Според најново истражување

Коронавирусот може да се шири преку зборување, па дури и преку дишење, велат експертите на Белата куќа

Престижна научна комисија во средата вечер ѝ соопштила на Белата куќа дека истражувањата покажуваат дека коронавирусот може да се шири не само со кивање или кашлање, туку и преку разговор, или можеби дури и само со дишење, пренесе Си-ен-ен. Сепак, коронавирусот не е толку заразен како сипаниците или туберкулозата.

„Иако сегашното конкретно истражување (на коронавирусот) е ограничено, резултатите од достапните студии укажуваат на аеросолизација на вирусот со нормалното дишење“, според писмото, напишано од д-р Харви Фајнберг, претседател на комисија во Националната академија на науките (НАС).

Фајнберг за Си-ен-ен рекол дека тој ќе почне да носи маска кога оди во самопослуга.

„Нема да носам хируршка маска, затоа што тие им требаат на клиничарите“, рече Фајнберг, поранешен декан на Школата за јавно здравје на Харвард. „Но имам една фина марама во вестерн-стил што можам да ја носам. А имам и маска за скијање. Имам неколку фини опции.“

Д-р Ентони Фаучи, главен член на работната група на Белата куќа против коронавирусот, во вторникот за Си-ен-ен изјави дека идејата да се препорача широка употреба на маски во САД за да се спречи ширењето на коронавирусот е тема на „многу активна дискусија“ во групата.

Фајнберг, претседател на Постојаниот комитет на НАС за појава на заразни болести и здравствени закани од 21 век, рече дека неговото писмо било испратено во средата навечер како одговор на прашање од Канцеларијата за научна и технолошка политика во Белата куќа.

„Ова писмо одговара на вашето прашање во врска со можноста (коронавирусот) да се шири преку разговор, освен со капките од кивање/кашлање“, се наведува во писмото. „Сегашните достапни истражувања ја поткрепуваат можноста дека (коронавирусот) се шири преку биоаеросоли насобрани директно од издишувањето на пациентите“.

Според американскиот Центар за контрола и спречување на болести, вирусот се шири од личност до личност кога луѓето се наоѓаат на околу 2 метри едни од други „преку респираторни капки произведени кога заразено лице кашла или кива“.

Фајнберг за Си-ен-ен вели дека ова е точно, но дека новото истражување покажало дека аеросолизираните капки произведени со разговор или евентуално дури и само со дишење може исто така да го шират вирусот.

Неговото писмо објаснува дека истражувањето во една болница во Кина покажало дека вирусот може да остане во воздухот кога лекарите и медицинските сестри ја отстрануваат заштитната опрема, или кога се чистат подовите, или кога персоналот се движи низ просториите.

Истражувањето на Универзитетот во Небраска покажува дека во собите на некои пациенти, на повеќе од 2 метри оддалеченост од пациентите, бил најден генетски материјал од вирусот, се вели во писмото.

Фајнберг рече дека е можно аеросолизираните капки од коронавирус да стојат во воздухот и потенцијално да заразат некого што подоцна ќе помине од таму.

Сепак, тој додаде дека коронавирусот не е толку заразен како сипаниците или туберкулозата.

Колку долго коронавирусот останува во воздухот зависи од неколку фактори, вклучително и од тоа колкаво количество вирус заразеното лице издишува кога дише или кога зборува, а исто така и од обемот на циркулацијата на воздухот, рече тој.

„Ако генерирате аеросол од вирусот без циркулација во просторијата, претпоставуваме дека ако поминете од таму подоцна, може да го вдишете вирусот“, рече Фајнберг. „Но ако сте надвор, ветрето најверојатно ќе го растера“.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе