Инструмент за сопирање на Кина?

Америка тестираше моќен проектил на Пацификот (ВИДЕО)

Додека Кина го парадираше своето најмоќно оружје на прославата на 70-годишнината од формирањето на комунистичката држава, САД го тестираа своето најново оружје на Пацификот.

Во водите околу Гуам воениот брод УСС Габриел Гифордс го испука „нејвал страјк мисајл“ (НСМ), крстосувачки проектил што лета непосредно над површината на морето и избегнува детекција со радар. Освен тоа, овој проектил може и да маневрира за да ја избегне непријателската одбрана.

НСМ бил испукан, покрај разно друго оружје, врз отпишана американска фрегата, поранешниот УСС Форд кој бил довлечкан во Пацификот како мета за воената вежба наречена Синкекс, јавува Си-ен-ен. Во вежбата учествувале и бомбардери Б-52 и две „невидливи“ фрегати на сингапурската морнарица.

Тајмингот на вежбата – вторник, истиот ден кога беше одржана кинеската воена парада – сигурно не е случајност.

Но, можеби најважната карактеристика на НСМ е неговиот дострел кој е повеќе од 30 отсто поголем од проектилот „харпун“ кој американската морнарица досега го користеше како главно противбродско оружје. Дострелот на НСМ е над 160 километри.

УСС Гифордс е првиот американски воен брод кој испловил со НСМ, а аналитичарите сметаат дека овој потег донекаде го изедначува односот на силите во Пацификот, каде Кина во последно време го зголемува својот ракетен арсенал, во смисла на квалитетот и квантитетот.

Пацификот во последните години е прилично тензичен регион, поради тоа што околу Јужното Кинеско Море, кое и покрај името се протега над 2.000 километри јужно од кинескиот брег, се спорат Кина, Тајван, Индонезија, Малезија, Филипини и Виетнам.

Кина го присвојува поголемиот дел од големото море, а поради тоа изгради и вештачки острови од природните гребени. Иако Кина тоа го негира, доказите потврдуваат дека на нив поставува воени бази.

Кина во моментов има предност од дури 3 спрема 1 што се однесува на крстосувачките проектили во тој регион, но НСМ би можел „да ја промени играта“, вели Карл Шустер, поранешен американски морнарички капетан кој сега е инструктор на Пацифичкиот универзитет на Хаваи.

„Пентагон гради воена сила која може да оперира на поодржлива основа и која има подобри шанси да се бори и преживее во смртоносната забранета зона на (кинеската) Народноослободителната армија со која се скратува таа област“, објаснува одбранбениот аналитичар на корпорацијата Ренд, Тимоти Хит, мислејќи на комбинацијата од бродови, авиони и проектили кои кинеската војска ги трупа за да го контролира овој дел од Пацификот.

Новиот додаток на американскиот арсенал на Пацификот е особено важен бидејќи Кина на воената парада во вторникот претстави ново, импозантно вооружување: од интерконтиненталните балистички проектили ДФ-41, кои можат да носат неколку нуклеарни боеви глави и да стигнат до САД, до хиперсоничното беспилотно летало ДФ-17, во комбинација со проектил од краток до среден дострел.

„Сакаше да покаже колкав напредок остварила и колку е понапредна од пред неколку години. Сега Кина има подобри капацитети за одбрана. Заслужува чесен и еднаков третман од останатите сили“, коментира воениот аналитичар од Карнеги Цингуа центарот, Тонг Жао за Си-ен-ен.

Од 2014 година навака Кина се опреми со подморници, воени бродови и останато воено оружје кое е поголемо од поморските формации на Германија, Индија, Шпанија, Тајван и Британија заедно.

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе