Ројтерс: Кога Америка ќе кивне, светот настинува, што кога има тежок случај на корона?

Во текот на децениската економска експанзија САД ја влечеше глобалната економија со парите од намалувањето на даноците и државното трошење, но сега проблематичниот американски одговор на коронавирусот е главниот ризик за одржливо економско опоравување, пишува Ројтерс.

EPA-EFE

Во написот „Кога Америка ќе кивне, светот настинува – што се случува кога САД имаат тежок ковид-19?“ се наведува дека Германија главно поради дискутабилната американска борба со ковид-19 е соочена со пад на извозот, а Канада со страв гледа кон југот, знаејќи дека секој понатамошен удар врз американскиот раст несомнено ќе се прелее врз неа.

„Глобално, пред нас се тешки месеци и година, а особено е загрижувачко тоа што бројот на случаи на ковид-19 сѐ уште расте“, се вели во извештајот на Меѓународниот монетарен фонд за американската економија, кој како еден од ризиците за економскиот раст ги наведува можните „социјални немири и сиромаштијата“.

„Голем дел од американското население би можел да се соочи со значително влошување на животниот стандард и значајни економски тешкотии низ неколку години. Тоа пак може дополнително да ја ослаби побарувачката и да ги влоши изгледите за враќање на растот“, велат од ММФ, а Ројтерс тоа го оценува како „клинички опис на мрачната низа факти“.

Откако американската влада вети околу три билиони долари за поддршка на економијата поради ограничувањето на активностите воведено за сузбивање на ширењето на вирусот во април и мај, болеста сѐ повеќе се шири во Соединетите Држави – над 3,6 милиони луѓе се заразени, а 140.000 умреа. Дневниот раст на случаи се удвои на повеќе од 70.000 од средината на мај, а седумдневниот просек на бројот на умрените, откако континуирано паѓаше од април до јули, се зголемува.

На американската економија отпаѓа околу четврт од дветскиот бруто домашен производ, потсетува Ројтерс. Истакнува дека, иако поголем дел од тоа е поврзан со услуги, а голем дел од директното влијание на вирусот е поврзан со дејности како рестораните кои имаат слаби врски со глобалната економија, врските сепак се присутни.

„Изгубената работа води до сѐ помала потрошувачка и помал увоз, слабите услови за работење водат до помалку инвестиции во опрема и резерви кои често се произведуваат на друго место“, наведува Ројтерс.

Потсетува дека американскиот увоз од почетокот на годината до крајот на мај е намален на годишно ниво за повеќе од 13 отсто, односно околу 176 милијарди американски долари.

Во Германија, чии мерки за сузбивање на пандемијата се сметаат за едни од најефикасните, извозот во Соединетите Држави во мај падна за 36 отсто во однос на претходната година. Аналитичарите не гледаат поголеми шанси за подобрување, особено поради тоа што американската продажба на автомобили во јуни е за речиси 24 отсто помала од преходната година.

„Тоа е навистина разочарувачко“, вели Габриел Фелбермаер, претседателот на Институтот за светска економија во Кил, во неодамнешно интервју за радио-мрежата Дојчландфунк.

Во Јапонија брзината на опоравувањето се смета за директно поврзана со американскиот успех во сопирањето на вирусот.

„Опоравувањето на Јапонија вистински ќе се одложи ако ширењето на коронавирусот во Соединетите Држави не биде сопрено и извозот во САД од разни азиски земји не порасне“, вели Хидео Кумано, поранешен функционер на јапонската централна банка.

ММФ проектираше дека американскиот БДП оваа година ќе падне за 6,6 отсто, во согласност со проекциите на многу аналитичари.

Банката на Канада е попесимистична и предвидува дека американскиот БДП на годишно ниво ќе падне за 8,1 отсто. Тоа дополнително би ја погодило Канада на која САД и се главниот извозен пазар.

„Би истакнал дека постојат многу неизвесности, а главниот извор на неизвесноста е мутацијата на коронавирусот“, кажа гувернерот на Банката на Канада Тиф Маклем.

На јужната граница Мексико исто така бележи рекордни дневни бројки на нови случаи, а претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор оствари ризична средба со американскиот претседател Доналд Трамп претходно во јули, наведувајќи го како оправдување обидот за заживување на мексиканската економија, која според проценките оваа година би можела да падне за повеќе од десет отсто.

Мексиканскиот претседател се надева дека новиот трговски договор на САД-Мексико-Канада (УСМЦА), кој стапи на сила на 1 јули, ќе ги придвижи бизнисот и инвестициите, но и понатаму расте песимизмот во поглед на перспективата на растот.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе