Датумот првпат бил предвиден во 1843 година

Не, на 23 април нема да дојде крајот на светот

Наречете го рециклиран суден ден: едно ново предвидување за крајот на светот вели дека датумот на апокалипсата е сега, в понеделник, на 23 април, врз основа на склоп од стара нумерологија, препрочитување на библиската Книга на откровението и преработени теории на заговор за одметнатата „Планета Икс“.

Дури и календарскиот датум на предвидувањето, 23 април, се навраќа на еден од најпознатите неуспешни пророци на апокалипсата на сите времиња, Вилијам Милер. Баптистички проповедник, чии следбеници на крај ќе ја формираат Црквата на адвентистите на седмиот ден, Милер во средината на 1800-тите предвиде неколку датуми за крај на светот, меѓу кои и 23 април 1843 година. Тој стана познат по подоцнежното прорекување на 22 октомври 1844 година, датум што ќе остане злогласно познат како „Големото разочарување“, кога Исус Христос не се појавил да го почне крајот на светот, вели Лајв саенс.

Последниот невешт предвидувач на судниот ден е Дејвид Мид, кој претходно тврдеше дека ретката порамнетост на ѕвездите на 23 септември 2017 година го најавува крајот. Мид рече дека поставеноста на ѕвездите би можела да му претходи на поминувањето на одметнатата Планета Икс крај Земјата, која ќе предизвика секакви геолошки перипетии, кулминирајќи со евентуално враќање на Исус според Книгата на откровението.

 

Барање знаци

Новото предвидување на Мид е горе-долу исто. Според едно интервју со таблоидот Експрес, Мид сега се закачил за 23 април 2018 година како за нов датум на кој ќе почне апокалипсата. Причината, вели тој, е дека на тој датум, сонцето, месечината и Јупитер ќе се порамнат во соѕвездието Девица, повторувајќи го Откровение 12: 1-2, кое зборува за „жена облечена во сонцето, со месечината под нозе и круна од дванаесет ѕвезди на главата“, која е во породилни маки и треба да го роди евентуалниот глобален диктатор што ќе има улога во крајот на светот.

Овој ист пасус беше основата на Мид за предвидувањето на 23 септември 2017 година како почеток на апокалипсата, иако тогаш тој се фиксираше на порамнувањето на сонцето во Девица со девет ѕвезди и планетите Меркур, Венера и Марс.

„Некои од астралните шпекулации на Мид се ироничен одек на барем некаква инспирација од оригиналот, кој се базира на постари еврејски, грчко-римски и други традиции“, вели Ален Керкеслагер, професор по античка и компаративна религија на универзитетот Сент Џозеф во Филаделфија.

„Но авторот на Откровението грешеше во своите предвидувања, па ниту оваа книга ниту некоја друга античка книга не е од голема важност за предвидување на иднината“, вели Керкеслагер за Лајв саенс.

Чудно, Јупитер всушност не е порамнет во соѕвездието Девица на 23 април; Наместо тоа, од Земјата ќе се појави во соѕвездието Вага. На истиот датум, сонцето ќе се чини порамнето во соѕвездието Овен, а месечината во соѕвездието Близнаци.

Мид никогаш не бил доследен во своите предвидувања. Интернешнел бизнис тајмс во февруари објави дека го кажувал март 2018 како датум за почеток на апокалипсата. Тој, исто така, рече дека верува дека седумгодишниот период на страдања што му претходи на крајот почнал на 21 август 2017 и 15 октомври 2015 година. Веб-страницата на Мид, исто така, се занимава со нуклеарната програма на Северна Кореја како знак за „Крајот на времето“.

 

Планета Икс

Во меѓувреме, постоењето на Планетата Икс, понекогаш позната и како Нибиру, постојано е побивано. Астрономите се во потрага по потенцијален свет со големина на Земјата во надворешниот Сончев систем, кој понекогаш го нарекуваат „Планета Икс“ или „Деветта планета“, но ова не е истата Планета Икс што ја опишуваат теоретичарите на заговори. Според заговорниците, НАСА го крие постоењето на одметната планета што се движи кон Земјата, спремна да предизвика секакви видови цунами и земјотреси додека пролетува.

Нибиру потекнува од апокалиптичната теоретичарка Ненси Лидер. На својата веб-страница, Лидер претставува вонземјани наречени Зети и плете сложена мрежа на меѓусебно поврзани теории на заговор. Лидер првпат ја објави идејата за Нибиру во 1990-тите и предвиде дека таа ќе помине крај Земјата во 2003 година. Оттогаш, одметнатата планета стана бауч во повеќе предвидувања на судниот ден, вклучувајќи ја и апокалипсата на Маите, која се базираше на претпоставениот крај од древниот календар на Маите.

Една одметната планета што се движи низ Сончевиот систем би била прилично очигледна за астрономите, кои откриваат планети и далеку од нашиот сопствен сончев систем, трагајќи по нишањата што нивното преминување ги предизвикува кај ѕвездите околу кои орбитираат.

Мешаницата од сите овие различни теории - од библиската, преку космолошката, до политичката - може да биде симптом на оној вид заговорничко вкрстено опрашување што се случува на интернет, вели Лајв саенс. Мид е активен на Јутјуб, каде што си муабети со други „пророци“ на судниот ден, како што е Пол Бегли, водител на самопродуцираната емисија „Претстојната апокалипса“. Мид исто така продава самоиздадени книги за своите теории на Амазон.

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

повеќе

Повеќе од 40 години пишувам за самостојноста на македонскиот јазик и идентитет и на моменти бев подложуван и на физички напад поради моите ставови. Јас не би прифатил ништо што го негира признавањето на Македонија.

повеќе