„Се сложивме во актуелните исклучително критични времиња кога енергетската безбедност не е природна состојба, да придонесеме на гарантирањето на енергетската безбедност едни на други“, кажа Сијарто. Унгарија има многу поголеми капацитети за складирање гас од своите соседи и може да складира повеќе од шест милијарди кубни метри гас, а пополнети се само четвртина од складиштата.
Унгарија поголемиот дел од својот гас го увезува од Русија со гасовод низ Србија. Двете земји ќе го удвојат капацитетот на интерконекторите на своето електроенергетски системи, а се очекува проектот да биде завршен за шест до осум години.
Мали кажа дека Србија, која е речиси целосно зависна од рускиот гас, до октомври ќе има вкупно три милијарди кубни метри гас во складиштата, вклучувајќи ги и тие во Унгарија. Сијарто повтори дека Унгарија нема да го поддржи предлогот на Европската Унија за нафтено ембарго на Русија додека не се најде решение кое ќе ја обезбеди енергетската сигурност на Унгарија.
Премиерот Виктор Орбан кажа дека за предложените нови санкции против Русија не би требало да се расправа на самитот на лидерите на ЕУ следната недела. Сијарто кажа дека секоја земја е слободна самата да одлучи дали ќе купува нафта од Русија или не, но истакна дека е потребна едногласност за одобрување на санкции на ЕУ.
Белград, кој балансира меѓу своите европски аспирации и верската, историската и политичката поврзаност со Русија, ги осуди руските акции во Украина, но одби да ѝ наметне санкции на Москва.