50 години по САД

Кина втора во историјата постави знаме на Месечината (ФОТО)

Педесет години по Соединетите Американски Држави, и Кина го истакна своето знаме на Месечината.

EPA-EFE

Кинеската национална вселенска агенција објави фотографии на кои се гледа црвеното знаме со пет ѕвезди поставено на површината на Месечината.

Знамето го снимила камера на вселенската сонда Чанг’е 5, пред вчера да замине од Месечината и да тргне кон Земјата со примероци од карпите, пишува Би-би-си.

Кинескиот весник Глобал тајмс објави дека кинеското знаме е потсетник на „возбудата и инспирацијата“ кои ги следеа американските Аполо мисии.

Знамето од платно е тешко околу еден килограм, долго е два метри и широко 90 сантиметри.

Сите негови делови се заштитени од студ, изјави за Глобал тајмс лидерот на проектот Ли Јунфенг и додаде дека вообичаено национално знаме од Земјата не би ја преживеало Месечината.

Првата земја која во 1969 година стави свое знаме на Месечината беа САД. Подоцна Соединетите Држави поставија уште пет свои знамиња во следните мисии сè до 1972 година. НАСА во 2012 година соопшти дека сателитски снимки покажале дека петте американски знамиња сè уште стојат на Месечината, со тоа што експертите наведоа дека поради зрачењето на Сонцето тие се веројатно сосема избледени.

Кина вчера соопшти дека нејзината најнова сонда завршила со земање примероци од површината на Месечината и ги складирала во вселенското летало за враќање на Земјата, што е првпат некоја земја да проба таква мисија во последните 40 години.

Чанг’е 5 е третата кинеска сонда која слета на Месечината, последната во низата на сè поамбициозни мисии за вселенската програма на Пекинг, која исто така има сонда на пат кон Марс.

Сондата „го заврши собирањето примероци на Месечината и примероците се запечатени во вселенското летало“, се наведува во соопштението на кинеската Национална вселенска управа.

Модулот кој во вторникот се спушти на Месечината ја напушти во четвртокот во 23:10 по пекиншко време (16:10 по средноевропско). На враќањето Чанг’е 5 би требало кон средината на декември да слета на тревниците на Монголија, каде претходно слетаа кинеските бродови Шенжу со екипаж откако Кина за првпат испрати човек во вселената во 2003. Ако сондата се врати на Земјата без проблеми, Кина ќе биде третата земја која собрала примероци од природниот сателит на Земјата, по САД и поранешен СССР.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе