Трговците денес нестрпливо го очекуваа состанокот на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници во Виена на кој се одлучуваше за производната политика. Заедничкиот министерски одбор за мониторинг (ЈММЦ) договори производството од ноември да биде намалено за два милиони барели дневно во однос на референтната вредност, соопштија три извори од ОПЕК+.
Тоа значи дека намалувањето сепак ќе биде поскромно бидејќи групата во август заостануваше зад целеното производство околу 3,6 милиони барели дневно, толкува Ројтерс. Сè уште не е јасно дали таа бројка го вклучува и евентуалното доброволно намалување на производството во некои членки од организацијата.
Некои аналитичари тврдат дека ОПЕК+ всушност само официјално го потврдува и онака намалениот обем на производство во изминатите месеци. „Реалните последици на намаленото производство ќе бидат поблаги бидејќи некои членки не успеваат да ги реализираат производните квоти“, смета Фиона Синчота од Сити индекс.
ОПЕК+ со денешниот потег ја отфрли сугестијата на Вашингтон да не го намалува значително производството. На американскиот претседател Џо Бајден не му одговара растот на цената на бензинот пред изборите за Конгресот кои ќе се одржат на 8 ноември.
Бајден цела година се обидува да ја намали цената на бензинот, која по скокот во март опаѓа, што неговиот кабинет го претстави како големо достигнување.
Соединетите Американски Држави мора да бидат помалку зависни од ОПЕК+ и останатите странски произведувачи на нафта, кажа портпаролот на Белата куќа Џон Кирби по средбата на групата.