Потрошувачките цени на месечно ниво забележале раст од 3,54 отсто.
Цените на храната во Турција минатиот месец биле за 99 отсто повисоки отколку во октомври 2021 година, трошоците за живеење пораснале за 85 отсто, а транспортот за 117 отсто, објави турскиот завод за статистика.
Индексот на цените на домашните произведувачи забележал раст од 157,69 отсто на годишно ниво и 7,83 отсто на месечно.
Драматичниот раст на трошоците за живот во земјата од 85 милиони жители продолжува со несмалено темпо речиси две години, заедно со значителната девалвација на националната валута лирата.
Лирата денес главно мирува во однос на доларот и се тргува на ниво од 18,61 за долар. На годишно ниво изгуби над 28 отсто од вредноста кон доларот, а во 2021 година падна за речиси 50 отсто.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не дозволува кревање на клучната каматна стапка, при што инсистира на ставот дека тоа би ѝ наштетило на економијата. Економистите и критичарите, пак, наведуваат дека неговата политика ѝ штети на лирата, дека поттикнува инфлација и ја разгорува валутната криза.
Турската централна банка на 20 октомври ја намали клучната камата за 150 базни поени трет месец по ред, од 12 отсто на 10,5 отсто, и покрај инфлацијата која тогаш изнесуваше над 83 отсто.