НАСА го одложи лансирањето на џиновската ракета од нова генерација, детектиран е проблем

НАСА за најмалку четири дена го одложи првото лансирање на џиновската ракета од нова генерација, која требаше да понесе капсула без екипаж на шестнеделен пробен лет околу Месечината и назад 50 години по последната Аполо мисија.

EPA-EFE

Џиновската двостепена ракета Спејс лонч систем (СЛС) и нејзината капсула за екипаж Орион, во мисијата наречена Артемис 1, требаше да полетаат од Вселенскиот центар Кенеди во Кејп Канаверал на Флорида, но часовникот за одбројување беше сопрен на околу 40 минути пред лансирањето предвидено за 14:33 по средноевропско време.

НАСА објави дека е детектиран проблем на еден од главните мотори на ракетата откако почна полнењето на резервоарите за гориво со кислород и водород.

Американската вселенска агенција не објави кога точно ќе се повтори пробното лансирање, но наведе дека првиот можен датум е петок, 2 септември.

Прогласена за најсилна и најкомплексна ракета во светот, СЛС претставува наголен нов вертикален лансирен систем кој американската НАСА го изградила откако Сатурн 5 леташе за време на програмата Аполо на Месечината во 1960-тите и 1970-тите години.

Капсулата Орион има симулиран тричлен екипаж – една машка и две женски кукли – опремени со сензори за мерење на нивото на радијација и други стресови кои астронаутите би ги доживеале.

Главната цел на мисијата е да се тестира издржливоста на топлотниот штит на Орион при повторното влегување во Земјината атмосфера со брзина од 39.429 км/ч, или 32 пати побрзо од брзината на звукот, при враќањето на орбитата на Месечината – многу побрзо од вообичаените повторни влегувања на капсулите со астронаути кои се враќаат од ниската орбита на Земјата.

Програмата Артемис, наречена по божицата, сестра близначка на Аполон во старогрчката митологија, има цел да ги врати астронаутите на површината на Месечината уште во 2025 година и да воспостави долгорочна лунарна колонија како отскочна даска за поамбициозните идни патувања со човечки екипаж на Марс.

Развивана повеќе децении, со години доцнење и милијарди долари преку буџетот, вселенското летало СЛС-Орион досега ја чини НАСА најмалку 37 милијарди долари, вклучувајќи ги дизајнот, конструкцијата, тестирањето и објектите на Земјата.

Дванаесет астронаути шетаа по Месечината за време на шесте мисии Аполо со човечки екипаж од 1969 до 1972 година, единствените вселенски летови кои досега испратиле луѓе на Месечината.

Ако успее, Артемис ќе го отвори патот за првата мисија СЛС-Орион со екипаж, лет околу месечината уште во 2024 наречен Артемис 2, по што ќе следи патувањето Артемис 3 на површината на Месечината.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе