Кога леталото Касини на НАСА прелета покрај втората по големина месечина на планетата пред крајот на својата мисија во 2017 година, забележа едно мистериозно соединение. Излезе дека тоа соединение може да биде хидразин, кој често се користи во ракетното гориво, пишува Њу саентист.
Додека Касини леташе покрај месечините на Сатурн, ја испитуваше сончевата светлина што се одбива од нивните површини за да утврди од што се направени. На Реа, како и на неколку други месечини, нешто на површината апсорбира дел од таа светлина во ултравиолетовиот опсег на спектарот.
„Забележавме дека има некаква вдлабнатина во спектарот и се прашувавме што е тоа, но претпоставивме дека може да се работи за некаков вид воден мраз“, вели Аманда Хендрикс од Институтот за планетарни науки во Калифорнија. „Долго време се чудевме што е тоа“.
Таа и нејзините колеги набљудувале како светлината отскокнува од неколку соединенија во лабораториски експерименти и откриле две што се чинело дека се совпаѓаат со она што Касини го виде на Реа: хидразин и хлор. Иако секое од нив може да одговара на набљудувањата на Касини, тешко е да се најде начин за производство на хлор на површината на Реа, вели Хендрикс.
Хидразинот, од друга страна, може да се создаде во реакции помеѓу хемикалии за кои знаеме дека постојат на ледената месечина. Тој може да долебдел и од густата атмосфера на соседната месечина Титан. И покрај тоа што Касини користеше хидразин како гориво за своите мотори, тие мотори никогаш не биле вклучени во близина на Реа, па истражувачите се уверени дека тој не потекнува од леталото.
„Ова е едно можно објаснување за карактеристиката на Реа, но сè уште има многу работа за да откриеме зошто се појавува на другите месечини“, вели Хендрикс. „Ова е трага за некој процес што се случува во целиот систем на Сатурн, а веројатно и на други места“.