Арапското летало му се приближува на Марс во историски лет

Вселенско летало од Обединетите Арапски Емирати треба денеска да сврти во орбита околу Марс во првата меѓупланетарна мисија на арапскиот свет, прво од трите роботски истражувачки летала што пристигнуваат на црвената планета во текот на следната недела и пол.

Фото: Александер Антропов, Пиксабеј

Орбитерот, наречен Амал, арапски збор за „надеж“, помина 480 милиони километри за скоро седум месеци за да стигне до Марс со цел да ја мапира неговата атмосфера во сите годишни времиња.

Комбинацијата од орбитер и лендер од Кина е веднаш зад него, односно треба да стигнат на планетата в среда. Тие ќе кружат околу Марс сѐ до мај, кога роверот ќе се оддели и ќе се обиде да слета на површината за да бара знаци на древен живот.

Роверот од САД, наречен Персевиренс, треба да ѝ се придружи на групата следната недела, а се планира да слета на 18 февруари. Тоа ќе биде првиот чекор во деценискиот американско-европски проект за носење марсовски камења на Земјата за да се бараат докази дека планетата некогаш имала микроскопски живот.

Околу 60% од сите мисии на Марс завршија со неуспех, паѓање, палење или друг вид пропаст, што е доказ за комплексноста на меѓупланетарното патување и тешкотиите при спуштањето низ ретката атмосфера на Марс, вели АП.

Ако го изведе ова, Кина ќе стане само втората земја што успешно слетала на Марс. САД го сторија тоа осум пати, првпат пред скоро 45 години. Еден ровер и еден лендер на НАСА сè уште работат на површината.

За ОАЕ, ова е првиот потфат надвор од орбитата на Земјата, со што летот стана прашање на силна национална гордост.

Со денови, знаменитостите низ ОАЕ, вклучително и Бурџ Калифа, највисоката кула во земјата, светеа црвено за да го одбележат очекуваното доаѓање на Амал. Оваа година е 50-годишнината од основањето на државата, што уште повеќе го насочи вниманието кон Амал.

Целта на небесната метеоролошка станица е исклучително висока марсовска орбита од 22.000 километри на 44.000 километри. Таа треба да им се приклучи на шесте вселенски летала што веќе работат околу Марс: три американски, две европски и едно индиско.

Од Амал се очекува да изврши сложена серија маневрирања во орбитата и да го постигне она во што толку многу пред неа кикснале.

„И нешто најситно да тргне наопаку, го губите леталото“, рече Сара ал-Амири, државна министерка за напредна технологија и претседателка на вселенската агенција на ОАЕ.

Успехот би бил огромен поттик за вселенските амбиции на ОАЕ. Првиот астронаут од земјата замина во вселената во 2019 година, возејќи се со Русите до Меѓународната вселенска станица, 58 години откако Советскиот Сојуз и САД почнаа да лансираат астронаути.

Сите три вселенски летала на пат кон црвената планета беа лансирани во рок од неколку дена, искористувајќи го тесното порамнување на Земјата и Марс – а резултатот од тоа е нивното кратко патување.

Изградбата и лансирањето на Амал, летало со големина на автомобил, чинеа 200 милиони долари; што ги исклучува оперативните трошоци на Марс. Кинеската и американската експедиција се значително покомплицирани - и поскапи - поради нивните ровери. Мисијата на НАСА „Персевиренс“ чини вкупно 3 милијарди долари.

Целта на ОАЕ, федерација од седум емирати, е Амал да ги поттикне фантазиите на научниците и младината во земјата и да помогне таа да се подготви за иднина кога ќе ѝ снема нафта.

„Оваа мисија никогаш не беше само да стигнеме до Марс“, рече Омран Шараф, проект-менаџерот на Амал. „Марс е само средство за една многу поголема цел“.

Легенда под Главна слика

Фото: Александер Антропов, Пиксабеј

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе