Испраќањето астронаути на Марс би било глупаво, вели член на Аполо 8

Еден од првите луѓе што орбитираа околу Месечината за Би-би-си вели дека е „глупаво“ да се планираат човечки мисии на Марс.

Бил Андерс, пилот на лунарниот модул Аполо 8, првото вселенско летало со екипаж што ја напушти орбитата на Земјата, рече дека испраќањето екипи на Марс е „речиси смешно“.

НАСА во моментов планира нови човечки мисии на Месечината. Таа сака да ги научи вештините и да ја развие технологијата за да овозможи идни слетувања на човекот на Марс.

Андерс (85) вели дека е „голем поддржувач“ на „извонредните“ беспилотни програми, „главно поради тоа што се многу поевтини“. Но тој вели дека едноставно нема јавна поддршка за финансирање на многу поскапи човечки мисии.

„Што е императивот? Што нè турка да одиме на Марс?“, рече тој, додавајќи: „Не мислам дека јавноста е заинтересирана“.

Во меѓувреме, роботските сонди сè уште го истражуваат Марс. Минатиот месец, лендерот Инсајт, кој ќе зема примероци од внатрешноста на планетата, успешно слета на Елисиум Планитиа.

Во декември 1968 година Андерс, заедно со колегите Френк Борман и Џим Ловел, полета од Кејп Канаверал во Флорида и прелета 10 орбити околу Месечината.

Екипажот на Аполо 8 помина 20 часа во орбитата, пред да се врати на Земјата.

Тие нурнаа во Пацификот на 27 декември, слетувајќи на само 4.500 метри од нивната целна точка. Ги собра носачот на авиони УСС Јорктаун.

Тие во тој момент беа луѓето што отпатувале најдалеку од својата матична планета - а мисијата беше важна плочка на патот кон историското слетување на месечината на Аполо 11, кои слетаа само седум месеци подоцна.

Но поранешниот астронаут е загрижен поради слабиот развој на НАСА од ветувањето на претседателот Џон Ф. Кенеди дека човекот ќе слета на Месечината до крајот на 1960-тите.

„НАСА денес не би можела да стигне до Месечината. Тие се толку закоравени... НАСА се претвори во програма за работни места... многу од центрите главно се заинтересирани да останат зафатени и не ја гледате јавната поддршка освен тоа што им даваат плата на своите работници, а нивните конгресмени се реизбрани“.

Андерс ја критикува и одлуката на НАСА да се фокусира на истражување на орбитата близу Земјата по завршувањето на програмата Аполо во 1970-тите. „Мислам дека вселенскиот шатл беше сериозна грешка. Тој не стори речиси ништо освен што имаше возбудливо лансирање, но никогаш не ги исполни очекувањата“, рече тој.

„Вселенската станица е таму само затоа што имавте шатл, и обратно. НАСА навистина не ја раководеше добро програмата со екипаж по последните слетувања на Месечината“.

Неговиот поранешен колега од екипажот, Френк Борман, кој командуваше со мисијата Аполо 8 и исто така помина две недели во орбитата на Земјата за време на програмата Џемини, е нешто поголем ентузијаст.

„Јас не сум толку критичен кон НАСА како Бил“, рече тој. „Јас цврсто верувам дека ни треба робусно истражување на нашиот Сончев систем и мислам дека човекот е дел од тоа“.

Но запраша за плановите на основачот на Спејсекс, Илон Маск, и шефот на Амазон, Џеф Безос, кои зборуваат за покренување приватни мисии на Марс, Борман е покритички расположен.

„Мислам дека има голема фама околу Марс, што е глупост. Маск и Безос зборуваат за поставување колонии на Марс, тоа е бесмислица“.

 

Наследството на Аполо

Размислувајќи за сопствената историска мисија на Месечината, Борман го опишува Аполо 8 како „голем потфат“ и се согласува дека победил во вселенската трка.

Андерс рече дека чувствувал дека трајното наследство на мисијата ќе биде „Изгревањето на Земјата“, фотографија снимена од екипажот на која се гледа родната планета на човештвото опколена од црнилото на вселената над хоризонтот на месечината.

Нивниот тимски колега, Џим Ловел, исто така, се осврна на тој момент: „Кога погледнав во самата Земја... почнав да се прашувам зошто сум тука, каква е мојата цел овде... тоа некако ме погоди“, рече тој.

„А мојата перспектива е дека Бог му дал на човештвото сцена на која треба да глуми. Каква ќе излезе претставата, зависи од нас“.

Френк Борман и Бил Андерс разговараа за Би-би-си како дел од специјалниот документарен филм за 50-годишнината од нивната историска лунарска мисија.

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе