Исландски научници: 50 отсто од заразените со коронавирусот немаат симптоми

Здравствените експерти веќе некое време зборуваат дека сеопфатно тестирање е клучно за контролата на ширењето на коронавирусот, но и сфаќањето на самото заболување. Исланд, островска држава со околу 260.000 жители, го прави токму тоа – спроведува масовни тестирања.

Досега во таа земја за коронавирусот се тестирани над 17.900 луѓе, речиси 5 отсто од популацијата. И додека Националната универзитетска болница ги тестира луѓето кои им припаѓаат на високоризичните групи или покажуваат симптоми, голем дел од Исланд тестирала компанијата Дикоуд џенетикс која е фокусирана на пошироката популација, а која тоа го прави во соработка со епидемиолози и здравствените агенции, пренесува Си-ен-ен.

Дикоуд, подружница на американската биотехничка компанија Амген, досега на Исланд тестирала околу 9.000 жители кои самоволно се пријавиле, без оглед на тоа дали имале симптоми или не.

Експертите на компанијата утврдиле дека, иако помалку од 1 отсто од тестовите биле позитивни на ковид-19, 50 отсто од позитивните немале никакви симптоми. Овој наод ги потврдува другите научни истражувања кои укажуваат на тоа дека луѓето со благи или без симптоми имаат важна улога во брзото ширење на вирусот.

Исланд засега не ги воведува драконските мерки кои ги воведоа многу земји во Европа и Азија. Во моментов има забрана за собирање на 100 луѓе или повеќе и затворени се основните и средните училишта.

Властите сметаат дека порестриктивни мерки не се потребни бидејќи владата е спремна за следење на вирусот.

„Тестирањето и следењето на контактите се една од главните причини зошто не воведовме карантин“, изјавија за Си-ен-ен од исландската агенција за здравство.

„Постои уште една причина, не помалку важна, а тоа дека спроведуваме многу агресивна политика на карантин за поединците за кои се сомневавме дека се заразени со коронавирусот“.

Исланд почна да го тестира своето население уште во февруари. Според последните податоци, Исланд има 1.220 потврдени случаи на зараза и само два смртни случаи. Повеќе од 900 луѓе се во моментов во изолација, додека над 5.000 излегоа од карантин.

„Единствената причина зошто волку добро стоиме е таа што бевме многу внимателни. Сериозно ја сфативме епидемијата во Кина. Не ги кренавме рамењата и не кажавме: „Ова нема да биде ништо страшно“, кажа д-р Карл Стефансон, основач на компанијата Дикоуд џенетикс.

Стефансон очекува компанијата да тестира најмалку 50.000 луѓе (околу 13 отсто од популацијата) пред да заврши пандемијата.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе