А ние упорно го промашуваме

На водородните светови можеби цвета вонземски живот, вели нова студија

Едно ново истражување покажува дека органски живот би можел да цвета на планетите со густи водородни атмосфери, што значително ја проширува потрагата по вонземски живот, токму во моментот кога се вклучува следната генерација на вселенски телескопи.

Астрономката Сара Сегер, професорка по планетарна наука, физика и аеронаутика и астронаутика на МИТ, е сомничава кон нашиот „терацентричен“ поглед кон животот и сакала да истражи кои други видови живеалишта надвор од Земјата можат да поттикнат живот - кој не мора да е зависен од кислород и базиран на јаглерод, како овој што го знаеме.

Веќе знаеме за организми - како метаногените - тука на Земјата што напредуваат во екстремни услови, длабоко под ледените покривки или во пустинската почва, каде што консумираат водород и јаглерод диоксид и произведуваат метан, но што ако таму некаде во универзумот еволуирале поразвиени верзии на овие организми, а ние ги промашуваме?

Сегер и нејзиниот тим ја проучувале толеранцијата на два микроорганизми кон 100-процентно водородни средини: првиот била бактеријата ешерихија коли, а вториот, квасецот. Обата можат да преживеат со и без кислород, што ги прави идеални кандидати за тестирање дали на водородните светови може да има живот.

Тимот одгледал култури од двата организми и потоа ги сместил во посебни шишиња исполнети со „супа“ богата со хранливи материи со кои може да се хранат. Потоа го отстраниле воздухот богат со кислород и го замениле со чист водороден гас.

Шишињата потоа биле ставени во инкубатор, каде што биле благо протресувани за да се поттикне мешање на културите со хранливите материи во водородната средина и земале мостри на секој час цели 80 часа. Резултатите биле најубедливи што е можно: микробите буеле од живот.

Иако резултатите биле во некоја мера изненадувачки, со оглед дека водородот е инертен, па сам по себе не е токсичен за органскиот живот, тие значат дека нашата потрага по вонземски живот може и мора да ги вклучи и водородните светови. Наодите на тимот се објавени во списанието Нејчр астрономи.

Водородот е многу полесен од кислородот или азотот, така што атмосферата на водородниот свет би била многу подалеку раширена од карпестата површина на планетата, што ги прави полесни за забележување и полесни за проучување од помалите егзопланети слични на Земјата, особено кога ќе бидат вклучени телескопите од следната генерација како претстојниот вселенски телескоп Џемс Веб на НАСА.

„Таму некаде постојат разновидни населиви светови, а ние потврдивме дека живот од Земјата може да преживее во атмосфери богати со водород“, рече Сегер.

„Дефинитивно треба да ги додадеме тие видови планети на списокот на опции кога размислуваме за живот на други светови и се обидуваме да го најдеме.“

Сегер, исто така, објасни како веројатно изгледа еден водороден свет и тој не звучи толку различно од нашиот сопствен свет: „Ние замислуваме дека ако почнете да бушите на површината, веројатно ќе има минерали богати со водород наместо оние што ние ги нарекуваме оксидирани, дека има и океани, бидејќи сметаме дека на секој вид живот му е потребна некаква течност, а веројатно може да видиме и сино небо“.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе