Епохално откритие

Откриен череп на најстариот познат предок на човекот (ФОТО)

„Легендарното“ откритие на фосил стар 3,8 милиони години во Етиопија фрла сомнеж врз претходната еволуциска теорија.

Лицето на најстариот вид што недвосмислено седи на човечкото еволутивно дрво е откриено првпат, со откривањето череп стар 3,8 милиони години во Етиопија.

Фосилот му припаѓа на антички хоминин, австралопитекус анамензис (Australopithecus anamensis), за кој се верува дека му е директен предок на познатиот вид „Луси“, австралопитекус афарензис (Australopithecus afarensis). Датира од времето кога нашите предци почнале да се симнуваат од дрвјата и да чекорат на две нозе, но сè уште имале изразито испакнати лица налик на мајмуни, јаки вилици и мали мозоци, и е најстариот познат член на групата австралопитекус.

Додека Луси стана славен во студиите за човечката еволуција, неговиот директен претходник остана мистериозна трага во записите, а за неговиот изглед и животен стил можевме да заклучиме од само неколку заби, некои екстремитетни коски и неколку парчиња череп.

Најновиот примерок, неверојатно комплетен череп на возрасен маж, лежерно именуван МРД, го менува овој факт.

„Добро е што конечно можеме да му ставиме лице на името“, рече Стефани Мелило од Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк, со седиште во Германија, која е коавтор на анализата за откритието.

Професорот Фред Спур од Музејот за природна историја, Лондон, кој не беше вклучен во истражувањето, рече дека откривањето на МРД - и неговото датирање во период од кој фосилните записи се многу ретки - би можело суштински да влијае врз размислувањето за еволуциското семејно стебло на раните хоминини. „Овој череп изгледа дека ќе стане уште една прославена икона на човековата еволуција“, рече тој.

Черепот покажува дека МРД имал мал мозок (околу една четвртина од големината на мозокот на современиот човек), но веќе губел некои од своите мајмунолики карактеристики. Неговите заби се помали од оние што се гледаат во уште пораните фосили и веќе ги развивал јаката вилица и истакнатите јаготки што се гледаат кај Луси и кај познатиот фосил Госпоѓа Плес (уште еден подоцнежен член на групата австралопитекус), за кои научниците сметаат дека им помогнале да џвакаат тврда храна за време на суви сезони кога немало многу достапна вегетација.

Датирањето на черепот исто така открива дека анамензис и неговите потомци, Луси, коегзистирале во период од најмалку 100.000 години. Ова откритие фрла сомнеж на долготрајниот поим за линеарна еволуција, во кој еден вид исчезнува и се заменува со нов. За анамензисот, која сега се протега од пред 4,2 милиони до 3,8 милиони години, сè уште се смета дека му е предок на Луси, но продолжил да постои и откако групата Луси се откинала од родителската лоза. Геолошките докази сугерираат дека пејзажот имал екстремно стрмни ридови, вулкани, текови на лава и амбиси, кои лесно можеле да имаат изолирано население, па тоа било расцепкано.

На различните групи може подоцна да им се вкрстиле патиштата и да се бореле меѓусебно за храна и територија.

Јоханес Хаиле-Селаси, од Музејот за природна историја во Кливленд, кој го водеше истражувањето, рече: „Ова ги менува работите во нашето разбирање на човековата еволуција за време на плиоценот“.

Афарензис, кој продолжи да се појавува во фосилната евиденција до пред најмалку 3 милиони години, честопати беше истакнуван како веројатен кандидат што на крај ѝ овозможил подем на лозата хомо, на која ѝ припаѓаат современите луѓе. Но откритието дека коегзистирале повеќе различни лози ја прави оваа хипотеза многу помалку сигурна, според истражувачите.

„Имањето повеќе кандидати предци во вистинското време и место, го отежнува утврдувањето од кого потекнува хомо“, рече Мелило.

Спур го опиша анамензис како „најстар вид познат вид што недвосмислено е дел од човечкото еволутивно дрво“. Постарите фосили, како ардите, кои датираат од пред 4,4 милиони години, се поспорни - некои велат дека тие се во човековата лоза, додека други сметаат дека се изумрен облик на мајмунот.

Првото парче од новиот фосил, горната вилица, било најдено од локален работник во февруари 2016 година, во етиопискиот регион Афар. „Не можев да им поверувам на очите кога го забележав остатокот од черепот. Тоа беше еурека-момент и остварување на сонот“, вели Хаиле-Селаси.

Јоханес Хаиле-Селаси со черепот

Фосилните зрна од полен и хемиските остатоци од фосилни растенија и алги земени од седиментот укажуваат дека поединецот живеел крај река или покрај бреговите на езеро, опкружено со дрвја и грмушки.

Наодите се објавени во списанието Нејчр.

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе

Овој термин, без исклучок го употребуваат сите партии кога се во опозиција. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, ДПА...

повеќе