Лажните тези за мајмунските сипаници

Дали вакцината на Астразенека против коронавирусот ја предизвикала епидемијата на мајмунските сипаници? Или вирусот дошол од лабораторија во Вухан? Дојче веле истражил нкои од најбезобразните конспиративни митови за мајмунските сипаници.

Фото: ЕПА

Дали се тоа само лажни вести?

Тврдење: постојат корисници на социјалните мрежи што тврдат дури дека мајмунските сипаници воопшто не постојат. За да го поткрепат тоа свое тврдење, тие користат фотографии што се стари или покажуваат други болести, како што е херпесот.

Проверка на Дојче веле: Лага.

Мајмунските сипаници се реални. Вирусот е тука уште од 1958 година, а од 1970 година се знае дека може да се пренесе на луѓето. Епидемиите на мајмунски сипаници избиваат постојано, но досега беа ограничени на западна и централна Африка. Во 2017 година имаше голема епидемија во Нигерија со над 500 случаи, која до денес не е угасена.

„Старите“ слики што се користат за да се докаже дека вестите за мајмунските сипаници се лажни, се претежно агенциски фотографии што со години се наоѓаат во архивите. И не е невообичаено истите фотографии да се користат повеќе од еднаш за известување за медицински теми - бидејќи изборот генерално е прилично мал. Некои корисници на Твитер ги споредуваат фотографиите на заболени од мајмунски сипаници и херпес. Ова се навидум идентични слики со кои се сака да се покаже дека вестите за мајмунските сипаници се лажни.

Во Австралија информативниот текст на владата на австралиската сојузна држава Квинсленд за херпес зостер навистина бил илустриран со сликата од твитот. Во случајот со текст за мајмунските сипаници што се појави на healtsite.com ситуацијата е нешто покомплицирана: од 19 мај 2022 година текстот веќе не ја содржи сликата од твитот, туку друга слика.

Од друга страна, една постара, архивирана верзија на написот од 17 јули 2021 година, погрешно ги илустрира мајмунските сипаници со слика на херпес - таа грешка сега е исправена и статијата е ревидирана. Една уредничка грешка на веб-страница не го менува фактот дека мајмунските сипаници се вистински.

Мајмунските сипаници ги предизвикала вакцина против коронавирусот?

Тврдење: Вакцината на Астразенека содржи ослабени аденовируси на шимпанзо како носители на ДНК на шилестиот протеин на коронавирусот. За некои, од тоа произлегува дека инфекциите со мајмунски сипаници се последица на оваа векторска вакцина.

Проверка на Дојче веле: Погрешно.

Иако зборот „мајмунски“ може на прв поглед да укажува на можна поврзаност, вирусите немаат никаква врска еден со друг. Кристине Фалк, претседателка на Германското здружение за имунологија, објаснува: „Мајмунските сипаници се нарекуваат така затоа што првпат биле откриени во колонија на мајмуни во 1958 година. Но тие потекнуваат од глодачи што им ги пренесуваат на мајмуните, така што мајмуните се само минливи домаќини, или посредници на тој вирус“.

Аденовирусите, вклучувајќи ги и аденовирусите на шимпанзата, кои ја формираат основата на векторските вакцини, се сосема различен тип вирус од вирусот на сипаниците - со сосема различни својства. Меѓу другото, овие вируси предизвикуваат инфекции слични на настинката. „И тука се појавуваат некои вируси, изолирани од шимпанзата и модифицирани за употреба во вакцини. Тие се земени од шимпанзата за нашето тело да не развие некаков имунитет како кај човечките аденовируси.“ Затоа, Кристине Фалк и другите експерти не гледаат можност вакцините против ковид да имаат некаква врска со епидемијата на мајмунските сипаници.

Дали вирусот потекнува од лабораторија во Вухан?

Тврдење: Се вели дека Институтот за вирологија во Вухан експериментирал со вируси на мајмунските сипаници - за некои тоа е јасен показател дека сегашната епидемија доаѓа од таму. Целата работа потсетува на теоријата за коронавирусот, наводно создаден во лабораторија, која научниците ја сметаат за малку веројатна, но не и целосно невозможна.

Проверката на Дојче веле: Заблуда.

Во Вухан се имаат вршено експерименти со вирусот на мајмунски сипаници, што за некои е сигурен показател дека од таму доаѓа најновата епидемија. Точно е дека таму се експериментирало, има и студија што тој Институт ја објавил во февруари 2022 година и сето тоа е транспарентно. Меѓутоа, се експериментирало само со фрагмент од вирусот, кој содржел помалку од една третина од геномот на вирусот на мајмунските сипаници. Според студијата, овој фрагмент е апсолутно безбеден, бидејќи не постои ризик да се развие во заразен вирус.

„Нема докази дека мајмунските сипаници дошле од лабораторија. Вирусот постои во дивината и се појавува кај популациите на глодачи во западна и централна Африка. Мали епидемии меѓу луѓето избувнуваат речиси секоја година“, изјави за ДВ Марк Слифка, имунолог и професор на Национално-истражувачкиот центар за примати во Орегон.

Слифка исто така тврди дека со секвенционирање на геномот, научниците можат да разликуваат различни соеви на вирусот. Така, може да се види дали вирусот е поврзан со западноафриканскиот или централноафриканскиот сој на вирусот на мајмунските сипаници. „Колку што јас знам, ниту еден од примарните пријавени случаи не отпатувал во Кина пред да му биде дијагностициран вирусот“, рече Слифка.

Светската здравствена организација (СЗО), исто така, потврди дека сите моментални случаи се поврзани со вирусот на мајмунските сипаници што доаѓа од западна Африка. Според научен труд објавен од Европскиот центар за превенција на болести (ЕЦДЦ), фактот што во моментов се појавуваат повеќе случаи во Европа веројатно се должи на таканаречените настани на ширење кога вирусот се пренесува меѓу мажи што имаат секс со мажи, бидејќи мајмунските сипаници се пренесуваат првенствено преку контакт преку слузницата.

Дали мајмунските сипаници се „пландемија“?

Тврдење: На социјалните мрежи се шири и тврдење дека новата епидемија на мајмунски сипаници е однапред подготвена одамна. Една симулациска игра на безбедносната конференција во Минхен, која се базираше на сценарио за мајмунски сипаници, би требало да биде доказ. Други воспоставуваат директна врска помеѓу Бил Гејтс и појавата на мајмунските сипаници. Се вели дека тој постојано предупредувал на такво сценарио.

Проверката на Дојче веле: Заблуда.

Симулациската игра што се користи како доказ за наводно планирана пандемија на мајмунски сипаници на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ) 2021 година постои, па дури вклучува и сценарио за фиктивна епидемија на сипаници во мај 2022 година. Симулацијата беше иницирана од Иницијативата за нуклеарна закана (НТИ) како дел од МСЦ за да привлече внимание кон дупките во глобалната борба со пандемијата.

Симулациските игри се користат во многу контексти за да се подготват за сложени сценарија/безбедносни ризици и да се вежбаат или прегледуваат процедурите. Фактот што сега постои такво сценарио покажува колку е тоа реално, но не докажува причинско-последична врска.

Иако сценариото е доволно блиску, тоа не соодветствува со реалноста. На пример, вистинскиот патоген е помалку заразен, а патиштата на пренос се разликуваат од сценариото во МСЦ. НТИ повторно го појасни ова во неодамнешната изјава: „Измисленото сценарио во нашата вежба вклучуваше хипотетички конструиран сој на вирусот на мајмунските сипаници, кој беше попренослив и поопасен од природните соеви на вирусот, и кој се прошири на глобално ниво - на крајот предизвикувајќи повеќе од три милијарди случаи и 270 милиони смртни случаи во период од 18 месеци“.

НТИ рече дека во сегашната епидемија нема причина да се верува дека „вклучува вештачки создаден патоген, бидејќи не сме виделе убедливи докази што би ја поддржале таквата хипотеза. Ние, исто така, не веруваме дека сегашната епидемија има потенцијал да се шири исто толку брзо како измислениот, конструиран патоген во нашето сценарио или да предизвика толку висока стапка на смртност од случаите“.

Што се однесува до тврдењата за Бил Гејтс, милијардерот филантроп долго време е вклучен во превенција на болести со својата фондација и со години предупредува за опасностите од биотероризам и пандемии - вклучувајќи, на пример, појава на сипаници. За можноста за таква епидемија, или биотерористички напад со вируси на сипаниците, исто така се дискутира во различни истражувачки написи. Гејтс никогаш конкретно не ги споменал самите мајмунски сипаници во своите изјави.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе