„Безбедноста на вит. Д е поголема од онаа од маските за лице“

Итно додајте го витаминот Д во стратегиите, порачаа експертите во отворено писмо до светските влади

Повеќе од 130 експерти потпишаа отворено писмо со кое ги повикуваат владите да го внесат витаминот Д во своите стратегии против коронавирусот.

Фото: ЕПА

Во отворено писмо испратено денеска до светските влади над 130 здравствени, научни и медицински експерти од Британија, САД и Европа велат дека постои јасен научен доказ дека витаминот Д го намалува бројот на заразувањата, хоспитализирањата и умирањата од ковид-19.

Во писмото (кое добива сѐ повеќе потписи) научниците повикуваат на брз и масовен почеток на внесување 4.000 меѓународни единици (ИУ) дневно (или најмалку 2.000) за здравите возрасни луѓе.

Истражувањата претходно сугерираа дека пациентите што се доволно болни од заразата за да бидат хоспитализирани можат да претрпат помалку сериозни компликации доколку нивото на витамин Д им е доволно високо.

Сега, експертите од Оксфорд до Принстон потпишаа отворено писмо до светските влади во кое тврдат дека витаминот Д може да спречи коронавирусна инфекција, болест, па дури и смрт.

Во писмото се повикуваат здравите возрасни лица да го зголемат дневниот внес на витамин Д на најмалку 2.000 ИУ, или 50 микрограми (мкг), барем додека трае пандемијата.

Потписниците на писмото тврдат дека витаминот Д е „исклучително безбеден“ дури и во високи дози, а повеќето од нив тврдат дека земаат најмалку 4.000 ИУ (100 мкг) на ден.

Според потписниците, кои потекнуваат од 24 земји, „глобалните модели и ризик-фактори за пандемијата на ковид-19 и недостигот од витамин Д прецизно се совпаѓаат“.

„Финска е единствената земја со успешна програма за збогатување на храната со витамин Д и таа најуспешно се бори со пандемијата на глобално ниво, со само 4.84 смртни случаи и 22.500 оздравени (во времето кога е пишувано писмото)“, рече д-р Герет Дејвис, независен британски истражувач и еден од „главните организатори“ на писмото покрај Американецот д-р Карл Флегер. Повеќе од 100 од потписниците се лекари или доктори на науки, или обете, а над 60 се професори. Потписници на писмото се и двајца британски пратеници.

„Јапонија е интересен случај, тие јадат толку многу сирова риба, еден од ретките природни извори на витамин Д во храната, што нивната исхрана е доволно богата за да биде доволна во текот на зимата. Јапонија имаше (околу) 188.000 случаи (на коронавирусот), но сепак помалку од 3.000 починати.“

„Ова е популација што живее на иста географска ширина како и Италија, но со двојно поголема густина на население“.

Италија забележа повеќе од 1,9 милиони случаи на коронавирусот и над 68.000 починати од почетокот на епидемијата.

Недостигот од витаминот Д е поврзан со зголемен ризик од вирусни респираторни инфекции воопшто, како и од воспаленија.

Има сугестии дека до сериозни компликации од коронавирусот може да дојде кога имунолошкиот систем претерано ќе реагира на инфекцијата, предизвикувајќи широко распространета инфламаторна реакција, која ги оштетува виталните органи.

Ова може да е одговорно и за долгиот ковид, каде што компликациите траат и откако тестовите на поранешниот пациент со коронавирус се негативни.

Повеќе од 70 студии за коронавирусот ги поврзуваат повисоките нивоа на витамин Д со пониски стапки на инфекција, хоспитализација, прием на интензивна нега, па дури и смрт.

Утврдената безбедност на витаминот Д - дури и при високи дози - значи дека „нема потреба да се чекаат клинички докази“, тврдат потписниците, кои ги повикаа луѓето да го земаат овој суплемент и пред пуштањето на вакцините.

„Витаминот Д е многу побезбеден од стероидите, како што е дексаметазонот, најшироко прифатениот третман, кој исто така покажа голема корист за ковид-19“, напишаа тие.

„Безбедноста на витаминот Д е поголема од онаа од маските за лице“, велат тие.

„Нема потреба да се чекаат понатамошни клинички испитувања за да се зголеми употребата на нешто толку безбедно, особено кога справувањето со високите стапки на недостиг или инсуфициенција веќе требаше да биде приоритет“.

Потписниците затоа ги повикуваат „владите, лекарите и здравствените работници низ целиот свет веднаш да препорачаат и да спроведат напори соодветни на нивната возрасна популација за зголемување на витаминот Д, барем до крајот на пандемијата“.

Тие препорачуваат возрасните чии нивоа на витаминот Д се непознати да земаат додаток од 4.000 ИУ секој ден, тврдејќи дека ова „нашироко се смета за безбедно“, или пак најмалку 2.000 ИУ.

Луѓето со поголем ризик од недостиг - како оние со темна кожа или тие што не излегуваат од дома - треба да се одлучат за повисокиот праг на препорачаната доза, додаваат потписниците.

Возрасните што не ги земале горенаведените дози треба „да добијат 10.000 ИУ (250 мг) дневно две до три недели, а потоа да продолжат со наведеното дневно количество“, се наведува во писмото.

„Телото може да синтетизира повеќе од ова од сончевата светлина под соодветни услови, на пр. во летен ден на плажа.“

Исто така, НАМ (Националната академија за медицина во САД) и ЕФСА (Европското тело за безбедност на храната) сметаат дека ова „нема забележано негативно дејство дури и кога се внесува на дневна основа.“

Потписниците исто така ги повикуваат медицинските лица да го мерат нивото на витаминот Д кај хоспитализираните пациенти и да ги лекуваат оние кај кои нема доволно.

„За многу фактори е познато дека предиспонираат поединци со поголем ризик од изложеност на (коронавирусот), како што се возраста, машкиот пол, истовремените заболувања, но недостигот од витамин Д е најлесно и најбрзо менливиот ризик-фактор со изобилство од докази што го поткрепуваат големиот ефект од него“, заклучуваат потписниците.

„Витаминот Д е евтин и има занемарлив ризик во споредба со значителниот ризик од ковид-19. Ве молиме дејствувајте веднаш“, повикуваат тие.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе