Според нова научна студија

Човечката раса е грешка, исклучок од научните правила

Еден неодамна објавен научен труд сугерира дека според нашето сегашно разбирање на науката, постоењето на човечкиот род е речиси невозможно.

Трудот се базира на претходна работа со која се утврдува веројатноста за појава на интелигентен живот во нашата галаксија. Сепак, тоа е првото истражување што разгледува нешто што претходните трудови го пропуштиле: веројатноста интелигентниот живот да се уништи себеси. Студијата ги разгледала следниве фактори:

• Стапката на формирање ѕвезди, т.е. колку ѕвезди најверојатно ќе се формираат во волуменот што го зафаќа вселената. Животот се формира на планетите, планетите се формираат од остатоците од ѕвездите, што значи дека овој број е клучен.

• Стапката на стерилизирачки настани, т.е. фреквенцијата на катастрофални настани што ќе го збришат животот на една планета. Во оваа студија авторите користеле супернови (ѕвезда што експлодира) како апокалиптичен настан. Секоја планета на растојание од 23 светлосни години од експлозијата би била во „зоната на умирање“ и со тоа нејзиниот „животен одбројувач“ би се вратил на нула.

• Веројатност дека интелигентниот живот ќе се убие себеси. Малку тешко за замислување, но сосема реално. Сите знаеме колку се добри луѓето во правењето технологија за убивање планети, како што е нуклеарното оружје. Освен тоа, од постоењето на климатските промени можеме да докажеме дека е можно животот да се самоуништи.

• Времето потребно за интелигентниот живот да се развие. Колку подолго трае ова, толку е помала шансата во сегашноста да постои друг интелигентен живот.

• Стапката на абиогенеза, т.е. процесот од кој неживата материја станува жива материја од природните процеси.

Авторите варирале некои од варијаблите за да произведат низа можни резултати. Фокусот на оваа работа бил да се утврди еден број: количеството на интелигентни вонземјани (ЕТИ) во нашата галаксија Млечен Пат.

Резултатот, во зависност од тоа како го гледате, е или возбудлив или застрашувачки.

Човечката раса во галактичка смисла е грешка - ние сме се појавиле во неверојатно време на неверојатно место.

Да речеме дека времето потребно за развој на интелигентни вонземјани е слично на тоа на Земјата: околу 3 милијарди години. Студијата открива дека дури и да има 99% шанси животот сам да се збрише, само во нашата галаксија би имало околу 40 вида интелигентни вонземјани, а повеќето од нив би биле неколку милијарди години постари од нас.

 

Како дошле научниците до овој одговор?

Како може некој да тврди дека човештвото е како случајна бемка на грбот на галаксијата? Па, две од трите варијабли што ги споменавме претходно се неопходни за да почне живот:

А) колку ѕвезди се формираат во тој регион на вселената,

Б) стапката на катастрофални настани.

Ние всушност не сме во најдинамичниот дел од нашата галаксија:

Можете да го видите нашето Сонце, на околу половина пат меѓу центарот и работ во близина на Персеевата Рака, еден од двата главни спирални краци на Млечниот Пат.

Бидејќи поголем дел од формирањето ѕвезди се случува во светлиот центар, тоа значи дека и поголем дел од животот треба да биде таму. Иако катастрофалните настани се исто така поверојатни во оваа област, високата стапка на формирање ѕвезди го поништува тоа.

Графиконот подолу ја прикажува распространетоста на животот во времето и просторот. X-оската е растојанието од галактичкиот центар, а Y-оската го прикажува времето од формирањето на Млечниот Пат.

Може да видите три столба графикони. Столбовите А, Б и Ц го имаат времето потребно за да се развие животот поставено на една, три и пет милијарди години, по тој редослед. Од горе надолу, веројатноста за збришување на интелигентниот живот се зголемува со употреба на вредностите 0, 50 и 99%.

Таму каде што нема шанса животот самиот да се уништи, графиконот изгледа како пламен: црвените делови имаат најмногу живот, сините најмалку. Кога шансата е поставена на 99% на долниот ред, графиконот изгледа како хаотичен чад.

Иако резултатите имаат различни вредности кај различни фактори, не мора да бидете научник за да видите дека генералната област каде што постои живот на графиконот е на левата страна.

Но еве каде работите стануваат интересни. Ако погледнете внимателно, во секоја графа има по една ѕвезда - тоа сме ние. Ние сме околу 26.000 светлосни години (8 килопарсеци) оддалечени од центарот на Млечниот Пат и околу 13,6 милијарди години откако тој се формирал.

Без оглед на формата на графата, секоја од нив го кажува истото:

Човештвото е исклучок, ние просторно постоиме подалеку од центарот на галаксијата и временски сме подоцна во нејзиното формирање отколку што предвидува науката.

 

И, што всушност значи ова?

Одговорот на ова прашање зависи од тоа кој сте. Но едно е сигурно - научно гледано, ние сме чудни.

Освен тоа, може да се заклучи дека веројатноста за интелигентни вонземјани е прилично голема и можеби ние едноставно сè уште сме немале контакт со нив. Сепак, овој труд не одговара на прашањето на Фермиевиот парадокс: ако универзумот е толку голем и содржи милијарди планети слични на Земјата, таму треба да има друг интелигентен живот. Ако е така, зошто сè уште не сме го сретнале?

Студијата сугерира дека поголем дел од животот во Млечниот Пат е постар од нас, па дали тоа би значело дека другите вонземски раси знаат за нас, но не сакаат да имаат ништо со нас? Или, пак, сме сами?

Во секој случај, научната заедница треба повеќе да се ангажира во вакви истражувања. Можеби тоа нема да донесе корисна технологија што ќе ги реши проблемите на Земјата, но може да ни даде перспектива за тоа кои сме и за нашето место во овој универзум.

„Денот кога науката ќе почне да ги проучува нефизичките појави, ќе направи поголем напредок за една декада отколку во сите претходни векови на своето постоење“, рече Никола Тесла.

Објавено

Среда, Декември 30, 2020 - 11:49

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе