Њујорк тајмс

Продавач на автомобили, бивш македонски министер и шема од 45 милиони долари за маски

Американските обвинители обвинија жител на Њу Џерси што бил дел од една чудна екипа што се обидувала да склопи профитабилен договор за да се обезбеди очајно потребната заштитна опрема. Во неа се споменува и бивш македонски министер за странски инвестиции.

Тоа е чудна група од ликови за мултимилионска драма со општински набавки, дури и во хаосот предизвикан од смртоносната пандемија на коронавирусот.

Тука се еден продавач на користени автомобили од Маналапан, Њу Џерси; поранешен министер за странски инвестиции на Македонија и шеф на јавно трговско друштво што планира да го претвора медицинскиот отпад во енергија во Род Ајленд, вели Њујорк тајмс. А има и сопственик на патент за уред дизајниран за откривање оштетени парцели.

Сепак, уште почудно е тоа што се чини дека имаат слабо искуство во склучување општински договори, или во добивање, тргување или испорака на она за што документите и запознаените луѓе велат дека се обидувале да го продадат во Њујорк: милиони Н95-респиратори од марката 3М, кои на градот очајно му биле потребни за здравствените работници, полицијата, болничарите и други.

Така, можеби не изненадува тоа што договорот завршил лошо, пропаѓајќи пред да биде предадена ниту една маска или пара, вели американскиот весник, а најлошо завршил за дилерот на користени автомобили Роналд Џеј Романо (58), кој беше уапсен во вторникот во неговиот дом во Маналапан и обвинет за финансиска измама и заговор за измама во врска со кривична пријава од три точки во Окружниот суд на САД во Менхетн.

Романо е обвинет за обид за измама на градот за 45 милиони американски долари додека заразените од ковид-19 брзо се зголемуваа. Романо се претставувал како овластен дилер на марката 3М и понудил да му продаде на градот седум милиони маски за повеќе од 400 проценти маржа од наведената цена. Романо сега е ослободен со кауција од 200.000 американски долари.

Истрагата почнала минатиот месец откако 3М поднесе тужба против компанијата на г. Романо, „Перформанс саплај“, обвинувајќи го, меѓу другото, за лажно тврдење дека е овластен дистрибутер на мошне бараните 3М-маски, вели Њујорк тајмс.

Кривичната пријава од 25 страници против Романо се однесува и на неколку соучесници во измамата и „брокери“ вклучени во зделки за заштитна опрема. Документот не ги идентификува по име, но дава детали што ги откриваат нивните идентитети, кои биле потврдени од лице запознаено со случајот.

Меѓутоа, тужбата насликува мрачна слика на напорите на Романо да набави и да продаде опрема за која не бил овластен да ја продава, со помош на неговите соучесници и брокери.

Едно лице во жалбата идентификувано како соучесник, врз основа на дадените детали, е Глигор Ташкович, поранешен министер за надворешни инвестиции за Македонија, кој работеше во индустријата за финансиски услуги и во моментов е со компанија наречена Д.А. Меѓународна група, според неговиот профил на Линкдин, вели Њујорк тајмс.

Ташкович дискутирал со Романо за продажба на маски во градот, велат документите и луѓе што се запознаени со случајот.

На 24 март, на пример, Ташкович му пратил мејл на Романо со тема „размисли за нарачката на градот Њујорк“ и се осврнал на „фактот дека оваа очекувана нарачка за купување е од градот Њујорк“ и вели: „Мислам дека ова ќе биде адутот што може да ги натера да му дадат приоритет на ова“.

Адам С. Кауфман, адвокатот на Ташкович, рече дека неговиот клиент не е дел од никаква измама и дека соработувал со владината истрага, доброволно давајќи информации и материјали.

„Г. Ташкович му верувал на бескрупулозниот снабдувач со кого го запознал близок пријател“, рече Кауфман. „На крајот на краиштата, г. Ташкович се откажа од договорот пред да бидат разменети средства кога снабдувачот одби да ги достави бараните информации.“

Никој друг не беше обвинет во вторникот, вели Њујорк тајмс. Истрагата продолжува.

Објавено

Среда, Мај 27, 2020 - 13:02

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе