Група британски законодавци соопштија дека „недостигаат“ дури 50 милијарди фунти во готовина и ја повика централната банка на Британија да го истражи тој проблем.
„Парите се некаде скриени, но централната банка не знае каде, поради кого или зошто – и не изгледа дека се премногу заинтересирани што се случува“, изјави пратеничката Мег Хилиер, која ги надгледува државните финансии, пренесува Си-ен-ен.
Многу брзо се јави британската централна банка, Банката на Англија, и соопшти дека „припадниците на јавноста не мора да објаснуваат зошто сакаат да ги задржат банкнотите“.
„Банкноти не недостигаат, а централната банка ќе продолжи да ја задоволува јавната побарувачка за банкноти“, се додава во соопштението.
Бројот на банкноти во оптек во Британија во јули достигнал рекордни 4,4 милијарди, со вкупна вредност од 76,5 милијарди фунти. За споредба, во 2000 година во оптек биле 1,5 милијарди банкноти во вредност од околу 24 милијарди фунти.
Од друга страна, сè повеќе опаѓа методот на плаќање во кеш. Пред десет години, во Британија хартиени пари се користеле во шест од 10 трансакции, а минатата година во помалку од три.
Банката на Англија проценува дека меѓу 20 и 24 отсто од вредноста на парите во оптек се користат за готовински трансакции, а дека дополнителни 5 отсто домаќинствата ги чуваат како заштеда.
„Малку знаеме за тоа каде се наоѓаат останатите во вредност од околу 50 милијарди фунти. Можните објаснувања се чување на пари во странство за потреби на трансакции или штедење или чување пари во Британија во самите домаќинства или поради употреба во сивата економија“, наведува агенцијата НАО, која го надгледува државното трошење.