Њујорк тајмс

Дали тоа во 2017 година низ нашиот соларен систем пролетаа вонземјани?

Можеби ќе промашиме нешто неверојатно, како свештениците во 17 век што одбиваа да погледнат низ телескопот на Галилео.

На 12 ноември 2018 година Ави Лоеб, тогаш шеф на Одделот за астрономија на Харвард, и неговиот млад соработник Шмуел Биали објавија труд во престижниот „Астрофизикал џурнал летерс“ тврдејќи дека луѓето имале контакт со вонземска технологија кога мистериозниот предмет Оумуамуа пројури низ сончевиот систем претходната есен.

Новинарите му навалија на врата. Јас не бев еден од нив, вели Денис Овербај за Њујорк тајмс, бидејќи мислев дека нивното тврдење е паметно и смело, но претерано, и сѐ уште мислам така, иако посакувам да е вистина.

Мал број негови колеги научници се согласуваат со него, како што самиот Лоуб ќе ви каже во својата нова книга „Вонземско“, која делумно е грациозен мемоар, а делумно молба умот да се одржи отворен кон можностите на она што е таму некаде во универзумот - особено животот. Инаку, вели тој, можеби ќе промашиме нешто неверојатно, како свештениците во 17 век што одбиваа да погледнат низ телескопот на Галилео.

„Дали сите ние, и научниците и лаиците, сме спремни?“, прашува тој во воведот. „Дали човечката цивилизација е спремна да се соочи со ова и да прифати дека животот на Земјата не е уникатен и веројатно не нешто особено импресивен? Се плашам дека одговорот е не, и дека таа распространета предрасуда е причина за загриженост.“

Оумуамуа, што на хавајски значи „извидник“, првпат беше забележан од островот Мауи на 19 октомври 2017 година, кога веќе го напушташе нашиот сончев систем, месец дена претходно поминувајќи најблиску до сонцето. Дојде од надвор од сончевиот систем, од правецот на ѕвездата Вега.

Никој никогаш не направи фотографија од објектот, но астрофизичарите, врз основа на неговата осветленост и движење, успеаја да заклучат дека е најмалку десет пати подолг отколку што е поширок. Сликата на непознат уметник на црвеникава карпа во форма на пура стана широко позната. Поради чудните грчења по напуштањето на нашиот систем, астрономите заклучија дека Оумуамуа е „чудна“ комета. Таквите објекти често забрзуваат поради млазови од испарувачки гасови, но во овој случај не беа забележани испарувачки гасови.

Лоеб е сериозен научник што има објавено повеќе од 800 научни труда и напишано осум книги и се залага за наука заснована на факти. Сепак, тој е на мислење дека 400-метарската Оумуамуа е дел од вонземска технологија, отпад што талкал во нашата галаксија.

Едно од невообичаените својства на Оумуамуа, која Лоеб ја истакнува со фактот дека е невообичаено сјаен за камено тело, е тоа што необично силно го менувал сјајот како што се вртел – на секои осум часа ќе се сменел за фактор 10. Тоа значи дека површината на подрачјето што ги рефлектирало сончевите зраци во наша насока се менувала за фактор 10.

Ова е особено невообичаено ако се земе предвид фактот дека е тешко да се очекува дека некое тело толку прецизно ќе биде свртено кон нас што во еден момент ќе ја видиме токму неговата најмала можна површина, а потоа, осум часа подоцна, најголемата.

За илустрација, тој дава пример на лист хартија што во некој момент е свртен кон нас така што ја гледаме само неговата тенка бочна страна, а во друг така што му ја гледаме целата голема површина, што е малку веројатно.

Најдоброто толкување за овој феномен би било дека станува збор за рамно тело, слично на палачинка, односно соларно едро на вонземско летало. „Ги видовте цртежите што го претставуваа како голема пура. Но рамното тело дава за 90% подобро толкување на моделот на варијација на сјајот“, објасни Лоеб.

Овој необичен феномен не може со сигурност да се објасни со набљудување со телескопите од Земјата, кои беа премногу далеку. Единствениот начин да се реши оваа мистерија ќе беше да се испрати сонда со камери поблиску до Оумуамуа. Но таквата можност не доаѓаше предвид, бидејќи тој веќе се оддалечуваше од Земјата со брзина поголема од брзината на која било ракета што ние може да ја испратиме.

Ако го откриевме кога влезе во Сончевиот систем, тогаш можевме да испратиме сонда, рече Лоеб во еден поткаст.

Лоеб верува дека ова не е ниту прво ниту последно доаѓање на ваков објект во сончевиот систем. Напротив, тој очекува ваквите објекти да станат релативно вообичаени.

„Не грижете се, ќе ги има уште повеќе. Јас функционирам според коперниканските принципи, кои велат дека ние не живееме на посебно место, ниту живееме во посебно време. Ова значи дека ако го истражуваме небото неколку години и ако имаме доволно чувствителна технологија за да ја истражиме областа близу Сонцето, ќе најдеме уште многу такви тела со помош на телескопот Пан-СТАРРС, кои ќе можеме подобро да ги проучиме“, рече Лоеб.

Токму поради тоа, додава тој, научната заедница треба да биде отворена кон идејата дека Оумуамуа можеби бил остаток од вонземска технологија. Во некој таков иден случај, ние би биле подготвени да собереме доволно податоци, рече Лоеб, додавајќи: „Науката се заснова на докази, а не на предрасуди“.

Во прилог на тезата на Лоеб за едрото зборува и една друга аномалија, а тоа е дека Оумуамуа на своето заминување од Сонцето забрзувал на начин што се очекува од соларно едро или евентуално од комета, но не и од обична карпа.

Кога кометите се оддалечуваат од Сонцето, на нивната површина што е свртена кон нашата ѕвезда, поради топлината на сончевото зрачење, испаруваат гасови. Тие дејствуваат на сличен начин како и гасовите што ги исфрлаат ракетните мотори, создавајќи потисок и забрзување во спротивната насока од Сонцето.

Бидејќи на Оумуамуа не е забележан мраз, Лоеб верува дека неговото забрзување не може да се објасни на таков начин. Тој вели дека некои негови колеги се обиделе да го објаснат феноменот со тезата дека Оумуамуа е огромна санта мраз од замрзнат водород чие испарување би било невидливо за нашите телескопи, но верува дека тоа е нејасна интерпретација.

„Да беше комета, ќе требаше да му испари околу една десеттина од масата за да добие таков потисок каков што е забележан“, рече Лоеб. „Десет проценти од маса што испарува е многу. Замислете тело со големина од повеќе стотици метри да загуби 10 проценти од својата маса. Не можете да го пропуштите тоа“, рече тој.

Врз основа на овие факти, тој заклучил дека потисокот дошол од ефектите својствени на соларното јадро. „За да биде тоа ефективно, телото ќе мора да биде екстремно слабо, потенко од милиметар. А природата не создава такви работи“, рече Лоеб, кој работи на проект за испраќање минијатурни сонди до Проксима Кентаури, кои работат на соларни едра.

Лоеб, кој пораснал на фарма во Израел каде што неговите родители избегале од холокаустот и војната во Европа и каде што често слушал филозофски дискусии што го направиле еден од најимагинативните и најартикулирани научници, признава дека можеби неговото толкување на феноменот Омуамуа е обоено со фактот дека работи на развој на технологија за соларни едри за тој проект.

Лоеб верува дека, во согласност со коперниканскиот принцип дека ние луѓето не сме ништо посебно, но и врз основа на фактот дека планетите слични на Земјата се доста чести во орбитите на ѕвездите што само во нашата галаксија ги има неколку стотици милијарди, во вселената морало да се развијат многу вонземски цивилизации.

Па сепак, тој не верува премногу во гледањето вонземјани на Земјата. Како прво, во согласност со истиот принцип на скромност, тој е убеден дека не сме им толку посебни ниту интересни за вонземјаните за со години да летаат околу нас за да нè следат и да нè проучуваат. Тој исто така верува дека со новите можности за снимање што ги има секој човек денес при рака, веќе ќе имавме квалитетни снимки од вонземски летала, ако тие навистина нè истражуваа.

Од друга страна, Лоеб е критичен кон научниците што премногу лесно ја отфрлаат или дури и ја исмејуваат тезата дека Оумуамуа може да биде дело на вонземјани. Лоеб е убеден дека науката треба да се води според докази, што не мора секогаш да значи дека големите тврдења бараат големи докази.

Научниците, вели тој, треба да бидат отворени и подготвени понекогаш да преземат ризик да прават грешки затоа што науката се развива врз основа на обиди и грешки. На крајот на краиштата, додаде Лоеб, самиот Алберт Ајнштајн направи три грешки. Не верувал дека во природата може да настанат црни дупки, иако нивното постоење произлегувало од неговата теорија на релативитетот. Исто така не верувал дека некогаш ќе бидат откриени гравитационите бранови, иако и тие произлегувале од неговите равенки. И, конечно, не верувал во можноста дека во природата навистина постои феномен на квантна спрега, поврзаност на својствата на меѓусебно оддалечените објекти, која ја нарекол морничаво дејство на далечина. Сето ова подоцна беше научно докажано.

Ако се исмејува можноста за средба со вонземска технологија, посочува тој, тогаш потрагата по неа е оневозможена затоа што е тешко да се најде нешто што воопшто не се бара. Ова го спречува развојот на цело едно поле, бидејќи не се инвестира во него, а младите научници се обесхрабруваат, заклучува Лоеб.

Современата академска наука, се жали тој, ги има преценето темите како што се повеќе димензии и повеќе универзуми, за кои нема докази, а ја потценува потрагата по живот во вселената, не само во форма на вонземски радиосигнали, туку и во форма на хемиски „биотраги“, па дури и технолошки артефакти - како што е, смета Лоеб, Оумуамуа. Можеме да се трудиме повеќе, пишува тој. Откривањето на животот на вонземјаните би било најголемото откритие во историјата на науката.

„Во моментот кога ќе знаеме дека не сме сами, дека скоро сигурно не сме најнапредната цивилизација што некогаш постоела во вселената, ќе сфатиме дека сме потрошиле повеќе пари за развој на средства за уништување на целиот живот на планетата отколку што ќе чинеше нејзиното зачувување“.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе