетата, како „кратко“ се дефинира сѐ што е помалку од 2,8 милиони години. Во моментов, луѓето се наоѓаат во почетокот на најновото масовно истребување, кое се движи многу побрзо од кое било друго. Од 1970 година, популацијата на 'рбетниците опадна во просек за 68%, а во моментов се смета дека повеќе од 35.000 видови се во ризик од истребување, според Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН). Само во текот на 20 век, дури 543 копнени 'рбетници изумреле.

Дали се виновни луѓето?

Уште од почетокот на загадувачката индустриска револуција во 1760 година, луѓето се главниот придонесувач за тековната еколошка криза на Земјата. Од емисиите на стакленички гасови и осиромашувањето на озонот до уништувањето на шумите, натрупувањето пластики и нелегалната трговија со животни, луѓето активно учествуваат во истребувањето на некои видови од светот и се закана за многу други.

Има и такви што тврдат дека климатските промени и истребувањето на животинските видови се природен дел од животот, и на некој начин тоа е точно. На крајот на краиштата, првите пет масовни истребувања се случиле без присуство на човекот. Сепак, разликата е во брзината со која се случуваат овие масовни изумирања.

Фосилните записи не кажуваат само какви суштества постоеле пред нас, туку и колку долго еден вид може природно да преживее пред да изумре без да се вмеша човекот. Ова се нарекува вообичаена стапка на истребување и е еднаква на истребување на околу 1 вид од 1 милион видови годишно. Во моментов, поради човечката активност, вистинската стапка на истребување е десетици илјади пати поголема, што значи дека видовите исчезнуваат многу побрзо отколку што треба. Студиите откриле дека некои видови што се истребени од Земјата ќе продолжеле да живеат уште 800 до 10.000 години ако не се вмешал човекот.

Пандемиска перспектива

Никогаш порано светот не бил во можност - ако не и принуден - да направи чекор назад од вообичаениот живот и да ѝ го даде на природата потребниот простор за дишење. Карантините во 2020 година доведоа до 17% глобално намалување на емисиите на јаглерод и 20% пад на нивоата на азотен оксид, според НАСА. Водните текови се исчистија, а животните почнаа да влегуваат во градовите низ целиот свет. Иако ова се чини како прекрасна преродба за планетата, таа е привремена бидејќи човечката цивилизација се враќа во нормала и истребувањата се враќаат на претходната стапка.

Екотуризмот е индустрија што ги разгорува напорите за зачувување низ светот, но од воведувањето на глобалните мерки против патувањата, тој е пред пропаст. Без приходот од туристите, заштитниците на природата имаат проблем да ги заштитат ранливите видови од ловокрадство, кое за време на пандемијата е во пораст, објави Њујорк тајмс. Носорозите во Боцвана, дивите мачки во Јужна Америка и тигрите во Индија минатата година беа мета на напади.

5-ТЕ МАСОВНИ ИСТРЕБУВАЊА

Ордовичко-силурското истребување: пред околу 440 милиони години

Изумрени видови: 85%

Првото масовно истребување на Земјата се случило во период кога организмите, како што се коралите и школкестите раменоношци, ги исполнувале плитките води во светот, но сè уште се немале пуштено на копно. Самиот живот почнувал да се шири и разгранува, откако првпат се појавил пред околу 3,7 милијарди години. Но пред околу 440 милиони години, климатските промени предизвикале промена на температурата на морето, па најголем дел од животот во океаните изумрел.

На крајот на периодот ордовик, јужниот суперконтинент, Гондвана бил опфатен од нагол почеток на масовно замрзнување. Толку големото замрзнување заробило високи проценти од светската вода и драматично го намалило нивото на светските мориња, што ги уништило живеалиштата на многу видови, уништувајќи ги синџирите на исхрана и намалувајќи им ја репродуктивноста, вели студија објавена во списанието Океанологија.

Не е познато што точно ги предизвикало овие настани. Една од теориите е дека процесот на ладење можеби бил предизвикан од формирањето на северноамериканските Апалачки Планини. Огромната ерозија на овие планински силикатни карпи се поврзува со отстранувањето на јаглерод диоксидот од атмосферата.

Сепак, со ова не се согласуваат сите научници. Други теории сугерираат дека можеби во океанските води се растворил токсичен метал за време на период на осиромашување на кислородот, збришувајќи го морскиот живот, според Нешнел џиографик. Други научници велат дека изливот на гама-зраци од супернова отворил огромна дупка во озонската обвивка, поради што смртоносното ултравиолетово зрачење го убило животот долу, а една од теориите вели и дека причина бил вулканизмот.

Доцнодевонското истребување: пред околу 365 милиони години

Изумрени видови: 75%

Честопати нарекуван „ера на рибите“, во периодот девон се забележува подемот и падот на многу праисториски морски видови. Иако до тоа време на копното веќе почнале да се развиваат животни, поголем дел од животот сѐ уште пливал низ океаните. Тоа било сè додека васкуларните растенија, како што се дрвјата и цвеќињата, веројатно го предизвикале второто масовно истребување, се вели во студија од 1995 година објавена во списанието ГСА тудеј.

Додека растенијата развивале корени, тие ненамерно ја трансформирале земјата на која живееле, претворајќи ги карпите и руините во почва. Оваа почва богата со хранливи материи потоа влегла во светските океани, предизвикувајќи алгите масовно да процветаат. Овие цветања во суштина создале гигантски „мртви зони“, кои се области каде што алгите го вшмукуваат кислородот од водата, задушувајќи го морскиот живот и предизвикувајќи хаос во морските синџири на храна. Видовите што не успеале да се приспособат на намаленото ниво кислород и недостигот од храна умреле.

За оваа теорија, сепак, се дебатира, а некои научници веруваат дека за намалувањето на нивото на кислородот во океанот биле одговорни вулканските ерупции, покажа истражување спроведено во списанието Геологија.

Едно морско чудовиште што било збришано од светските океани е оклопната риба долга 10 метри наречена данклеостеус. Страшен предатор, оваа џиновска риба имала шлем од коскени плочи што ѝ ја покривале целата глава.

Пермско-тријаско истребување: пред околу 253 милиони години

Изумрени видови: 96% од морските животни; 70% од копнените животни

Ова истребување, честопати нарекувано „Големото умирање“, е најголемото што некогаш ја погодило Земјата. Збришало околу 90% од сите видови на планетата и ги десеткувало влекачите, инсектите и водоземците што шетале по копното. Она што го предизвикало овој катастрофален настан е период на неконтролиран вулканизам. На крајот на периодот перм, делот од светот што сега го нарекуваме Сибир еруптирал во експлозивни вулкани. Ова испуштило големо количество јаглерод диоксид во атмосферата, предизвикувајќи ефект на стаклена градина, што ја загреало планетата. Како резултат на тоа, климатските услови се смениле, нивото на морето се зголемило, а на земјата паѓал кисел дожд.

Фото: Пиксабеј

Во океанот, зголемените нивоа јаглерод диоксид се раствориле во водата, труејќи го морскиот живот и лишувајќи го од вода богата со кислород. Во тоа време, светот се состоел од еден суперконтинент наречен Пангеја, за кој некои научници веруваат дека придонел за намалени движења во светските океани, создавајќи светски базен на застоена вода, кој ја одржувал само акумулацијата на јаглерод диоксид. Зголемената температура на морето исто така ги намалила нивоата на кислород во водата.

Меѓу најтешко погодените видови морски живот биле коралите – биле потребни 14 милиони години за океанските гребени да се обноват до својот некогашен сјај.

Тријаско-јурско истребување: пред околу 201 милион години

Изумрени видови: 80%

Во периодот тријас процветал нов и разновиден живот, а светот почнале да го населуваат диносаурусите. За жал, во тоа време еруптирале и голем број вулкани. Иако останува нејасно зошто точно се случило ова четврто масовно истребување, научниците сметаат дека во една област од светот, сега покриена со Атлантски Океан, дошло до масовна вулканска активност. Слично на Пермското истребување, вулканите испуштиле огромни количества јаглерод диоксид, предизвикувајќи климатски промени и уништувајќи го животот на Земјата. Глобалните температури се зголемиле, мразот се стопил, а нивото на морето се зголемило и тоа се закиселило. Како резултат на тоа, исчезнале многу морски и копнени видови; тука биле и големите праисториски крокодили и некои летечки птеросауруси.

Постојат и други теории што го објаснуваат ова масовно истребување, кои велат дека зголемените нивоа на јаглерод диоксид го ослободиле метанот заробен во вечниот мраз, што резултирало во слична серија настани.

Кредно-палеогенско истребување: пред околу 66 милиони години

Истребени видови: 75%

Најпознатото од сите масовни истребувања е истребувањето креда-палеоген, попознато како „денот кога умреле диносаурусите“. Настанот е познат и како истребување К-Т (креда-терцијар), а геолозите го нарекуваат „истребување К-Пг“.

Кај областа на денешен Јукатан, Мексико, астероид широк над 13 километри се урнал во Земјата со брзина од околу 72.000 км / ч. Ова издупчило дупка со ширина од 180 километри и длабочина од 19 километри, наречена кратер Чиксулуб. Ударот ја спржил целата земја на 1.450 км околу него и го уништил владеењето на диносаурусите на Земјата, кое траело 180 милиони години.

Фото: Пиксабеј

Она што го следувало по ударот биле месеци мрачно небо предизвикано од остатоците и прашината што се исфрлиле во атмосферата. Растенијата веќе не можеле да ја апсорбираат сончевата светлина и масовно изумреле, растурајќи ги синџирите на исхрана на диносаурусите. Исто така, дошло до пад на глобалните температури, што го втурнало светот во долга студена зима. Научниците проценуваат дека до повеќето истребувања на Земјата во тоа време би дошло само неколку месеци по ударот. Сепак, преживеале многу видови што можеле да летаат, да копаат дувла или да нуркаат до океанските длабочини. На пример, единствените вистински потомци на диносаурусите што живеат денес се денешните птици - се смета дека повеќе од 10.000 видови потекнуваат од преживеаните од ударот.

Враќање на часовникот назад

Луѓето можеби се двигатели на ова забрзано истребување, но ние сме и одговорот за неговото запирање, вели Лајв саенс. Светот е преполн со научници, конзерватори и екологисти што во лабораториите, во конзервациските области и во политичките арени работат на заштитување на загрозените видови.

Од справувањето со светските емисии на загадување во Парискиот договор од 2016 година, до Иницијативата за глобални ресурси на Велика Британија, која се бори против уништувањето на шумите, законите секогаш ќе бидат во првите редови на борбата против масовното истребување. Особено, една од најголемите директни закани за загрозениот живот е нелегалната трговија со животни.

Во екот на сегашната пандемија, пазарите на диви животни се најдоа во центарот на вниманието бидејќи не само што се неодговорни кон животната средина, туку се и потенцијално опасни за здравјето на луѓето преку зоонозните болести - оние што скокаат од животните на луѓето - како што е ковид-19. Овие пазари, кои тргуваат со живи егзотични животни или производи добиени од нив, ги има низ целиот свет. На пример, во кафезите на фармите на мечки во Азија се затворени 20.000 азиски црни мечки поради нивната жолчка, што резултира со пад на дивата популација, според Енималс Азија.

Нови очи на небото

Еден од најдобрите начини да се спречи исчезнување на видовите е да се следи нивната популација и да се откриваат сите проблеми пред да биде предоцна за спас. Во моментов, стапиците со камери и истражувањата спроведени пеш или од летала се главниот метод за собирање податоци. Сепак, едно неодамнешно истражување користеше комбинација на сателитски снимки и вештачка интелигенција за набљудување на животните од вселената. Користејќи фотографии со висока резолуција од пасиштата во Африка, направени од воздух, истражувачите создадоа алгоритам за преглед на илјадници километри и експресно пребројување на секој фотографиран слон.

Сепак, технологијата сè уште е во почетна фаза и е ограничена само на областите каде што големите животни, како што се слоновите, не се затскриени од шумските живеалишта. „Главното прашање тука ќе биде големината на животните и на нивните живеалишта. Очигледно не можеме да гледаме низ облаци, но исто така не можеме да гледаме и низ пошумените области. Затоа, не можеме да ги бараме животните што се во густите шуми“, изјави Олга Исупова, компјутерски научник од Универзитетот Бат и креатор на вештачка интелигенција за следење на слоновите. „Ако се во отворени области, тогаш е во прашање само нивната големина“.

Како и да е, тој има огромен потенцијал да ја унапреди нашата способност за следење на видовите. „Во моментов разгледуваме како можеме да го подобриме самиот алгоритам за да бараме конкретно помали објекти. Можевме да ги бараме и оние животни што се појавуваат во стада“, вели Исупова. „На пример, кај колониите на пингвините, моделот може да ја открие целата колонија, а потоа да има дополнителен алгоритам што ги проценува бројките врз основа на големината на колонијата. Исто така, може да трагате по стапалките на животните. Самото животно може да биде прилично мало, но ако ги има многу и ако оставаат многу стапалки по себе, ние можеме да се обидеме да го следиме и тоа“.

Спас со клонирање

Друго потенцијално решение за борба против истребувањето може да биде клонирањето на видовите. Во февруари 2021 година научниците открија дека успешно клонирале црноножна ласица од животно што угинало пред повеќе од 30 години. Карактеристични за Северна Америка, се сметаше дека овие мали цицачи се истребени сè додека во раните 1980-ти не се најде една мала колонија, која беше внесена во програмата за размножување и повторно беа распоредени низ САД.

Поради неразмножување, популацијата од околу 650 ласици повторно е изложена на ризик од истребување. Ова ги инспирирало истражувачите да создадат генетска копија од зачуваната клетка на дива женка, по име Вила, која угинала во 1980-тите. Процесот на клонирање беше сличен на оној со кој се клонираше овцата Доли уште во раните 90-ти. Научниците се надеваат дека по времето поминато во заробеништво, клонираните членови на видот успешно можат повторно да влезат во дивината, нудејќи нова алатка за заштита на загрозените видови.

Легалните, научни и технолошки достигнувања се тие што ќе помогнат да се зачува дивиот свет на Земјата и се надеваме дека ќе го забават шестото масовно истребување, вели Лајв саенс.

Легенда под Главна слика

Фото: Пиксабеј

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе