Чанг'e-4

Кина лансираше летало на далечната страна од Месечината (ВИДЕО)

Кина ја почна првата мисија за слетување на роботско летало на далечната страна на Месечината, објавија вчера кинеските медиуми.

Статичкиот лендер и ровер Чанг'e-4 ќе слета на кратерот Вон Карман, кој се наоѓа на страната на Месечината што никогаш не е свртена кон Земјата.

Леталото летна на ракетата Лонг марч 3Б од лансирниот центар Сичан.

Со оваа мисија Кина ќе донесе на Земјата примероци од камења и почва од Месечината.

Слетувањето нема да се случи до почетокот на јануари, кога сондата ќе слета на рапавиот терен на лунарната далечна страна.

Кратерот Вон Карман ги интересира научниците бидејќи се наоѓа во рамките на најстарата и најголема дупка од удар на Месечината - басенот Јужен Пол-Ејткен, кој веројатно бил формиран од удар на огромен астероид пред милијарди години.

Лендерот ќе ја истражи геологијата на регионот и составот на карпите и почвата.

Поради феномен наречен „синхрона ротација“ ние од Земјата го гледаме само едното „лице“ на Месечината. Тоа е затоа што на Месечината ѝ треба исто толку време за да изротира околу својата оска колку што ѝ треба за да сврти круг околу Земјата.

Иако често се нарекува „темна страна“, ова лице на Месечината исто така е осветлено од Сонцето и ги има истите фази како блиската страна; „темно“ во овој контекст едноставно значи „невидено“.

Далечната страна изгледа прилично поинаква од попознатата страна. Таа има погуста, постара кора, која е полна со многу кратери. Исто така има и помал број од темните базалтни „мориња“ создадени од лава - кои се гледаат на блиската страна.

Силниот удар што го создал басенот Јужен Пол-Ејткен веројатно пробил низ кората до слојот мантија на Месечината. Инструментите на Чанг'e-4 би можеле да испитаат дали тоа е така, што ќе фрли светлина врз раната историја на нашиот единствен природен сателит.

 

Експеримент со семиња

Мисијата, исто така, ќе ја испита „радиооколината“ на далечната страна, тест со кој ќе се постават темелите за создавање на идните радиоастрономски телескопи на далечната страна, која е заштитена од радиобучавата на Земјата.

Статичкиот лендер ќе носи контејнер од 3 килограми семки од компир и од растението урочник за да изврши биолошки експеримент. Експериментот „лунарна минибиосфера“ го оформиле 28 кинески универзитети.

„Сакаме да го проучиме дишењето на семињата и фотосинтезата на Месечината“, изјави годинава Лиу Ханлонг, главен директор на експериментот и потпретседател на Универзитетот Чонгкинг, за државната новинска агенција Синхуа.

Бидејќи лендерите на далечната страна не ја „гледаат“ нашата планета, податоците мора да ги испраќаат назад преку релејниот сателит наречен Цјуецао, кој Кина го лансира во мај оваа година.

Дизајнот на сондата се темели на нејзиниот претходник, Чанг'e-3, кој во 2013 година спушти летало во месечинскиот регион Маре Имбриум. Сепак, има некои важни модификации.

 

Амбициите на Кина на месечината

Лендерот носи две камери; радијацискиот експеримент наречен ЛНД, изведен од Германија; и спектрометар што ќе ги врши нискофреквентните радиоастрономски набљудувања.

Роверот ќе носи панорамска камера, радар за испитување под лунарната површина, спектрометар за снимање минерали и експеримент за испитување на интеракцијата на сончевиот ветер (тек од наелектризирани честички од Сонцето) со површината на Месечината.

Мисијата е дел од поголемата кинеска програма за лунарно истражување. Првата и втората мисија на Чанг'e беа дизајнирани да собираат податоци од орбитата, додека третата и четвртата беа создадени за површински операции.

Чанг'e-5 и 6 се мисии за носење примероци, со кои во лабораториите на Земјата ќе се донесат камења и почва од месечината.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе