Станува збор за шеќерот кристал, брашното Т-400, сончогледовото масло за јадење, свинското месо и млекото со 2,8 отсто млечна масленост, а одлучено е намирниците да не го надминуваат нивото на цените кои важеле на 15 ноември 2021 година.
Како што се наведува во официјалното соопштение, ограничувањето на цените е утврдено за да се отстранат штетните последици и да се спречат нарушувања на пазарот и нема да се однесуваат на намалени цени (распродажби, сезонски намалувања или акциски продажби) доколку важеле на 15 ноември, туку на редовните, односно цените пред снижувањето.
„Со одлуката која ќе биде применувана во траење од 60 дена предвидено е дека произведувачите овие производи не смеат да ги испорачуваат во количества помали од просечните во последните 12 месеци, а за кршење на наведените одредби предвидени се парични казни, како и забрана за вршење на дејноста од шест месеци до една година“, се наведува.
Исто така, имајќи го предвид драстично поскапување на берзите на електрична енергија во последните месеци, српската влада донесе заклучок за цената на електричната енергија за резервно снабдување на крајните купувачи кои немаат право на гарантирано снабдување по 1 декември 2021.
„Утврдената цена на електричната енергија ќе биде применувана до стабилизирањето на ситуацијата на референтната берза“, се додава.
„Со донесувањето на оваа одлука цените на спомнатите производи во следните два месеци не смеат да го преминуваат нивото од 15 ноември годинава. Владата во случај на потреба ќе ја продолжи оваа мерка и по истекот на 60 дена“, порача српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ.
Таа додаде дека мерката била неопходна со цел заштита на животниот стандард на граѓаните.