Кина испраќа летало на Месечината по камења

Кина планира утре да лансира беспилотно летало на Месечината, кое од таму треба да донесе примероци од камења, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Тоа ќе биде првиот обид на која било нација да добие примероци од природниот сателит на Земјата уште од 1970-тите години.

Вселенското летало „Чанг'е-5“, именувано по античката кинеска божица на Месечината, ќе се обиде да собере материјал што треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за потеклото и формирањето на Земјиниот сателит. Мисијата ќе ја тестира способноста на Кина далечински да допре до примероци од вселената, пред посложените мисии.

Ако успее, Кина ќе биде само третата земја во светот што дошла до примероци од Месечината, по САД и Советскиот Сојуз. Последната мисија од ваков вид, наречена Луна 24, беше извршена од Русите во 1976 година.

Како дел од програмата „Аполо“, кога човечки екипаж првпат успешно слета на Месечината, Соединетите Држави таму спуштија 12 астронаути за време на шест лета од 1969 до 1972 година, кои на Земјата донесоа 382 кг камења и други примероци.

Во 1970-тите, Советскиот Сојуз оствари три успешни роботски мисии. За време на последната мисија, Луна 24 од 1976 година, од Месечината беа донесени 170,1 грама примероци.

Кинеската сонда ќе се обиде да собере два килограми примероци од камења од нејзиниот досега неистражен дел, познат како Oceanus Procellarum (Океанска бура).

Мисијата Чанг'е-5 би можела да помогне во одговарањето на прашањата за тоа колку долго Месечината била вулкански активна во својата внатрешност и кога се распрснало нејзиното магнетно поле, клучно за заштита на која било форма на живот од сончевото зрачење.

Кина своето прво слетување на Месечината го направи во 2013 година.

Во јануари 2019 година кинеското вселенско летало Чанг'е-4 успешно слета на другата, „темната“ страна на Месечината, што беше голем успех за амбициозната кинеска вселенска програма, со што таа стана првата земја што поставила сонда на месечинската страна што никогаш не се гледа од Земјата.

Во следните десет години Кина планира да воспостави базна роботска станица, која ќе им овозможи беспилотни истражувања што се спроведуваат во јужниот поларен регион.

Кинеските власти планираат да добијат примероци од Марс до 2030 година.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе