На лондонската берза цената на барелот порасна за 4,2 отсто или 2,83 долари во однос на претходното затворање и изнесуваше 69,08 долари, откако претходно денес достигна 69,50 долари.
На американскиот пазар цената на барелот порасна за 2,53 долари или 4,1 отсто, на 63,71 долари, а нешто претходно се искачи на највисокото ниво од април минатата година, од 64,09 долари.
Состојбата во Ирак е заострена по воздушниот напад во Багдад и убиството на моќниот ирански генерал Сулејмани и командантот на шиитските милиции Абу Махди ал Мухандис. Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи и претседателот на Иран Хасан Рохани ветија дека ќе се одмаздат за смртта на генералот, кого САД го сметаат за терорист и одговорен за смртта на стотици американски војници.
„Очекуваме судирите од умерено до ниско ниво да раат најмалку еден месец и веројатно ќе останат ограничени на Ирак. Исто така е веројатно Иран да продолжи да ги попречува комерцијалните пловења во Персискиот Залив, а можеби ќе почне и воени вежби и привремено ќе го блокира поморскиот сообраќај“, вели иранскиот аналитичар на Евроазија Анри Роме.
Сите нафтени полиња во Ирак нормално функционираат, а нападите не влијаеја врз производството и извозот на нафта, соопшти ирачкото министерство за нафта и додаде дека работниците од други националности не заминуваат.
„Со понатамошна ескалација, која е веројатна, очекуваме задржување на барем некаква премија на ризикот“, наведува Џеј-би-си енерџи.
Елитните единици Кудс на Сулејмани и единиците под нивна контрола во Ирак, Либан и Јемен имаат доволно средства за повеќекратен одговор.