Ќе пролета покрај нас за 10 години

НАСА се подготвува за доаѓањето на џиновскиот астероид наречен Бог на хаосот

НАСА веќе се подготвува за доаѓањето на големиот астероид наречен Бог на хаосот, кој ќе помине покрај Земјата за 10 години. На 13 април 2029 година, луѓето што ќе гледаат кон небото ќе видат како поминува ситна светлосна дамка, која ќе станува сè посветла и побрза. 

Ќе се движи толку брзо што ширината на месечината ќе ја премине за една минута и ќе биде светла како ѕвезда на небото. Научниците го нарекоа астероидот Апоп, според египетскиот бог на хаосот.

Светлосната дамка ќе биде огромен астероид со дијаметар од 340 метри, за чие следење додека поминува покрај Земјата НАСА уште од сега се подготвува. Американската вселенска агенција вели дека тој ќе помине доволно далеку за да биде безопасен, ќе биде оддалечен 30.000 километри, што одговара на растојанието на кое се движат некои вселенски летала.

Исто така, тоа ќе биде доволно блиску за научниците да можат да добијат досега невиден увид во астероид: ќе можат да видат остри детали и да го набљудуваат астероидот на нови начини. Астероиди со олкава големина ретко поминуваат толку близу до Земјата. Научниците одблиску имаат видено помали астероиди, но нешто со олку колосална големина е реткост, вели НАСА.

„Блискиот премин на Апоп во 2029 година ќе биде неверојатна можност за науката. Ќе го набљудуваме астероидот со оптички и радарски телескопи. Со радарското набљудување ќе можеме да ги видиме деталите на површината што се големи само неколку метри“, вели Марина Брозовиќ, радарска научничка од Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена, Калифорнија.

Научниците неделава се состанаа на Конференцијата за планетарна одбрана во Колеџ Парк, Мериленд, каде што разгледуваа фиктивни сценарија на судир со астероид и дискутираа за тоа како можат да ги набљудуваат астероидите и да им испраќаат истражувачки мисии.

 

Можноста за судир со Земјата е многу мала

Астероидот со голо око прво ќе биде видлив на ноќното небо на јужната полутопка додека се движи од источниот кон западниот брег на Австралија. Потоа ќе го помине Индиски Океан и ќе продолжи да се движи кон САД. Најблиску до Земјата ќе биде кога ќе поминува над Атлантски Океан. Ќе се движи брзо, преку Атлантикот ќе помине за помалку од еден час, а потоа ќе се изгуби во вселената.

Апоп прв пат го забележаа астрономите во Националната опсерваторија Кит Пик во јуни 2004 година. Наскоро откако го видоа, нивната понатамошна работа прекина поради технички и временски проблеми. Повторно, тој беше забележан од австралиските научници, кои пресметаа дека постојат 2,7 проценти шанси да ја погоди Земјата додека поминува во 2029 година. Оттогаш, астероидот беше внимателно набљудуван и можноста за судир е исклучена. По дополнителните пресметки, научниците денес веруваат дека можноста тој да удри во Земјата е 1 наспрема 100.000.

Набљудувањето ќе продолжи кога астероидот ќе пристигне во 2029 година. Научниците се надеваат дека ќе дознаат повеќе за неговата големина, форма, состав, а можеби и за внатрешноста. На споменатата конференција истражувачите разговараа за прашања како тоа дали астероидот ќе влијае на Земјината гравитација, ќе можат ли да погледнат во внатрешноста и ќе треба ли до него да испратат вселенско летало.

„Веќе знаеме дека блиската средба со Земјата ќе ја смени патеката на Апоп, но нашите модели покажуваат и дека приближувањето кон Земјата може да го промени и начинот на кој астероидот се врти, а можно е да се случат и некои промени на површината, како што се помали лавини“, вели Дејвид Фарночиа, астроном од Центарот за проучување објекти во близина на Земјата во рамките на Лабораторијата, кој на 30 април ја предводеше седницата за Апоп заедно со Марина Брозовиќ.

Научниците се надеваат дека нивната работа во овој случај ќе нè заштити и ако некој друг астероид тргне директно кон Земјата.

„Апоп е претставник на околу 2.000 моментално познати потенцијално опасни астероиди. Со набљудување на поминувањето на Апоп во 2029 година ќе добиеме важни научни сознанија, кои еден ден може да се покажат корисни во одбраната на планетата“, вели Пол Чодас, директор на Центарот.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе