Неочекувано

Хабл откри суперголема црна дупка „што не би требало да постои“, вели НАСА

На 130 милиони светлосни години од нас Хабл открил мошне необична црна дупка.

Во срцето на спиралната галаксија НГЦ 3147 лежи суперголема црна дупка. Тоа обично не е причина за загриженост, бидејќи многу галаксии кријат суперголеми црни дупки во својот центар. Сепак, оваа црна дупка, забележана од тим што го користи вселенскиот телескоп Хабл на НАСА, не би требало да постои. Барем не според нашите сегашни теории за универзумот.

Мистериозната црна дупка, која тежи околу 250 милиони пати повеќе од сонцето, е детално објаснета во астрономскиот журнал Месечни известувања на Кралското астрономско друштво на 11 јули. Она што ги збунува астрономите е што е опкружена од тенок диск, познат како акреционен диск, кој содржи остатоци и гас што брзо јурат околу работ на дупката.

Тој диск не би требало да биде таму.

Огромното гравитациско поле на оваа црна дупка не заробува доволно материјал, што значи дека таа е „гладна“.

Црните дупки како оваа се опишуваат како „прегладнети“ поради нивниот недостиг од гравитационо заробени материјали со кои би се „хранеле“, а околниот материјал што паѓа во неа вообичаено се шири нанадвор во маглина во облик на крофна. Ваквите црни дупки генерално не формираат дискови од материјал - тоа е резервирано за добро ухранетите космички ѕверки.

Сепак, жестокиот диск што ја опкружува оваа гладна црна дупка се движи со повеќе од 10 проценти од брзината на светлината и личи на оние што се наоѓани во екстремно активни галаксии со „прејадени, монструозни црни дупки“, вели НАСА.

Тоа што оваа црна дупка сепак има диск од материјалот што зуи околу неа со 10% од брзина на светлината ги побива досегашните модели.

„Тоа е истиот тип на диск што го гледаме во објекти што се 1.000 или дури 100.000 пати посветли“, објасни првиот автор на студијата, Стефано Бјанки, во соопштението. „Предвидувањата на тековните модели за гасните динамики кај многу бледите активни галаксии очигледно се погрешни“.

Ѕвездите во НГЦ 3147 го отежнуваат гледањето внатре во галаксијата, но со помош на специјализиран инструмент на вселенскиот телескоп Хабл, истражувачите успеале да ја блокираат ѕвездената светлина и да ѕирнат внатре и да ја видат материјата што се врти околу црната дупка. Здогледувањето на дискот им дава на астрономите шанса да видат две од теориите на релативноста на Ајнштајн во живо и да ги разберат процесите што се случуваат блиску до работ на црна дупка.

„Ние никогаш не сме ги виделе ефектите ни од општата и од специјалната релативност на видлива светлина со олкава голема јаснотија“, рече Марко Кјаберџе, член на тимот што ја спроведе студијата на Хабл.

Интернационалниот тим на истражувачи со неочекуваното откритие сакаат да ги тестираат теориите на Ајнштајн, а и понатаму го користат Хабл во потрага по уште галаксии што би можеле да бидат домаќини на слични дискови што предизвикуваат чешкање по глава.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе