Меѓународна новинарска истрага: некои големи светски банки испрале огромни суми пари

Астрономски износи валкани пари со години минувале низ најголемите светски банкарски институции, откри истрага на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) кој го осуди недостигот од контрола на тој сектор.

EPA-EFE

„Заработките од крвавите војни против дрогата, проневерените имоти во земјите во развој и украдените тешко стекнати заштеди во рамки на штедачките пирамиди можеле да влезат во тие финансиски институции и да излезат од нив, и покрај предупредувањата на вработените на банките“, се наведува во истрагата која ја воделе 108 меѓународни медиуми од 88 земји.

Истрагата се темели на илјадниците извештаи за сомнителни активности кои на службите на финансиската полиција на американското министерство за финансии, Финсен, му ги испратиле банки од целиот свет.

„Тие документи кои ги составиле банките и ги споделиле со владата, но далеку од очите на јавноста, ги откриваат дупките на банкарските гаранции и леснотијата со која криминалците ги искористувале“, истакнува американски Базфид њуз во воведот на својата истрага.

Тие документи се однесуваат на 2.000 милијарди доларски трансакции, кои циркулирале меѓу 1999 и 2017 година.

Истрагата укажува на пет големи банки, Џејпи Морган Чејс, ХСБЦ, Стандард чартерд, Дојче банк и Банк оф Њујорк мелон, обвинети дека продолжиле да префрлаат средства на осомничени криминалци, и тоа и откако против нив биле отворени процеси или откако биле осудени за финансиски прекршоци.

На крајот на истражувањето Базфид наведува дека мрежите со кои валканите пари патуваат низ светот „станале витални артерии на светската економија“.

Во соопштението на Дојче банк се наведува дека податоците на ИЦИЈ се „добро познати“ информации на нивните регулатори и дека посветиле значителни износи за јакнење на своите контроли и почитување на своите одговорности и обврски.

Истрагата укажува и на немоќта на американските власти во регулацијата на тие трансакции.

Во соопштението објавено пред објавата на истрагата финансиската полиција предупреди дека објавувањето на извештајот за сомнителните активности е „злосторство кое може да има влијание врз националната безбедност на Соединетите Американски Држави“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе