На лондонскиот пазар цената на барелот скокна за 3,41 долар во однос на претходно затворање и изнесуваше 42,86 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 3,57 долари повисока цена, од 40,71 долар.
Пазарите ги размрда објавата на фармацевтските компании дека нивната вакцина за ковид-19 е 90 отсто ефикасна, според првите резултати на третата фаза клинички тестирања.
„Првите резултати од тестирањето на вакцината против ковид-19 во третата клиничка фаза ги потврдија почетните заклучоци за капацитетот кој нашата вакцина го има во спречувањето на развојот на болеста ковид-19“, објавија двете компании.
„Цените на имотите реагираат побрзо од реалната економија, а нафтата остана ризичен имот и денес реагираат позитивно на веста за вакцината на Фајзер“, објасни аналитичарот на француската банка БНП Парибас Хари Чилингуријан.
Дополнителен поттик на цените им даде изјавата на саудискиот министер за нафта принцот Абдулазиз бин Салман дека водечките произведувачи на нафта би можеле да го прилагодат договорот за ограничување на снабдувањето доколку биде постигнат консензус.
Министерот таа можност ја наведе во одговорот на прашањето дали Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузнички ќе го продолжат договорот за ограничување на снабдувањето и по јануари 2021.
ОПЕК+ во моментов го намалува снабдувањето за 7,7 милиони барели дневно, а од јануари следната година би требало да го ублажи кратењето на 5,7 милиони барели дневно.
Клучните произведувачи во составот на ОПЕК во моментов се обидуваат да проценат какви се шансите новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден да ги ублажи санкциите против Иран и Венецуела, што би значело поголемо производство на нафта и потешко одржување на рамнотежата меѓу понудата и побарувачката.
„Победата на Бајден на претседателските избори ги зголемува шансите за враќање на иранската нафта на пазарот, но тоа нема да се случи преку ноќ, во секој случај не пред крајот на 2021 година, односно почетокот на 2022, според нашата актуелна проценка“, напишаа аналитичарите на ИНГ во белешката до клиентите.