Атлантик

НАСА ќе тргне во потрага по вонземјани

Агенцијата планира да прати вселенско летало до Титан, месечината на Сатурн, на која има неколку клучни услови за живот.

НАСА пак се враќа на месечина - ама не на онаа на која мислите вие.

Светската агенција минатата недела објави дека во 2026 година ќе почне роботска мисија на Титан, најголемата месечина на Сатурн, вели Атлантик. Мисијата, наречена Драгонфлај, ќе се состои од слетување дронолико вселенско летало на површината. Вселенската бубачка, која има и облик како земјиниот инсект, ќе скока од едно место на друго, мерејќи ги тлото и атмосферата.

За една месечина, Титан има доста заеднички работи со Земјата. Тој има атмосфера и клима. Течни дождови капат од густите облаци, полнејќи ги басените и кањоните, а потоа испаруваат назад кон небото, каде што процесот почнува одново. На Земјата, овој циклус содржи вода. На Титан, тој содржи метан. Температурите на месечината се толку екстремни што гасот таму тече како течност, создавајќи течни тела големи како Големите Езера во Северна Америка.

Се разбира, има суштински разлики помеѓу Земјата и Сатурновата месечина. На пример, температурата на површината на Титан секогаш е приближно минус 180 Целзиусови степени. Атмосферата е толку густа што до тлото не допира многу сончева светлина.

А сепак, Титан е еден од најдобрите кандидати за вонземски живот во сончевиот систем - само не оној вид на кој сме навикнати ние. „Титан ги има сите клучни состојки потребни за живот“, вели Лори Глејз, директор на одделот за планетарни науки на НАСА.

Првите набљудувања на НАСА на Титан датираат од мисиите Војаџер, кои правеа тури по надворешните планети и месечини во 1970-тите и 80-тите години. Камерите на вселенското летало не можеа да ја пробијат атмосферата на Титан, најгуста во сончевиот систем. Месечината изгледаше како џамлија со боја на сенф, толку мазна и безлична што изгледаше речиси како пркосна, заштитена од овие летачки предмети од друга земја.

Едно европско вселенско летало пристигна на Титан во 2005 година. Под маглата, сондата Хајгенс направи фотографии и ги испрати на Земјата. Глетките беа истовремено и туѓи и познати. „Одеднаш добиваме слика од канали за кои не знаевме дека постојат“, рече Џонатан Лунин, кој го проучувал Титан уште од раните 1980-ти. „Вреснав кога ги видов“. На Земјата водата што тече формира водени канали во карпестите пејзажи. На Титан, тоа го прави метанот.

Експедицијата не траеше долго. Хајгенс ги потроши своите батерии за помалку од три часа. Но астрономите сѐ уште можеа да го гледаат Титан. Хајгенс на месечината беше спуштен од Касини, вселенско летало на НАСА што остана во орбитата околу Сатурн сè до 2017 година, повремено заобиколувајќи ја месечината за да собере податоци и слики.

Касини даде доказ дека таму има метански езера. Научниците веќе долго време го предвидуваа нивното постоење, но сега беа изненадени. Титанските езера се мирни и без структура, со само некое бранче тук-таму. Асални бранови нема никаде, а научниците сè уште се обидуваат да дознаат зошто.

Кога на Касини му снема гориво, НАСА се соочи со непријатно сценарио. Не може да контролирате мртво вселенско летало, а научниците беа загрижени дека Касини ќе тресне на Титан и ќе се распрсне по површината, што би можело да го загади тамошниот живот - ако постои. За да ја заштитат магливата месечина, инженерите намерно го турнаа Касини кон Сатурн, гасна планета на која не може да има живот.

Драгонфлај сега ќе бара знаци на живот, и древни и сегашни. Во атмосферата на Титан вселенското летало откри јаглерод, водород, азот, етан и други елементи од кои зависи животот на Земјата. Тие дури пронајдоа и соединение што би можело да содејствува со метанот и етанот за да создаде клеточни мембрани. Научниците дури помислуваат дека на Титан би можело да има и вода - вистинска, реална H2O - која демне под неговата површина.

„На површината на Титан седат овие состојки за кои знаеме дека се неопходни за развојот на живот таков каков што го знаеме“, вели Зиби Туртил, главен истражувач на мисијата и планетарен научник од Лабораторијата за применета физика на универзитетот Џонс Хопкинс. „Тие во суштина стотици милиони години правеле хемиски експерименти, а Драгонфлај е дизајниран да ги собере резултатите од тие експерименти и да ги проучува“.

По многуте децении орбитери, ровери и лендери, помислата дека еден мал дрон ќе брмчи по некој туѓ свет е освежувачка, речиси незамислива. Според тимот на Драгонфлај, вселенското летало може да покрие десетици километри за еден час. Благодарение на густата атмосфера и слабата гравитација на Титан, скокањето по него е доста лесно. (Ако на Драгонфлај му се приклучеа и астронаути, ќе можеа да облечат крилести костуми и да отскокнуваат по теренот.)

„Со само неколку лета Драгонфлај ќе може да отиде подалеку од тоа што Опортјунити на Марс го помина во последниве 12 години“, вели Питер Бедини, програмски менаџер за Драгонфлај. (Почивај во мир, Опортјунити.)

Сепак, патувањето од Земјата до Титан ќе биде долго. Драгонфлај ќе стигне на Титан најрано во 2034. Две илјади триесет и четвртата! „Тоа е проклетството на истражувањето на надворешниот сончев систем“, вели Курт Нибур, научник од НАСА што учествува во мисијата. „Потребно е долго време за да стигнете таму“. На Касини му требаа седум години за да стигне до Сатурн.

Мисијата на Драгонфлај е дел од програмата на НАСА што финансира средно големи вселенски мисии дизајнирани да чинат околу 1 милијарда долари. Истата програма ги оствари некои од најуспешните авантури на агенцијата длабоко во сончевиот систем. Тука е Осирис-рекс, кој неодамна му се прикрадна на еден астероид и откри дека тој мистериозно исфрла делови од себе во вселената. Тука е Јунона, која кружи околу Јупитер и редовно праќа фасцинантни фотографии од облаците што си го менуваат обликот на џиновската планета. Тука е и Њу хорајзнс, вселенското летало што гo сними Плутон одблиску, а неодамна сними и еден леден објект на работ на сончевиот систем, на кој научниците му дадоа прекар Ултима Туле и предизвикаа контроверзии зашто таа фраза ја користеле нацистите. Мисијата на Драгонфлај победи еден друг проект, обид да се посети комета што орбитира меѓу Марс и Јупитер и да се донесе дел од неа на Земјата.

Возбудливо е да се помисли дека едно малечко беспилотно летало во облик на бубачка може да биде оној што ќе одговори на едно од најпоставуваните прашања во човековата историја: дали сме сами? Ако на Титан постои живот, малку е веројатно дека ќе биде онаков каков што го гледаме во холивудските филмови. Ситни микроорганизми, кои се хранат од околина приспособена на нивните потреби, се далеку поверојатни. Ама, се разбира, дури и тие се важат.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе