Колку далеку и колку брзо стигнавме: За „Архивите на НАСА: 60 години во вселената“

Се разбира дека се сеќавам каде бев пред 50 години, кога Нил Армстронг стапна на правливата површина на Месечината, вели Ем Џи Лорд, професорка на Универзитетот на Јужна Калифорнија.

Бев во средно училиште, на почесен научен летен клас со деца од целиот училиштен округ во Лонг Бич, Калифорнија.

Многумина од нашите татковци беа аеровселенски инженери. Бевме бесрамно забегани по науката, пред да стане мода да бидеш забеган по науката. Не ни беа потребни дигитрони; знаевме да користиме шибери. Младите мажи во класот беа петпати повеќебројни од жените, но самото присуство на жени на средношколски научен курс беше значајно. Членот IX, кој ќе им ги отвори можностите на жените, нема да биде кодифициран во закон сè до 1972 година. Во 1969 година НАСА сè уште беше толку машкоцентрична што контролата на мисијата дури и немаше женско веце.

Се собравме околу малечкиот телевизор во дневната соба на мојот лабораториски партнер, со маслиновозелено рунтаво килимче и удобна кожна фотелја. Не бевме ниту напиени ниту напушени, но телевизиските настани нè опиваа. Бевме опиени од можностите на науката. Додека го чекавме моментот што планиравме детално да им го опишуваме на нашите внуци, разговаравме за романите на Роберт Хајнлајн, Исак Асимов, а особено Артур Кларк, кој една година претходно соработуваше со режисерот Стенли Кјубрик во „2001: Вселенска одисеја“. Комплетно очекувавме дека ќе оствариме контакт со вонземјани во нашиот животен век. Меѓутоа, забеганоста по иднина надвор од планетава беше потешка во 1969 година. Во популарната култура сè уште немаше многу репери: „Ѕвездени патеки“ беше ТВ-серија што ја гледаа тесен круг луѓе, а „Ѕвездени војни“ сè уште не постоеше. Вселената не беше простор, туку програма, бојно поле за Студената војна.

Како што ние си замислувавме, Соединетите Американски Држави (не некоја друга нација или обединетата планета Земја) ќе ја прошират својата безопасна, капиталистичка империја надвор од Ван Аленовиот појас. Интергалактичките господари нема да нѐ уништат, како што направија на крајот од Кларковата „Крај на детството“. Ние ќе се преродиме како ѕвездени деца, лебдејќи во вселенската матка. Ќе го имитираме ликот Кир Дулеа од „2001“. Под „ние“ не ги подразбирав нашите внуци. Мислев на нас.

Во 19 век, крајниот императив на населувањето низ територијата на САД беше наречен „Манифест Судбина“. Тоа доведе до трансконтинентални евроамерикански населби и раселување (ако не и директен геноцид) на домородните народи. Но на 20 јули 1969 година моите соученици и јас не ги гледавме мааните на Манифестот Судбина. Се чувствувавме повикани да ги колонизираме ѕвездите.

Слетувањето на Месечината беше генерациски печат. Во своето издание од јуни/јули, списанието ААРП објави сведоштва од бумери, од Вилијам Шатнер (кој го гледал на подвижно телевизорче по откажувањето на Ѕвездени патеки) преку Хенри Винклер (кој со стравопочит гледал нагоре среде партија Монопол) до Али Мекгро (која со непознати гледала во ТВ на тротоар во Менхетн). Мекгро ја сумираше надежта што ја чувствуваа многу бумери. Знаев дека ќе можеме да ги „средиме (нашите земни) проблеми“, рече таа, „поради храброста и надежта од она што го прават овие мажи!“ Списанието својот прилог го наслови: „Денот кога светот запре“.

Меѓутоа, светот не запре. И особено не тргна во насоката прикажана во Кјубриковата „2001“, во надежната фантазија на Мекгро, ниту во ниеден друг правец што водеше кон примат на САД во вселената. На некој начин, ова беше добро. Кјубриковата визија за 21 век беше монструозно шовинистичка: важни мажи редовно патуваат на комерцијален шатл до месечината; жените им служат како декоративни стјуардеси. Очигледно, Кјубрик и Кларк можеле да замислат иднина со вонземјани и со свесна вештачка интелигенција, но не и со жени што би им биле рамноправни.

Она што всушност се случи беше ова: во 1972 година, по победата во Студената војна и опаѓањето на јавниот интерес, НАСА го прекина Аполо и се фокусираше на праќање астронаути во ниската Земјина орбита. Таа испрати роботи да ги истражат рабовите на сончевиот систем. Но своите астронаути ги држеше блиску до дома.

Оваа стратегија добро функционираше сè до 21 век, кога новите техномилијардери - Пол Ален, Џеф Безос, Илон Маск - се обидуваат да ги остварат научните фантазии што ги инспирирале кога биле во средно училиште (можеби во почесни научни летни класови). Секој од нив имал пари за финансирање во опрема и патувања што претходно биле надвор од дофатот на поединецот. Се вклучија и другите нации. Не само Русите, кои ние ги „тепавме“, туку Индија, Израел и Кина. Да, Кина. И тука лежи штосот што ние не можевме да го замислиме во 1969 година. Минатиот јануари Кина го презеде водството во новата лунарна трка, безбедно спуштајќи роботска сонда на далечната страна на месечината првпат во историјата.

Ова беше долг вовед во „Архивите на НАСА: 60 години во вселената“ на Пиерс Бизони, култен албум на американското вселенско истражување. Тоа е 5-килограмски, 30х30-сантиметарски комплет од раскошни фотографии, голем дел во боја, со коментари од научници, научнофантастични писатели, инженери, новинари и астронаути. Да се вртат неговите страници, особено ако сте биле родени за време на Аполо-периодот, значи да се покрене поплава од спомени, секој од нив поврзан со тоа каде сте биле кога се случил некој зачудувачки успех. Оттука е и моето неиздржливо навраќање во 1969 година.

Иако „Архивите на НАСА“ се стреми да биде енциклопедиска, таа не е сеопфатна. Во својот есеј за книгата, аеровселенскиот историчар од Смитсонијан Роџер Лониус ги потсетува читателите дека американската вселенска програма не беше без морални компромиси. На пример, ги игнорираше воените злодела на некои нацистички ракетни инженери, вклучувајќи го и поранешниот нацистички офицер СС, Вернер фон Браун. Но, необично, Лониус изоставува важно поглавје од американската вселенска историја - прогонот на левоориентираните ракетни инженери во Лабораторијата за млазен погон на НАСА (ЏПЛ) за време на Црвениот страв во 1950-тите.

На пример, Хсуе-Шен Циен, кој стана татко на кинеската вселенска програма, напредното техничко образование не го добил во Кина. Студирал на МИТ и Калтек, каде што бил сметан за брилијантен. Тој исто така учествувал во раните ракетни експерименти во Гугенхајмовата аеронаутичка лабораторија во Калтек, претходникот на ЏПЛ, под надзор на познатиот унгарски аеродинамичар Теодор фон Карман. Фон Карман толку многу го почитувал Циен што кога американските воздухопловни сили побарале од него да ја процени нацистичката ракетна технологија на крајот од Втората светска војна, Фон Карман инсистирал со себе да го донесе и Циен.

Сепак, во почетокот на 1950-тите, кога Циен се обидел да стане американски државјанин, имало сомнеж во неговата лојалност - значаен пресврт од неговиот ултрапатриотски статус како член на елитниот советодавен тим на Фон Карман. Службата за имиграција и натурализација го држела во домашен притвор, а потоа насилно го депортирала - одлука за која можеби се каеле кога тој ја основа кинеската програма ИЦБМ, а подоцна и нејзината вселенска програма. Ако Лониус ја вклучел приказната за Циен - и неговата оправдана одбивност кон САД - кинеското слетување на месечината можеби ќе изгледало помалку ненадејно и поочекувано.

Читањето на „Архивите на НАСА“ значи размислување за иднината на САД во вселената. Неодамна, за да се одбележи годишнината од Аполо 11, разни коментатори изнесуваа идеи за мисии спонзорирани од владата до Месечината и до Марс. Но само затоа што има локомотива, не значи дека треба да скокаме во неа. Фокусираниот потфат Аполо (повеќе од 400.000 поединци и неколку десетици корпорации) имаше конкретна цел: да го порази Советскиот Сојуз. Ако толку многу луѓе и институции повторно се насочат кон некоја цел, нели таа треба да биде многу поважна? Како, да речеме, спречување на последиците од климатските промени предизвикани од човекот?

Зошто Месечината и Марс да не им ги оставиме на милијардерите? Тие нека ги преземат ризиците. Исцрпувачкото патување надвор од Земјината магнетосфера е поопасно од краткиот скок до Меѓународната вселенска станица. Многу астронаути нема да преживеат. Уште од периодот на Аполо, знам колку е лошо чувството кога умираат астронаути. Се сеќавам на 27 јануари 1967 година, уште појасно отколку на слетувањето на Месечината. На тој ден, во модулот Аполо 1 избувна пожар за време на теренски тест, кој брзо ги спржи астронаутите Гас Грисом, Ед Вајт и Роџер Чафи.

Овие мажи не беа случајни трагачи по возбуда, или неспремни планинари на Монт Еверест. Toa беа нашите најдобри луѓе. Тие работеа за нас. Ние тагувавме по нив. Никој не изгледаше подготвен за неуспех. Но како што сфатив од книгата на Бизони, нема пак да бидеме неподготвени. Кога почна Аполо 11, Белата куќа се надеваше на најдоброто, но се подготвуваше за најлошото. Коваше зборови што благословено останаа неискажани: „Судбината предодреди мажите што отидоа на Месечината за да истражуваат во мир да останат на Месечината за да почиваат во мир“.

Книгата на Бизони, исто така, ме потсети дека не ви треба НАСА за да создавате спомени или да ја инспирирате јавноста. Минатиот месец - во вечерните часови на 25 јуни - седев залепена за компјутерот заради лансирањето на Спејсекс фалкон хеви од Кејп Кенеди. Ракетата, изградена од компанијата на Илон Маск, беше огромна. Носеше 24 сателити за различни клиенти. Мислев на летото 2003 година, кога отпатував на Флорида за лансирањето на роверот Марс Опортјунити на ракета Делта II хеви.

Се разбира, ако не сте во Кејп, веројатно нема да почувствувате како Земјата се помрднува. Но и виртуелното искуство на едно големо лансирање е неверојатно. Ве крева. Ги заборавате своите ситни проблеми и се влевате во одбројувањето, додека инженерите систематски го проверуваат секој систем. Потоа ракетата се вивнува нагоре. Ве обзема. Викате од среќа - дури и ако сте сами дома на другата страна на државата. Ова е така било да е ракетата изградена од НАСА или од некој визионерски милијардер. А на милијардерите сметам дека ќе нè однесат на Марс.

 

Ем Џи Лорд е авторка на Астро Турф, семејни мемоари за аеровселенската култура од Студената војна, за што дискутира во четириделниот документарен филм на ПБС, Блу Скај Метрополис

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе