Научниците открија

Кинеските фабрики се нова закана за обновувањето на озонската дупка

Научниците препорачуваат остри мерки против хемикалиите што не се опфатени со меѓународните регулативи со кои се забрануваат хлорофлуоројаглеродите (ЦФЦ), кои ја оштетуваат озонската обвивка.

За зголемените нивоа на хлороформ во атмосферата неодамна е откриено дека се закана за обновувањето на озонската обвивка.

Научниците велат дека зголемувањето на емисиите на оваа хемикалија од фабриките во Кина може да го уназади процесот и за до осум години.

ОН неодамна потврди дека три децении по значајниот светски договор за спречување на штетните загадувачи, озонската дупка се затвора.

Забраната за производство на ЦФЦ - главната причина за проблемот - според Монтреалскиот протокол се сметаше за редок пример на вистинска меѓународна соработка.

Притисокот растеше во текот на 1980-тите откако истражувачите го вклучија алармот поради дупката во слојот што нè штити од сончевата светлина, поради загриженоста дека тоа ќе доведе до зголемување на стапката на рак на кожата.

Сепак, позитивните вести оттогаш стивнаа, бидејќи научниците што го истражуваат озонот забележаа неправилности што покажуваат дека иако слојот навистина заздравува, тоа не се случува толку брзо како што се надеваа.

Во една нова студија објавена во списанието Нејчр џиосаенс, тимот го открил хлороформот, кој се користи за производство на разладни средства, како главен растечки проблем, пренесува британски Индипендент.

Во период од пет години, почнувајќи од 2010 година, научниците ги користеа податоците од глобалните набљудувачки станици за да детектираат масовно зголемување на оваа супстанција, при што најголем дел доаѓа од Источна Азија. Емисиите низ целиот свет во 2015 година се зголемија за петпати во споредба со претходната деценија, а тимот откри дека кинеските индустриски области се совпаѓаат со најголемите жаришта.

„Заклучуваме дека источна Кина може да го објасни речиси целиот глобален пораст“, рече д-р Ксукун Фанг, научник од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), кој го предводеше меѓународниот тим.

Хлороформот е само последниот во серијата гасови што предизвикаа загриженост по забраната за ЦФЦ. Во 2017 година британските истражувачи го идентификуваа индустрискиот хемиски дихлорометан како уште една закана, а годинава меѓународната истрага покажа дека производителите на пластична пена сè уште го произведуваат забранетиот ЦФЦ-11.

Монтреалскиот протокол не ја опфаќа класата на соединенија познати како „многу краткотрајни супстанции“, за кои е познато дека го оштетуваат озонот, но се сметаше дека нема да имаат трајно влијание како ЦФЦ.

„Но сега, кога сме во фаза кога се намалуваат емисиите на подолготрајните соединенија, понатамошното закрепнување на озонската обвивка може да се забави и со релативно мали извори, како што се многу краткотрајните видови - а постојат голем број такви“, рече професорот од МИТ Роналд Прин.

Бидејќи некои индустриски извештаи укажуваат дека употребата на хлороформот во кинеските фабрики е во пораст, научниците предупредуваат дека целосното заздравување на озонот може да се уназади за четири до осум години.

Тие, исто така, истакнаа дека „несреќното совпаѓање“ помеѓу местото на овие емисии и честите бури значи дека повеќето од нив се туркаат нагоре во стратосферата, каде што можат да направат најголема штета.

Тимот препорача регулативи за краткотрајните хемикалии, со цел да се обезбеди непречено заздравување на озонот во годините што доаѓаат.

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе