„Украина во моментов ја извезува својата електрична енергија во Молдавија, Романија, Словачка и Полска. Сосема сме подготвени да го прошириме нашиот извоз во Германија“, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал за Дпа.
„Имаме доволно електрична енергија во Украина благодарение на нашите нуклеарни централи“, рече Шмихал, додавајќи дека тој ќе го покрене ова прашање за време на посетата на Германија овој викенд.
Потрошувачката на електрична енергија во Украина е значително намалена од почетокот на руската инвазија поради масовниот егзодус на населението и економската криза. Со тоа се ослободи простор за украински извоз на електрична енергија.
Шесте реактори во нуклеарната централа Запорожје во Енергодар од март се под руска контрола.
Меѓународната заедница стравува дека гранатирањето во близина на најголемата нуклеарна централа во Европа може да доведе до нуклеарна катастрофа.