Ковид-19

Фински научници направија симулација колку лесно се шири вирусот во самопослуга (ВИДЕО)

Истражувачите што го моделирале ширењето на коронавирусот потенцираат колку е важно да се избегнуваат затворени простории со многу луѓе.

Заеднички проект спроведен од четири фински истражувачки организации ги проучувал патувањето и ширењето на коронавирусот преку воздухот. Првичните резултати велат дека аеросолните честички што го носат вирусот можат да останат во воздухот подолго отколку што се сметаше досега, па затоа е важно да се избегнуваат затворени простории со многу луѓе. Тоа го намалува и ризикот од заразување со капки, кои остануваат главниот пат на пренесување на коронавирусот.

Универзитетот Алто, Финскиот метеоролошки институт, Финскиот центар за технички истражувања ВТТ и Универзитетот во Хелсинки, проучувале како патуваат низ воздухот екстремно малите воздушни честички што се испуштаат од респираторниот тракт при кашлање, кивање, па дури и преку зборување. Таквите честички можат да носат патогени како што се коронавирусите.

Истражувачите моделирале сценарио кога некое лице кашла во патека помеѓу полици како оние што се наоѓаат во продавниците за храна, а ја зеле предвид и вентилацијата. Универзитетот Алто, Финскиот метеоролошки институт и Финскиот центар за технички истражувања ВТТ го спровеле моделирањето самостојно, користејќи ги истите почетни услови.

Го добиле истиот првичен резултат: во анализираната ситуација, аеросолниот облак, односно честичките, се шират од лицето што кашла и притоа се разредуваат. Сепак, ова може да трае до неколку минути. „Некој заразен од коронавирусот може да кашла и да чекори, а потоа да остави зад себе екстремно мали аеросолни честички што го носат коронавирусот. Овие честички потоа би можеле да завршат во респираторниот тракт на луѓето што се во близина“, објаснува Вил Вуоринен, доцент на универзитетот Алто.

Тие направиле и 3Д-симулација за тоа како може да се шири коронавирусот во самопослуга, односно од лице што кашла во затворен простор, која докажува дека ситните капки нема веднаш да се наталожат на подот, како што првично се мислеше. Тие може да лебдат во воздухот, а вие може да ги вдишете овие честички кога некој кашла или кива близу вас.

Целосната анимација е неверојатна и покажува колку навистина се изложени луѓето. Освен пандемијата на коронавирус, овој вид студии покажуваат и колку лесно може да се шират сите заразни патогени преку воздухот.

Откако честичките некое време ќе лебдат во воздухот, тие може да слетаат на облеката и на производите од близина. Таму новиот коронавирус може да преживее од неколку часа до неколку дена.

Истражувањето докажува зошто е неопходно да кашлате во својот лакт, во маска или во марамче и зошто мора често да ги миете рацете. Ако сте излезени надвор, користете средства за дезинфекција. И по секоја цена избегнувајте да го допирате вашето лице, затоа што овие честички може да стигнат до вашите очи, нос или уста. Студијата исто така покажува дека социјалното растојание е задолжително за време на оваа пандемија. И покрај тоа, може да има ситуации кога нема да можете да ги одржите препорачаните растојанија од два метри. Па дури и ако го сторите тоа, сè уште ризикувате да влезете во облак од честички од заразено лице.

Истражувачите на конзорциумот го моделирале воздушното движење на аеросолните честички помали од 20 микрометри. Кај сувата кашлица, која е типичен симптом на овој коронавирус, големината на честичките обично е помала од 15 микрометри. Екстремно малите честички со оваа големина не паѓаат на подот, туку се движат по воздушните струи или остануваат да лебдат на истото место. Студиите за грипот А потврдија дека вирусот на грипот А може да се најде и во најмалите честички, од помалку од 5 микрометри.

Слична студија од истражувачи во Белгија и Холандија покажа колку шокантно лесно може да се заразите од коронавирус што лебди во воздухот дури и додека сте надвор. Во такви случаи, на луѓето им се советува да одржуваат уште поголемо растојание меѓу себе затоа што два метри може да не бидат доволни за да се спречи вдишување на аеросолизираниот вирус. Низа понови студии покажаа дека новиот коронавирус не се шири само со кашлање и кивање. И нешто едноставно како зборувањето може да го шири ковид-19 преку микрокапките што лебдат во воздухот.

Симулацијата покажува колкав предизвик може да биде купувањето храна и други намирници за време на изолирањето поради ковид-19 и дека треба да се преземат сериозни чекори за да колку што е можно поголема заштита при купувањето. Правилното планирање, почитувањето на правилата за социјално растојание и користењето средства за дезинфекција на разни точки за време на одењето во самопослуга се работи што мора да ги преземете, укажуваат научниците. Исто така, важно е чистење на сè што може да е загадено кога се враќате дома, од облеката што ја носите до пакетите што ги внесувате. Рацете, веќе знаеме, мора да се мијат повеќе пати на секој чекор од патот.

Објавено

Петок, Април 10, 2020 - 19:57

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе