За да спречат пропаст на индустриите

Владите вбризгуваат огромни суми во своите економии: „Мора да се реагира брзо“

Европските влади пишуваат бланко-чекови за да ги заштитат компаниите и вработените од длабока рецесија во која глобалната економија брзо тоне поради пандемијата на коронавирус.

Франција го избра досега најхрабриот пристап, ветувајќи дека нема да дозволи ниту една компанија да пропадне поради последиците од болеста што ги принуди големите и малите фирми да престанат со работа. Владата ќе гарантира заеми во вредност од стотици милијарди, ќе ги одложи плаќањата данок и ќе ги запре сметките за кирии и за комунални услуги за помалите фирми. Француската држава е подготвена да оди и понатаму, национализирајќи ги индустриите доколку е потребно, јавува Си-ен-ен бизнис.

„Ниту една француска компанија, без оглед на големината, нема да биде изложена на ризик да пропадне“, рече претседателот Емануел Макрон во телевизиското национално обраќање во понеделникот.

 

Германија мобилизира најмалку 500 милијарди евра

Челичната посветеност на опстанок на бизнисот, како дел од мерките за епидемијата, која Макрон ја спореди со „војна“, е најновата во низата драматични планови на европските влади додека се тркаат да ѝ се спротивстават на епидемијата што убива илјадници луѓе и ги урива и светските гиганти како што се Рено и Луфтханза, но и продавниците, кафулињата и рестораните.

Германија мобилизира гаранција за кредити од најмалку 500 милијарди евра и ветува дека ќе обезбеди неограничена ликвидност на компаниите погодени од пандемијата, што е дел од пакетот мерки што министерот за финансии Олаф Шолц минатата недела ги опиша како „тешко вооружување“. Оваа земја, исто така, ќе им го олесни на деловните субјекти пристапот до заеми од државната банка за развој и ќе ги одложи плаќањата данок.

„Поради високиот степен неизвесност во тековната ситуација, владата одлучи да не постави никакви ограничувања во обемот на овие мерки“, соопшти германската влада.

„Ако има знаци на сериозно нарушување на економијата, германската влада ќе ги искористи сите расположиви ресурси за силно да се спротивстави“, додава тој.

 

Шпанија претстави пакет мерки

Шпанскиот премиер во вторникот го претстави пакетот за спас во износ од 200 милијарди евра и рече дека владата ќе го обезбеди целиот капитал потребен за да се спречи компаниите да банкротираат.

Во вторникот и Велика Британија се вклучи во борбата, откако беше критикувана за пасивност, бидејќи во понеделникот само им предложи на луѓето да избегнуваат собирање во големи групи. Британскиот министер за финансии Риши Сунак најави дека владата ќе поддржи почетни 330 милијарди фунти кредити за фабриките. Давателите на хипотекарни кредити се согласија да ги одложат исплатите за три месеци на луѓето погодени од коронавирусот, рече тој.

„Никогаш не сме се соочиле со економска борба како оваа, но добро сме подготвени“, рече Сунак. „Ќе направиме сè што е потребно“.

Гледано вкупно обврските изнесуваат повеќе од 1,5 трилион американски долари и може да бидат многу поголеми.

 

Економистите: Светот тоне во рецесија

Економистите велат дека решителната акција за поддршка на деловните активности сега, со мерки со кои се обезбедува дека работниците нема да се соочат со финансиска пропаст ако бидат отпуштени од работа, би можела драматично да ја намали траумата предизвикана од патните ограничувања и ограничувањата во јавниот живот и да им помогнат на економиите брзо да закрепнат по кризата.

Потребно е брзо воведување мерки. Во Европа е затворен целиот производствен сектор, тренд во вторникот нагласен со најавата на германски Фолксваген дека се подготвува да ги затвори повеќето свои производствени погони на континентот. Тоа дојде еден ден откако Фиат Крајслер, сопственик на „Пежо ПСА груп“ и „Рено“, најавија затворање на вкупно 35 производствени погони низ цела Европа.

Економистите велат дека светот тоне во рецесија, која ја дефинираат со два последователни квартали негативен раст. Аналитичарите во холандската банка ИНГ во понеделникот рекоа дека „драстичните“ мерки преземени од Макрон може да ја ограничат економската контракција во Франција на 1% оваа година.

„Веруваме дека овие мерки ќе ѝ помогнат на француската економија побрзо да закрепне по длабоката рецесија предизвикана од ковид-19 и дека третиот квартал ќе го достигне со ограничен број големи банкроти, а со самото тоа и со стапка на невработеност далеку под онаа што може да биде предизвикана од рецесија со овој обем“, напишаа тие во извештајот.

Националните влади добиваат поддршка од Европската Унија за сеопфатен пристап. Маргрет Вестагер, највисоката службеничка на Европската комисија, во вторникот изјави дека се залага за ублажување на антимонополските правила што ќе им овозможи на компаниите да добијат грантови од владата до 500.000 евра и заеми со субвенционирани камати.

 

Јужна Кореја подготви 39 милијарди долари за малите фирми

Јужна Кореја обезбеди 38,8 милијарди американски долари помош за да им помогне на малите фирми за време на пандемијата на коронавирус.

Сигурно е дека светот ќе падне во рецесија откако ќе заврши кризата, па Кореја подготви пакет мерки „досега невидени во нивната историја“, како што рече претседателот Мун Џае-ин.

Министерот за финансии, Хонг Нам-ки истакна дека мерките се донесени со цел финансиски да се стабилизираат човечките животи.

„Ова ни е приоритет, како и финансиската поддршка за малите бизниси. Потоа сакаме да го олесниме финансискиот товар на ранливите социјални групи, а по сето тоа следува стабилизирање на пазарите како што се акциите“.

Претседателот Мун Џае-ин рече дека мерките вклучуваат кредити за сопствениците на мали бизниси со ниски каматни стапки. Стапките на исплата на заемот ќе бидат одложени во моментите додека трае кризата.

 

САД чекаат одобрување од конгресот

Соединетите Држави допрва треба да објават големи стимулативни мерки и покрај тоа што имаат скоро 5.000 случаи на коронавирус. Администрацијата на Трамп предлага план за финансиска помош што ќе чини околу 850 милијарди американски долари, но нема гаранција дека ќе биде одобрен од Конгресот.

Во меѓувреме, парламентот го усвои нацрт-законот со кој ќе се подобри мрежата за социјално осигурување за работниците што се погодени од коронавирусот, но одредбите за платено боледување и медицинско отсуство би биле многу послаби од оние што се во сила во Европа, дури и ако предлогот го преброди отпорот на републиканците во Сенатот.

На американските авиокомпании брзо им снемува готовина и веројатно ќе им треба дополнителна сума за спас доколку ја преживеат кризата, но директната финансиска помош за компаниите би можела да се покаже како контроверзна во земјата што неодамна ги спаси своите банки и производители на автомобили, за време на глобалната финансиска криза.

„Сè уште имаме многу работа“, рече во вторникот секретарот за финансии на САД Стивен Мнучин, „и мора брзо да го завршиме тоа“.

Објавено

Четврток, Март 19, 2020 - 10:37

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе