Нивото на морето до 2100 година ќе се зголеми за 2 метри, предвидуваат научниците

Научниците веруваат дека поради глобалното затоплување, односно поради брзото топење на мразот во Гренланд и Антарктикот, нивото на морето би можело да се зголеми повеќе отколку што претходно се претпоставувало, објави Би-би-си.

Имено, досега се верувало дека до 2100 година нивото на морињата би можело да се зголеми најмногу до еден метар, а според најновата студија, вистинското ниво на пораст би можело да биде дури два метри.

Новото истражување е објавено вчера во научниот магазин Просидингс оф д нешнал академи оф сајенсис.

Кога Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) во 2013 година го објави својот петти извештај, предупреди дека понатамошното затоплување на планетата, без значително намалување на емисиите на стакленички гасови, може да доведе до пораст на глобалното ниво на морињата од 52 до 98 см до 2100 година.

Според најновата проценка, доколку емисиите на стакленички гасови не се намалат, нивото на морињата многу веројатно ќе се зголеми за 62 до 238 см до 2100 година. Порастот на морското ниво од околу два метри би имало катастрофални последици за нашата планета.

Научниците пресметаа дека во тој случај, светот ќе изгуби земја за живот од 1.79 милиони квадратни километри, еднакво на големината на Либија.

Поголемиот дел од тоа земјиште ќе се наоѓа на важни области за одгледување на храна, како што е на пример делтата Нил. Во големи делови од Бангладеш ќе биде многу тешко за луѓето да продолжат да живеат.

Големи градови вклучувајќи ги Лондон, Њујорк и Шангај, ќе бидат загрозени.

„Сириската бегалска криза резултираше со доаѓање на околу милион бегалци во Европа. Но, бројот на мигранти ќе биде околу 200 пати поголем доколку нивото на морињата порасне за два метра", вели водачот на истражувањето, физичарот Џонатан Бамбер од Универзитетот во Бристол.

Авторите на студијата нагласуваат дека сè уште има време да се избегне вакво страшно сценарио, особено ако во наредните децении значително се намалат емисиите на стакленички гасови.

Научниците велат дека веројатноста за најлошо сценарио изнесува околу 5%.

„Да ви кажам дека има 5% шанса да ве прегази автомобил ако сега ја поминете улицата, нема ни да ѝ се доближите", рече Бамбер.

„Дури и веројатност од 1% значи дека поплава што се случува само еднаш во сто години сепак би можела да се случи за време на вашиот живот. Мислам дека веројатноста од 5% претставува сериозен ризик за нашата планета", додаде тој.

Сегашниот изборен модел е причината и генераторот  на сите проблеми на општественото и политичпко уредување на Македонија.

повеќе

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе