Велика Адрија

Најден загубен континент 1.600 км под Јужна Европа

Научниците ги пронајдоа последните остатоци од Велика Адрија, антички континент со големина на Гренланд.

Научниците ја реконструираа бурната историја на загубен континент скриен под Јужна Европа, кој во новата студија формално беше именуван „Велика Адрија“.

Оваа античка копнена маса се откршила од јужниот суперконтинент Гондвана пред повеќе од 200 милиони години и шетала наоколу уште 100 милиони години пред да почне постепено да паѓа под сливот на Северен Медитеран.

Истражувачите, предводени од Даув ван Хинсберген, професор по глобална тектоника и палеогеографија на универзитетот Утрехт, цела деценија го склопувале минатото на Велика Адрија парче по парче. Тимот собирал примероци од камења од Шпанија до Иран, во потрага по последните материјални остатоци од континентот што се достапни за научниците.

„Заборавете ја Атлантида. Без да знаат, огромен број туристи својот одмор секоја година го поминуваат на загубениот континент Велика Адрија. Единствениот преостанат дел од овој континент е еден појас од Торино преку Јадранско Море до потпетицата на чизмата во обликот на Италија“, вели Ван Хинсберген.

Резултатите беа објавени месецов во списанието Гондвана рисрч и содржат анимирано резиме за раѓањето, животот и смртта на загубениот континент.

Освен ако не живеете во зона на земјотреси, лесно може да заборавите дека Земјата постојано ги канибализира сопствените копнени маси. Мапата на нашиот свет се менувала низ еоните, додека континенталните плочи се вртеле, се судирале едни со други и биле подложени на субдукција, што се случува кога едната плоча се лизнува под друга.

Велика Адрија била голема колку Гренланд кога се удрила во Европа кон средината на периодот креда. Во тоа време, најголем дел од континентот бил покриен со плитко море со разбуен екосистем околу тропските гребени. Се гледале само ред острови со големи корални гребени во тропските мориња.

Бидејќи оваа континентална плоча морала да потоне во Земјиниот плашт, областа под кората на планетата, овој горен слој од седименти и форми на живот веднаш бил иструган. Расфрлените струготини помогнале да се оформи 'рбетот на планините како што се Алпите, Апенините и Таур.

Така, горните неколку километри од загубениот континент сè уште може да се видат на планинските венци во Јужна Европа.

„Голем дел од планинските масиви во Јужна Европа се добиени од Голема Адрија“, вели Ван Хинсберген. Тој истакнува дека Западните и Северните Алпи и Карпатите се исклучок.

Собирајќи ги и анализирајќи ги карпите од овие алпинистички локации, тимот успеал да ги идентификува последните површински траги од Велика Адрија, кои се протегаат од Торино до Саленто во Италија. Остатоците од разнесениот дел на континентот сè уште може да се откријат со сеизмометри. Овој подземен дел од континентот во моментов се наоѓа на околу 1.500 километри под Јужна Европа.

Тимот успеал да ги реконструира геолошките промени што ги претрпела Велика Адрија со анализирање на своите теренски податоци со софтвер наречен Џи-плејтс (Gplates).

„Ја лупевме областа слој по слој, наназад во времето, сè до периодот тријас, пред околу 240 милиони години, кога Велика Адрија почнала да се развива како посебен континент.“ Претходно таа била дел од суперконтинентот Пангеја.

Процесот бил како виртуелно лупење на современата област слој по слој, што ја покажало нејзината еволуција уште од периодот тријас, објасни Ван Хинсберген.

„Сега, кога ја склопивме сложувалката на Медитеранот, можеме да ги реконструираме и другите геолошки карактеристики, како вулкани и рудни наоѓалишта, во конфигурацијата во која се формирале“, рече тој за Вајс.

„Од тоа, можеме да ги откриеме основните двигатели на ваквите карактеристики и, исто така, да помогнеме во новите стратегии за истражување руда, во корелација низ политичките граници и современите мориња.“

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе