Колумнистка на Гардијан

Истражувањето на вселената треба да биде иницијатива на нациите, не само на некој богат тип

Некогаш навистина се надевам дека интелигентниот живот од вселената НЕ нè набљудува, пишува колумнистката на Гардијан Вен Бадам.

Можеби затоа што Робер Лепаж ја однесе „Далечната страна на Месечината“ на фестивалот Аделаида. Или зашто на телевизија гледаме нови „Ѕвездени патеки“. Или можеби затоа што се чувствувам како единствената личност на која навистина - навистина - ѝ се допадна „Валеријан“ од Лук Бесон, ама јас постојано мислам на вселената, фантазиите за финалната граница и на вистинските патувања што луѓето допрва ќе се осмелат да ги прават во неа.

Оваа недела имаше голем број вести што се однесуваат на нашето пробно посегнување кон ѕвездите, кои, и покрај сите фрустрирачки новости, сепак може повторно да го поттикнат стремежот кон вселенските мисии во популарната политичка свест. Прво, во Њујорк тајмс се појави извонредно парче од американскиот астронаут Марк Кели, кој ја повикува администрацијата на Трамп да се откаже од плановите за прекинување на финансирањето на Меѓународната вселенска станица.

Станицата почна со работа во 1998 година, изградена во соработка меѓу 16 земји. Две години подоцна почнаа мисиите со екипаж. Оттогаш таа работи, растејќи модул по модул. Екипирана е со научници од коалиција на американски, канадски, руски, јапонски и европски вселенски агенции, кои преминуваат во нејзината „американска“ половина исто толку слободно како и во „руската“.

Улогата на станицата е истражување, а својот страстен аргумент Кели го базира врз заедничката потрага по знаење во интерес на обичните луѓе од целиот свет. Кели ја посетил станицата четири пати и со право ја идентификува како еден од најмонументалните подвизи во историјата. „Она што Меѓународната вселенска станица им го нуди на луѓето и на нациите е извонредно“, пишува тој, „важна можност да соработуваат на заеднички научни цели, главно ослободени од политиката и речиси целосно ослободени од влијанијата на нашата планета“.

За жал, ова не е став што го дели, цени, па дури и го разбира администрацијата на Трамп, или оние што се премногу слични на нив. Сегашната преокупација на Трамп е планирање „голема воена парада“ - тој вели „иста како таа во Франција“, но сите знаеме колку на Трамп му се допаѓа Русија - односно да тркала тенкови низ Вашингтон. Ова е прослава не на знаењето, туку на силата, и не на обичните луѓе од целиот свет, туку на надуените националисти; не вредности за иднината, туку крештав, чкрипав симболизам на минатото. А ако судиме според златните завеси со кои Трамп ја преуреди Овалната канцеларија, парадата нема ни да изгледа убаво. Слична таква парада, се разбира, предизвика реакција од Северна Кореја, која планира свое сопствено влечење ракети по главните улици на Пјонгјанг во исто време со Олимпијадата во Сеул.

Уф. Има моменти кога навистина се надевам дека интелигентниот живот од вселената НЕ нè набљудува. Особено со оглед на тоа што, од аспект на поп-културата, не Северна Кореја, туку супербогатиот гениј и чудак Илон Маск - финансиран од влади во сфери на нечуено богатство - е тој што многу повеќе одговара на стриповски супернегативец отколку насмеаниот Драг Лидер на азиската држава-отпадничка.

Бизнис-магнатот/инженер/пронаоѓач - сега вреден пријатни 20 милијарди долари - неделава лансира комерцијална ракета во орбитата, што е втората точка од овонеделните важни вселенски вести. „Фалкон хеви“, која Маск ја лансираше приватно, моментално е најмоќната ракета што се користи во светот, а таа отплови во вселената на еден од автомобилите на самиот Маск - Тесла роудстер, програмиран вечно да свири песни на Дејвид Боуви.

Споредбите со Грин Гоблин од Спајдермен се нефер кога ќе размислите колку повеќе вселенскиот проект на Маск личи на начинот на оперирање на негативецот во Џејмс Бонд-филмот „Мунрејкер“. Се разбира, не велам дека Маск е некаков негативец со визии за колонии на Марс само затоа што е богат, па истрелува огромни ракети во вселената. Сигурна сум дека тој е многу фин.

Само мислам дека кога станува збор за полето на човековите потфати и за нашето одлепување од она што таткото на космонаутиката, Константин Циолковски, го нарече „лулка на човештвото“, во која не можеме да живееме засекогаш, иницијативата за истражување на вселената до невидени височини, најголеми далечини и светови надвор од нашиот свет можеби би требало да биде иницијатива на државите, заедниците и обединетите народи, а не само на некој богаташ.

Има многу критики за администрацијата на Кенеди, но сепак, за момент, погледнете ги визијата и возбудата кога националните државни лидери ги овозможија мисиите на НАСА и Аполо како големи орнаменти на националните активности. Помислете дека двете најголеми модерни светски империи најфасцинантните битки од Студената војна ги водеа во арена на технолошко ривалство и научни амбиции што ни користеа на сите. А кулминацијата на нивната брилијантност и амбиција поттикна нови зближувања, и ја има дури и сега во бестежинските научни муабети што веќе 20 години се водат над нашите глави.

Доколку владите, како онаа на Трамп, ја напуштат оваа област и дозволат да пропаднат овие големи проекти на човештвото во нашата орбита, а можеби и подалеку, вакуумот, кој природата не го трпи, ќе биде пополнет од Маск, а можеби и од други со далеку помала генијалност.

Јас само се надевам дека приватните негативци на небото ни даваат нам, на селаните под нив, некаква шанса за борба. Добрата приказна - па дури и ако се случува во вселената - е рамна на нула ако нема отпор.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе