Научниците внимателно ја следат траекторијата на втората фаза на Фалкон 9, изјави портпаролот на НАСА за ДПА во четвртокот.
Ракетата првично полета од Кејп Канаверал во 2015 година носејќи ја опсерваторија Дип спејс клајмет, сателит за набљудување.
Сепак, оттогаш остана во вселената и нема доволно гориво за да се врати на Земјата.
Доколку остане на својата сегашна траекторија, на 4 март ќе падне на темната страна на Месечината, соопшти НАСА.
Спејсекс, приватна компанија во сопственост на милијардерот на Тесла Илон Маск која транспортира материјал и екипаж во вселената, не одговори.
НАСА соопшти дека нема да може да го набљудува ударот на ракетата од четири тони од својот Лунар реконасанс орбитер, но научниците ќе следат дали и како судирот ќе влијае на Месечината и дали може да се види кратер по падот.
Пребарувањето на кратерот ќе биде голем предизвик и може да потрае со недели или месеци, рече портпаролот, опишувајќи го судирот како единствен феномен што „претставува возбудлива можност за истражување“.
Проучувањето на кратер формиран од летечки објект со позната маса и брзина (ќе патува со брзина од 9.000 километри на час), како и составот на материјалот, може да помогне во унапредувањето на научното проучување на Месечината.
Вселенски летала веќе намерно се рушени на Месечината за научни цели, како што беше случај за време на мисијата Аполо за тестирање на сеизмометар.
Астрономот Бил Греј, креаторот на компјутерска програма што се користи за одредување на траекторијата на астероидите и другите објекти, беше првиот што го пресмета новиот правец на удар на Месечината.
Тој смета дека вселенскиот отпад секогаш треба да се насочи кон Месечината кога е можно.
„Ако удри во Месечината, тогаш всушност учиме нешто од тоа“, рече Греј.